Не преувеличувајте ја заканата од „падобранците“ во Капитол

„Тоа беше грда анти-демократска толпа. Но мене повеќе ме загрижува анти-демократската елита“, пишува Брендан О'Нил, уредникот на Спајкд.

Да расчистиме што тоа се случи минатата вечер во Капитол. Тоа беше напад на толпа на институциите на демократијата. Таа шаренолика збирштина изгледаше гротескно, со нивната Трамп-облека, обоените лица и роговите, но тоа што го направија не е гротескно туку опасно. Тие нелегално влегоа во демократската цитадела на САД, за многумина во светот светилник на демократијата, со јасно изразена намера да спречат мирна транзиција на власта, изгласана од нивните сограѓани. Тоа е сериозен упад во практиките и идеалот на демократијата. 

Но, да расчистиме и што тоа НЕ се случи минатата вечер во Капитол. Тоа не беше фашистички пуч, како што многу пискави, наводно либерални коментатори тврдат. Нивното упадливо зачестено користење на поимот „фашист“ за да го опишат секое политичко движење со кое не се согласуваат, е навреда за разумот и историјата. Ова не беше државен удар, точка. Националната гарда ги заузда кретените, барикадите повторно се дигнаа па дури и нивниот херој, Доналд Трамп, им кажа да си одат дома. Пучот е свесен и организиран обид нелегално да се зграпчи највисоката власт. На овие не им се веруваше дека успеале да се најдат внатре во Капитол. Како деца кога ќе забележат дека нивната продавница за слатки никој не ја чува.

Не беше тоа ни револуција, како што Бајден и други го нарекоа. Освен можеби како пантомима, како косплеј, малку позагреанo издание на историски попаленковци кои за викенди се облекуваат како војници на Американската револуција или Граѓанската војна.

Оспорувањето на тој наратив кој молскавично брзо се изгради околу случувањата во Капитол  - наративот за фашистички пуч, за државен удар предводен од Трамп, за популизмот кој конечно го покажал своето вистинско лице - не е за да се минимизира тоа што се случи. Туку да се разјасни. И да се заземе став контра инфлаторното производство на „закани“ во што учествуваат значајни делови од политичките и културните елити. Нивните хистерични предупредувања за обнова на фашизмот можат да водат единствено кон поголема авторитарна контрола на политичката акција и самиот политички говор.

Тие што вистински веруваат во слободата и демократијата треба да ја погледнат пошироката слика на случувањата од минатата вечер, не како оправдување на анти-демократските кретени и нивното безумно однесување, туку за заштита од анти-демократките реакции на моќните елити; да се осигураме дека тие реакции нема да бидат поголема закана за демократијата отколку самиот настан. А се плашам дека тоа ќе се случи многу бргу.

Во медиумите постои воочлива дискрепанца меѓу дефинициите што се случувашe и фотографиите од самиот настан. Дефинициите беа екстремни, дека ова е фашизам, дека е како 1933 година, шефот на германската дипломатија го спореди тоа со палењето на Рајхстагот, настан кој нацистите го искористија како увертира да дојдат на власт.

Но, фотографиите покажуваа нешто сосема поинакво. Ококорени демонстранти, зачудени како и ние другите што се нашле внатре. На некои фотографии тоа повеќе изгледа како слабо организирана тура по зградата отколку ако пуч. Прават селфија на фотелјата на спикерот, некои се сликаат до статуата на Роналд Реган. Да не се случеше она најнепосакуваното - четири лица ги изгубија животите во нередите - ова некому ќе му изгледаше како лош тајмин на некави „отворени денови на Капитол.“

Важно е да се нотира овој диспаритет бидејќи го потврдува чувството дека во моментов се случува нешто многу политичко. Инфлацијата на закани и лудите тврдења за фашистички пуч се очигледни обиди на политичките и културни елити, нивниот проект да го обвијат во морална важност: на реставрацијата на менаџерската, технократска власт после 4 годишниот популистички експеримент - а тоа е суштинскиот проект во кој е ангажиран Бајден и неговите влијателни поддржувачи - да ѝ се даде сјај на историска ургентност и од тоа да се создаде мисија.

Уште полошо, ваквото градење на наративот ќе им овозможи на елитите да ја ограничат политичката мисла и говор уште повеќе од сега, на база на загриженост од латентен фашизам за што потврда ќе наоѓаат во запаливите идеи и коментари на социјалните мрежи. Веќе можевме да ѕирнеме како ќе изгледа тоа пост-револуционерно задушување  на „насилните“ говори, преку вонредната одлука на Твитер да избришат три твита на Трамп и да му ја блокираат сметката 12 часа.

Ми се чини дека ваквата унилатерална употреба на корпоративната моќ на Силициумската долина, да оневозможат еден демократски избран претседател да комуницира со милиони негови гласачи и физички да му се забрани да учествува во онлајн дискусија е потажен напад на демократијата отколку неморалноста и нелегалноста на упадот во Капитол.

Елитистичките осуди на вандализмот сега звучат шупливо, откако истите тие елити, со недели и месеци одбиваа да ја осудат деструктивноста на протестите последното лето, по убиството на Џорџ Флојд во Минеаполис. CNN „се прослави“ кога жестокото уништување згради и приватен имот го опиша како „главно мирни протести.“ Не може да бидеш разбран сериозно ако имплицитно си давал зелено светло на насилството на БЛМ а сега одеднаш си најсериозно загрижен за насилното лудило во Капитол.

 Брендан О'Нил

7 јануари 2021 - 15:23