Ноќ на долгите дигитални ножеви

Твитер трајно го отфикари Трамп

Како што нападот на кулите близначки беше искористен како преттекст за повеќедецениска инвазија на Авганистан, како што лажните наводи за хемиското оружје на Садам беа употребени како алиби за окупација на Ирак, се предупредуваше дека безумниот упад во Капитол ќе биде увертира во 'новото нормално' - сеприсутна полиција на мислите и говорот при што моќни приватни компании ќе суспендираат политички неподобни ликови и идеи. Лично Доналд Дамб е најмала секирација.    

Актуелниот демократски избран претседател на САД, Доналд Трамп доби трајна суспензија на Твитер, заради „ризик од понатамошно разгорување насилство“, соопшти компанијата.

Одлуката била донесена по внимателно разгледување на последните твитови (комада два) од сметката на @realDonaldTrump откако таа беше вратена „во живо“ после 12 часовна блокада и бришење на неколку твита.

Фејсбук донесе слична одлука и реши да го блокира профилот на Трамп на неодредено, барем до инаугурацијата на Бајден, по што ќе ги разгледале понатамошните чекори. 

Твитот на Трамп во кој началството видело закана од понатамошно разгорување на насилството гласи вака:

„75-те милиони големи американски патриоти кои гласаа за мене, „AMERICA FIRST“ и „MAKE AMERICA GREAT AGAIN“, ќе имаат ОГРОМЕН ГЛАС во иднината. Тие не смеат да бидат омаловажувани или нефер третирани на кој било начин и во која било форма!!“

Во следниот твит, Трамп најави дека нема да присуствува на инаугурацијата.

Твитер вели дека ваквите обраќања од голем број негови поддржувачи биле доживеани како продолжување на тврдењата дека изборите биле нелегитимни и дека и двата твита се косат со нивната политика против глорификација на насилството.

Истиот ден платформата го блокираше и конзервативниот радио водител Раш Лимбо и неколкумина познати лојалисти на Трамп, поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин и адвокатот Сидни Пауел.

Освен на Фејсбук, Трамп на „неодредено време“ е суспендиран и на Снепчет и Твич. Гугл ја суспендираше апликацијата „Парлер“ која се нудеше како „слободарски конкурент на Твитер“, на Редит е скинат форумот „Доналд Трамп“ кој го користеа неговите поддржувачи а Шопифај укина две онлајн продавници за трампови меморабилии.

Чудесии не се случуваат само на интернет. Карлсон Такер од Фокс тврди дека нивниот директен конкурент Сиенен притискал шест големи кабловски оператори во САД да го тргнат Фокс од нивната тв понуда.

***********

„Во паланечкиот протекторат некој дебело се уцвикал. Обвинителството отворило предмет против, против...  Апасиев! За ОЧИГЛЕДНА заебанција пишана на ФБ/твитер. И ете ги, тргнаа бројлерите товени на грантови да пискаат како е тоа фашизам и како дечкото треба да биде набркан од факултет, уапсен, а што да не, и стрелан. Има ваљда нешто примамливо во тоа што кога ќе го прогласиш противникот за фашист, во своите очи автоматски си стануваш антифашист“, пишавме во статијата „Мене, внучко, ме стрелаа“

„Ми се чини дека ваквата унилатерална употреба на корпоративната моќ на Силициумската долина, да оневозможат еден демократски избран претседател да комуницира со милиони негови гласачи и физички да му се забрани да учествува во онлајн дискусија е потажен напад на демократијата отколку неморалноста и нелегалноста на упадот во Капитол“, пред некое време предупреди Брендан О'Нил.

„Додека милиони Американци се претворени во вазали кои мораат да работат на две или повеќе работни места, за ниски надоместоци и дневници, без здравствени и пензиски бенефиции, со малку работнички права и уште помалку опции во животот, на другата страна се случува такво спојување на државната и корпоративната моќ какво што претходно беше видено само во фашизмот“, напиша Глен Гринвалд.

„Тоа што пред некое време го имавме како скеч, се потврдува и со сериозни студии:.колку и да се трудат да звучат како да се на спротивни и непомирливи политички позиции, и задртите крајни десничари и самопрогласените разбудени прогресивци се во суштина слични карактерни профили: дрвачи кои би да ги контролираат другите“, пишавме во статијата „Ист олош во спротивни табори“ 

Полициската бахатост и секојдневното поткопување на претседателските стандарди од страна на Трамп, се само дел од катастрофата. На другиот крај на политичката тезга се случува ова:

„После години одење како по јајца околу фактите, ослободувачко е чувството да се каже дека левицата се има збудалено. Таа е станата кукавичка толпа од добростоечки зависници од социјални медиуми. Твитер Робеспјери кои одат од тема на тема и им ги спалуваат репутациите и кариерите на луѓето со една вознемерувачка лежерност“, во Американското новинарство се самоуништува

„Ако некогаш пензионираните офицери на ЦИА, ФБИ или НСА играа голф или пишуваа внимателно прочистени мемоари, денес тие се на платен список на куќи како CNN или NBC во својство на аналитичари и експерти кои доминираат во вестите и дебатите. А нивната лојалност првенствено е фиксирана за службите кои ги форматирале а не кон јавниот интерес“, во Перверзиите во бракот меѓу службите и медиумите.

Види и:

Како Њујорк тајмс стана Фокс њуз

Фејсбук и Твитер се пример дека полош од државен монопол е само приватен монопол

9 јануари 2021 - 12:36