Глен Гринвалд:

САД имаат сериозен проблем со авторитарноста и тоа нема врска со Трамп

Додека милиони Американци се претворени во вазали кои мораат да работат на две или повеќе работни места, за ниски надоместоци и дневници, без здравствени и пензиски бенефиции, со малку работнички права и уште помалку опции во животот, на другата страна се случува такво спојување на државната и корпоративната моќ какво што претходно беше видено само во фашизмот.

Дали САД воопшто беа демократија во суштинска смисла е предмет на сериозни студии и научни дебати. Многу дискутираната студија од 2014 година (на проф. Мартин Гиленс од Принстон Универзитетот и проф. Бенџамин Пејг од Нортвестерн Универзитетот) заклучува дека економската моќ во САД е сконцентрирана во рацете на мал број американски корпоративни гиганти и мегамилијардери. Оваа концентрација на економската моќ им дава практично неприкосновена политичка моќ во нивните раце (буквално само ним и на никој друг) поради што САД наликлуваат на олигархија повеќе од што било друго:

„Централниот заклучок што произлегува од нашето истражување е дека економските елити и организираните групи што застапуваат бизнис интереси имаат значително и независно влијание врз политиките на американските власти додека масовните граѓански групации или просечните граѓаните, немаат или имаат многу мало влијание. Во таа насока резултатите од студијата го потврдуваат постоењето на теориите за економско-елитна доминација и теориите за т.н. пристрасен плурализам, но не ги потврдуваат теориите за постоење на изборна демократија или за мнозински плурализам.“

Основоположниците на САД секако дека не замислуваа и посакуваа апсолутена економска еднаквост во општеството. Но повеќето од нив стравуваа - долго пред да се појават лоби групите и кандидати суштински зависни од моќните партиски централи - дека доколку економската нееднаквост стане значителна, во тој случај богатство концентрирано во рацете на малкумина, би ја контаминирало политиката и политичкото дејствување, што би придонело кон зголемување на разликите и економската нееднаквост, што пак ќе направи политичките права и правната еднаквост да бидат обична илузија.

Дебатите поврзани со оваа и слични студии од кои произлегуваат заклучоци дека се работи за сериозен проблем, со појавата на ковид 19 и „новата реалност“ целосно застаруваат. За жал предвидувањата се дека сега економско-политичката спрега добива нова димензија. „Новата Ковид реалност“ е комбинација на карантини, ограничување на слободата на движење, масовен трансфер на државни ресурси кон корпоративните елити во форма на „пакет мерки за поддршка на стопанството“ и радикално зголемената зависност од онлајн активности, што се очекува да ги направи корпоративните и технолошки титани неприкосновени во однос на економската и политичката моќ со која ќе располагаат.

Карантините воведени за време на Ковид пандемијата го забрзаа колапсот на мали бизниси низ САД што само уште повеќе ја зајакна моќта на корпоративните гиганти. „Милијардерите го зголемија своето богатство за повеќе од една четвртина (27,5%) во екот на кризата од април до јули, исто како што милиони луѓе ширум светот останаа без работа или се бореа да преживеат преку владините шеми“, објави Гардијан во септември 2020 година. Во студијата објавена од консултантската фирма PwC и швајцарската банка UBC од јули 2020 година се вели:

„Комбинираното богатство на супер-богатите во светот достигна нов врв за време на пандемијата на коронавирусот. Повеќе од 2.000 милијардери ширум светот успеаја да акумулираат богатство во вкупна вредност од околу 10,2 трилиони долари (десет илјади и двеста милијарди долари) до јули 2020, надминувајќи го претходниот рекорд од 8,9 трилиони долари достигнат во 2017 година.

Во меѓувреме, иако точните бројки не се познати, „приближно еден од пет мали бизниси се затворени“, информира Асошиејтед прес и додава: „рестораните, баровите, салоните за убавина и другите услужни дејности со директен контакт со клиентите се најтешко погодени во време кога Американците се обидуваат да држат дистанца едни од други “.

Во студија на Брукингс институтот од декември 2020 година се вели дека Амазон и Волмарт имаат остварено зголемување на добивката во висина од неколку милијарди долари за време на пандемијата и скоро ништо од тоа не споделија со своите вработени кои работат во услови на зголемени здравствени ризици. Најголемиот дел од тој профит заврши кај основачите и акционерите во овие компании – додека за работниците нема ништо.

