Од оваа недела САД префрлија 10 борбени авиони Ф-35 во Порторико, заедно со три беспилотни летала MQ-9. Повеќе од 4.500 маринци и морнари се сместија во Јужната команда на Флорида. Минатата недела претседателот Трамп јавно објави дека овластува тајни операции на ЦИА во Венецуела, а бомбардери Б-52 летаа близу нејзиниот брег. (Од вчера и најголемиот носач на авиони „Џералд Форд“ плови кон Карибите - н.з.). Најмалку пет сомнителни бродови што наводно префрлале дрога, некои со потекло од Венецуела, беа уништени од американските сили во изминатите недели.
На многумина во естаблишментот на надворешната политика не им е јасна фиксацијата на Трамп со венецуелскиот диктатор Николас Мадуро. Трамп тврди дека режимот на Мадуро им нуди засолниште на производители и дистрибутери на дрога. Но, кога Мадуро се обиде да го задоволи - дури и прифати авиони полни со депортирани венецуелски државјани од Америка - Трамп го удвои притисокот. Збунетите аналитичари прашуваат: Што точно се обидува да постигне Трамп?
Ова е фундаментално неразбирање на неговата администрација. Наместо да се фокусира на краткорочните ризици од војна во Венецуела, Трамп поставува прашање од повисоко ниво: Која е поентата да се биде суперсила ако не можете да ги спречите вашите соседи да внесуваат смртоносни дроги и нелегални мигранти преку вашите граници?
Според политиката на Трамп, безбедноста започнува дома. Кога корумпирани лидери ја загрозуваат стабилноста на САД, тие мора да бидат принудени или да го променат своето однесување или да бидат сменети. Ова беше политика на САД во поголемиот дел од 20 век, но не и во изминатите децении. Ја нарекуваат „Рузвелтова последица на Монроовата доктрина“ – воспоставување монопол во регионот заради заштита на интересите на САД.
Ова правило периодично беше користено за да се спречат режими во Куба, Доминиканска Република, Никарагва и Чиле. Неуспехот на инвазијата во Заливот на свињите и плановите за ликвидација на Фидел Кастро придонесоа да се заборави на Рузвелтовата последица. Либералниот интернационалистички поредок по Студената војна дополнително ја обесхрабри употребата на тврда моќ за соборување режими непријателски настроени кон американските интереси. Но, во 2025 година, администрацијата на Трамп се чини решена да го врати.

Поради комбинација од лошо управување и корупција, Венецуела, некогаш најбогатата нација во Латинска Америка, сега е во економски хаос, со инфлација од 682%. Поради ова секој трет жител ја напуштил земјата во изминатите десет години. Извозот на нафта - основата на економијата - се намали за две третини од 2012 година. Мадуро е безбеден сè додека зад себе ја има војската, но таа не контролира голем дел од земјата.
Ова е проблем за САД. Режимот на Мадуро директно им штети на американските интереси, но општеството е еродирано до таков степен што промена на режимот може да резултира со уште поголем хаос, па и граѓанска војна - исходи што исто така им штетат на американските интереси.
Тешко е да се знае каде ќе оди спорот Трамп-Мадуро од тука. Но, причините се многу подлабоки од дистрибуцијата на дрога или трговијата со луѓе. Тоа е сигнал до светот, а особено за Латинска Америка, дека политиката на Вашингтон кон Америка се променила. Поточно, се врати од политика на здраво занемарување во активна одбрана на американските интереси. САД ќе им помага на своите пријатели, а ќе ги гони непријателите.
Џон Маско, Unherd
******
Види и: Трамп нареди операции на ЦИА во Венецуела
Трамп бара воена интервенција против наркокартели во странство