Европскиот омбудсман постапува по жалба од Опсерваторијата за корпоративна Европа, која го испитува лобирањето. Невладината организација ја обвини Комисијата дека ја крие содржината на состаноците со групациите Бизнис Европа и Европската тркалезна маса за индустрија (ЕРТ).
Средбите биле посветени на „омнибус агендата за поедноставување“ - серија предлози за намалување на бројот на регулативи што компаниите мора да ги следат. Состаноците се документирани, но Опсерваторијата се жали дека белешките за дискусиите се штури и без детали.
Жалбата се однесува на записникот од состанокот во мај помеѓу луѓе од кабинетот на еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис и Европската тркалезна маса за индустрија. Во извештајот е забележано: „ЕРТ се распраша за предлозите во врска со првиот омнибус предлог. Шефот на кабинетот даде преглед на состојбата.“
Комисијата не обезбеди какви било дополнителни документи за состанокот, што оправдува отворање истрага. Комисијата мора да одговори на жалбата до 12 ноември. Ако не го стори тоа, ќе ги разгледаме документите за кои станува збор, изјави портпарол на Омбудсманот.
Невладината организација тврди дека Комисијата одржала повеќе од 600 индивидуални состаноци со лобисти за планот за отфрлање голем број регулативи. Жалбата, исто така, го оспорува новиот пристап на Комисијата за отвореноста на состаноците.
Минатата година, во еден од првите потези од вториот мандат, на претседателката Урсула фон дер Лајен, извршната власт на ЕУ го зголеми бројот на состаноци што мора да бидат јавни. Овие обврски сега важат за повеќе од 1.500 службеници, не само за највисоките функционери.
Комисијата тврди дека не ја прекршила транспарентноста.
Разговараме со сите, со работници, со бизниси и со граѓани, бидејќи така се донесуваат добри закони. Секоја мерка беше предмет на проверка преку утврдените релевантни правила, изјави портпарол, без да навлегува во детали.