Овие компании т.н. ковид „победници“, не се класични победници на слободниопт пазар на капитализмот. Напротив, овие компании се приматели на огромни износи на финансиска и друга помош од Владата на САД, која пак истите ја контролираат преку ангажирање на армии лобисти и донации во политичкиот спектар во САД. Овие лобисти и политичари „приматели“ на донации потоа во континуитет интервенираат на пазарот во корист на ваквите корпорациите. Ова не е капитализам на слободниот пазар што ги наградува иновативните компании, туку капитализам каде големиот капитал ја злоупотребува моќта на државата да ги уништува малите конкуренти, да ги наградува гигантите со сè поголемо богатство и моќ. Притоа милиони Американци се претворени во вазали, кои во најдобро сценарио ќе мора да работат на две или повеќе работни места, за ниски надоместоци и дневници, без здравствени и пензиски бенефиции, малку работнички права и уште помалку опции во животот.

Оние што најмногу треба да се згрозат од овој исход не треба да бидат оние со социјалистички убедувања и кои се залагаат за социјална држава, туку овие кои веруваат во капитализмот: затоа што ваквиот начин на делување е класично спојување на државната и корпоративната моќ --- исто така познато како белег на фашизмот во неговиот најформален израз - што го злоупотребува мешањето на државата на пазарите за да се консолидира и централизира авторитетот во мал грст актери со цел да ги обесхрабри сите други.

Овие трендови беа веќе видливи пред почетокот на пандемијата, но се забрзаа над очекувањата - односно на начин на кој само може да се сонува – преку воведувања масовни карантини и ограничување на движењето, затворања на малите бизниси, воведување на продолжени изолации и слабо маскирана државна помош за најбогатите корпорации во форма законска финансиска поддршка заради пандемијата.

Она што е најопасно од сè, во оваа новонастаната ковид реалност, е што најголема корист од овие рапидни промени имаат гигантите од Силициумската долина, од кои три – Фејсбук, Гугл и Амазон - сега се класични монополи во економска смисла. Досега многу е пишувано за тоа дека личното богатство на основачите и директорите – Марк Закерберг, Џеф Безос и Сундар Пичај – вртоглаво се зголемија за време на пандемијата, но она што е позначајно а на што не се посветува доволно внимание е огромната и досега невидена реална моќ што ја имаат овие компании за ширење и споделување на политичките информации и вести, како и при водењето на националните политички дебати. Уште помалку се знае и говори за тоа како се (зло)употребуваат огромните податоци за секој од нас, со кои овие компании располагаат врз основа на набљудување на нашето онлајн однесување и интернет навики.

Владините уредби за ограничување на движењето и престојување дома, карантинот и социјалната изолација во пракса значат дека се повеќе Американци, повеќе од кога било досега, се потпираат на компаниите од Силициумската долина да ги задоволат основните животни потреби и да ги извршуваат работните активности. Сè повеќе се прават нарачки онлајн од Амазон или Волмарт отколку што се купува од локалните супермаркети; сè почна со одржување состаноци преку интернет наместо средби во канцеларии; постојано се користи Google за навигација и комуникација; се потпираме на социјалните медиуми за добивање информации за случувањата во земјата и светот. Во услови на намалени и ограничени граѓански права заради ограничувањата поврзани со ковидот, на досега невидени нивоа се зголемува зависноста на популацијата за услугите на технолошките гиганти. Поради ова вртоглаво растат богатството и моќта на овие компании, но и нивната желба и спремност да ги контролираат политичките и јавни дебати, вклучително и преку контрола и ограничување на пристапот до информации.

Дека Фејсбук, Гугл и Твитер ќе вршат сè поголема контрола врз политичките изразувања на Американците, не е спорно. Она што е најзачудувачки (и алармантно) е тоа што тие не ги користат толку овие можности сами, колку што натаму биваат водени, од страна на дел од јавноста - составена пред сè од корпоративните мејнстрим медиуми и американски либерали од естаблишментот - кои веруваат дека примарниот проблем на социјалните медиуми не е прекумерната цензура, туку недоволната цензура.

Како што еден демократски сенатор (Ед Маркеј) му рече на Марк Закерберг пред Сенатот во октомври 2020 година: „Проблемот не е во тоа што вашите компании симнуваат пораки/постови од корисниците, туку дека премногу „опасни“ пораки/постови сè уште стојат објавени“.

Глен Гринвалд

**************

Види и:

Цензурираниот текст за Бајден заради кој Глен Гринвaлд даде отказ во Интерсепт

Фејсбук и Твитер се пример дека полош од државен монопол е само приватен монопол

31 декември 2020 - 11:36