ББЦ ги ширел лагите на Хамас

Арапскиот сервис на британскиот јавен медиум во своите извештаи за војната во Газа ги ширел тврдењата на терористичката група и ги минимизирал страдањата на Израелците. Сите извештаи насочени против Израел биле објавувани без соодветни проверки, се пренесувале изјави на лица што ги славеле терористичките напади на 7 октомври, забележува комисијата за контрола.

Уредувачката политика на сервисот на ББЦ на арапски јазик, кој е финансиран и од грант од Министерството за надворешни работи, била пристрасна кон Хамас, иако треба да ги одразува истите вредности како јавниот сервис во целост. 

Им била давана неоправдана тежина на тврдењата на Хамас за бројот на жртви во Газа, за кои е широко прифатено дека се преувеличени за пропагандни цели.

Сега не може да се оспори дека ББЦ помогна да се шират лагите на Хамас низ целиот свет и дека го поттикна антисемитизмот во Британија. По толку сериозни новинарски грешки, раководителите одлучија да ги скријат од јавноста, наместо да ги поправат содржините, изјави Дени Коен, поранешен директор на телевизијата ББЦ.

Пристрасноста на арапскиот сервис на ББЦ е евидентирана во извештајот на Мајкл Прескот, независен советник во Комитетот за уредувачка политика и стандарди (EGSC). Прескот заклучува дека сервисот бил платформа за екстремни антисемитски коментари. 

Новинарот Самер Елзаенен, кој рекол дека „Евреите треба да бидат запалени како што направил Хитлер“ и славел напади врз еврејски цивили, бил пренесен на ББЦ Арабик вкупно 244 пати од ноември 2023 до април 2025 година. Ахмед Алага, кој ги опишувал Израелците како „нелуѓе“, а Евреите како „ѓаволи“ се појавил 522 пати во истиот период.

Спорен е и документарецот „Газа: Како да се преживее воена зона“, во кој наратор бил син на командант на Хамас. Регулаторот за радиодифузија Офком утврди дека филмот е „материјално погрешен“ и ѝ нареди на ББЦ да го повлече и да ги објави наодите.

ББЦ Арабик, кој е дел од Светскиот сервис, се финансира главно преку лиценцата, но добива и поддршка од Министерството за надворешни работи преку грант од програмата World2020, со образложение дека „има клучна улога во поддршката на меката моќ на Британија и во борбата против штетните дезинформации“. Меморандумот укажува дека сервисот го правел токму спротивното. 

Како примери за пристрасноста се издвојуваат многу случаи на спротивставени извештаи на оригиналната и арапската страница на ББЦ за ист настан. Во веста за ракетниот напад врз фудбалско игралиште на границата со Либан во јули 2024 година, во кој загинаа девет израелски деца, арапскиот сервис посветил повеќе внимание на негирањето на Хезболах дека ги истрелал ракетите, отколку на смртта на децата, а следниот ден објави дека Израел го лажирал нападот.

Тешко е да се заклучи нешто друго освен дека третманот на приказната на ББЦ на арапски беше да се минимизираат страдањата на Израел и да се прикаже Израел како агресор, пишува Прескот во меморандумот. 

Во споредбена анализа тој додава дека главната веб-страница на ББЦ имала 19 стории за израелските заложници, а на арапската верзија немало ниту една. На главната страница имало четири критички написи за Хамас, а на арапската ниту една. Но секоја критичка статија кон Израел од главната веб-страница била пренесена на сервисот на арапски. 

******

Види и: ББЦ со Трамп: Сечено, лепено, монтирано
ББЦ прифати одговорност за врската на Хамас со документарец за Газа
Документарецот за Газа кој BBC нејќе да го видите

5 ноември 2025 - 08:58