Во 1996 година, републиканскиот претседателски кандидат Боб Дол се наврти на Тајм Ворнер заради објавување на хип-хоп стихови се спорни пораки, со што не само што „ја продале душата на ѓаволот“ туку, нели, сакаат и децата да ни ги расипат.
Четврт век подоцна, на брановите на самопрогласената прогресивност се бара цензурирање на филмови и серии затоа што ја портретирале полицијата во позитивно светло. Алиса Росенберг во Вашингтон пост бара полициските филмови ОДМА да се укинат или барем одново да се напишат, со радикално сменета конотација.
И кога ќе сфатите дека денешните наводни прогресивци го фураат истиот пуритански дух кој некогаш беше синоним за бандоглавите десничари, не може да им забележите на оние кои решија да се откажат од „прогресивноста“ (со оглед на тоа кој сè го киднапираше тој термин) како што е Дејв Рубин (види: Како престанав да сум прогресивен?) или Мат Таиби (види: Левото е сега десно).
Нова студија објавена во журналот Хелион дава некои факти кои ги поткрепуваат ваквите пошироки културни опсервации. Истражувачи од Универзитет Квинсленд направиле примерок на американската популација, соодветно стратифициран по клучните био-политички параметри и како прво, решиле да проверат како тој примерок стои во однос на познатиот психолошки триаголник наречен „Црна тријада“ во кој се отсликуваат макијавелизмот, нарцизмот и психопатијата, како клучни карактерни особини типични за тнр токсични ликови.
Од друга страна, не ги занимале доминантните и меинстрим политички позиции (лево -десно, конзервативци-демократи) туку конкретно политичките крајности, она што е алт-рајт и она што е прогресивно и разбудено.
Како прво, и двете групации веруваат дека извесна сила и агресија се адекватни методи за постигнување на нивните идеолошки цели. И генерално, иако сакаат да претставуваат опозитни страни на политичкиот спектар, тие споделуваат фасцинантно слични карактерни особини.
Ова е прво систематска потврда на паралелата за која досега постоеја само анегдотални примери и за чувството кое се добива кога се гледаат нетрпеливи колеги, наапани твитерџии или пак навидум спротивставени медиуми.
„Наспроти нивната дијаметрално различна политичка поза, и тврдата левица и тврдата десница е наполнета со индивидуи кои имаат потреба да го контролираат однесувањето на другите и да привлекуваат внимание кон себе,“ пренесува Заид Џилани коментирајќи ги наодите на студијата.
*******
Види и: