Америка влегува во нов Макартизам

САД ги зафаќа трет бран од „црвена паника“, овојпат не од Советскиот сојуз туку од Кина. Секој вработен во фирма која има некаков кинески капитал, мора да влезе во регистер на „странски агенти“. А такви се Моторола, Генерал Електрик, Епик Гејмс... Сомнителен е секој контакт или врска со Кина, макар се работело за научно истражување.     

Во американските сојузни држави се носат серија анти-кинески закони за кои критичарите предупредуваат дека би можеле да навлезат во слободата на говорот и да предизвикаат политички мотивирани казни.

Иако се формулирани како напори за ограничување на кинеското влијание, застапниците за граѓански слободи тврдат дека законите носат обележја на нов Макартизам кој е поттикнат од новосоздадени организации со црни - или барем сиви - пари.

„Честопати има фер дебата за влијанието на Кина“, вели Џејмс Черњавски, раководител на политиката за нови технологии во Центарот за избор на потрошувачи. „Но, мојата поголема загриженост е што државите даваат зелено светло за втор „Страв од црвените“.

Две непрофитни организации со нетранспарентни извори на финансирање, „Стејт Шилд“ и „Стејт Армор“ ја разгоруваат ваквата  законодавната лудост. Се работи за нови играчи, основани во 2024 и 2023 година кои ги има насекаде во законодавните институции во државата, барајќи нови регистри за странски агенти, далеку поригорозни од сегашното решение.

Бараат казни од 50.000 долари за Американците кои нема да се регистрираат или депортација ако се странци. А како странски агент треба да се регистрира секој вработен во компанија која макар делумно има кинески капитал, на пример Моторола, Леново, Генерал електрик, Епик гејмс или Валдорф Асторија. 

Анти-кинеските иницијативи се омилени кај законодавци кои сакаат да се удираат во патриотските гради и да мавтаат со знаменца, пишува Интерсепт. 

Во меѓувреме, Конгресот започна истраги за универзитетите кои соработуваат со кинески истражувачи или патуваат во Кина за да присуствуваат на научни конференции.

„Кина е магичниот збор овие денови“, опишува Черњавски.

31 октомври 2025 - 13:09