Цензурираниот текст за Бајден заради кој Глен Гринвaлд даде отказ во Интерсепт

Глен Гринвaлд е новинарот кој во 2013 за Гардијан објавува дел од тајните документи што ги добива лично од Едвард Сноуден. Тој подоцна си заминува од Гардијан и го ко-основа левичарскиот Интерсепт. Гринвaлд објави дека поднел отказ во Интерсепт откако тамошното уредништво одбило да му објави текст кој бил негативен за Бајден.

Уредништвото на Интерсепт го условува Гринвaлд да ги отстрани сите делови од текстот кои се негативни за Бајден, доколку сака текстот да се појави во Интерсепт. По неколку дополнителни натегања меѓу двете страни кои не решаваат ништо, Гринвaлд го повлекува текстот и дава оставка во медиумот што го ко-основаше пред неколку години.

Целиот текст го објавува на својот Сабстак блог, со напомена дека ова е „последна драфт верзија која ќе минеше уште еден круг на уредување од мене - за да се скрати, да се поправат печатни грешки итн - меѓутоа важно е заради интегритетот на тврдењата да се објави драфтот во непроменета форма  во која уредниците на Интерсепт последен пат го видоа и порачаа дека тие нема да го 'уредуваат' туку комплетно ќе го искасапат како услов за негово објавување.“

НАСЛОВ: ВИСТИНСКИОТ СКАНДАЛ: АМЕРИКАНСКИТЕ МЕДИУМИ КОРИСТАТ НЕВИСТИНИ ЗА ДА ГО ОДБРАНАТ ЏО БАЈДЕН ОД МЕЈЛОВИТЕ НА ХАНТЕР

Мејловите од лаптопот на Хантер Бајден што пред две недели ги објави Њујорк пост, а се однесуваат на делувањето на Џо Бајден во Украина, и последователните текстови од други медиуми околу бизнис можностите што семејството Бајден ги бара во Кина, испровоцираат извонредни напори од де факто синдикатот на медиуми, гигантите од Силициумската долина и разузнавачката заедница за да се потиснат овие стории.

Еден исход од ова е што кампањата на Бајден заклучи, рационално, дека нема потреба водечкиот претседателски кандидат да одговори дури и на најосновните и релевантни прашања што произлегуваат од овие материјали. Наместо да го осудат Бајден што ги игнорира овие прашања -- што е природен инстинкт на здравите медиуми кога се во прашање претседателски избори - новинарите наместо тоа ги предводеа напорите за изготвување на оправданија за да се оправда неговиот молк.

По првиот текст на Њујорк пост, и весникот и останатите медиуми објавија бројни други мејлови и текст пораки кои наводно беа напишани до и од Хантер и ги отсликуваа неговите напори да го поттикне својот татко да преземе мерки од позиција на потпретседател на САД кои ќе бидат во корист на украинската компанија Бурисма, во чиј борд на директори член беше самиот Хантер за надомест од 50.000 долари месечно, како и предлозите за привлечни бизнис зделки во Кина во кои се тргуваше со влијанието на неговиот татко.

Поединци кои беа вклучени во некои од меил преписките ја потврдија автентичноста на мејловите. Еден од поранешните бизнис партнери на Хантер, Тони Бобулински, излезе и во јавност ја потврди автентичноста на голем број од мејловите и инсистираше дека Хантер заедно со братот на Џо Бајден, Џим, планираат да го вклучат поранешниот потпретседател во најмалку една зделка со Кина. И анкетарот на Републиканците, Франк Лунц, кој се појавува во една од објавените меил преписки, исто така ја потврдува нивната автентичност, иако тој одбива да одговори на дополнителни прашања околу истото.

Сепак до сега Бобулински не дава ниту еден доказ дека Бајден некогаш го остварил своето учество во која било од разговараните зделки. Вол стрит журнал објави дека не откриле никакви корпоративни записи што покажуваат дека договорот бил финализиран и дека „текст пораките и мејловите поврзани со оваа зделка кои биле обезбедени од Бобулински, главно од пролетта и летото 2017, не покажуваат дена ниту Хантер, ниту Џејмс Бајден разговараат за улога на Џо Бајден во овие зделки.“

Меѓутоа никој не ни тврдеше дека таквите зделки се остварени - па заклучокот дека тие не се остварени не ја негира сторијата. Дополнително дел од пораките и мејловите чија автентичност не е оспорена, тврдат дека Хантер бил непопустлив околу тоа дека која било дискусија за вклучувањето на потпретседателот треба да се води само вербално и никогаш ништо да не биде ставено на хартија.

Освен тоа, колумнистката на Вол стрит журнал, Кимберли Страсел, ги разгледала документите и открива „дека кореспонденцијата ги потврдува и дополнува мејловите неодамна објавени од Њујорк пост,“ вклучително и оние во кои Хантер инсистира дека токму врската со неговиот татко е најголемата награда што ја посакува кинескиот конгломерат со кого тој преговара. Њујорк тајмс во неделата стигна до сличен заклучок: иако ниту еден документ не покажува дека таква зделка била остварена „документите приложени од г-дин Бобулински покажуваат дека во 2017, Хантер Бајден и Џејмс Бајден се вклучени во преговорите околу заедничка зделка со кинеската енергетска и финансиска компанија по име ЦЕФЦ Чајна енерџи“ и „и јасно покажуваат дека Хантер Бајден го смета семејното име за вреден посед, гневно наведувајќи го своето 'семејство како бренд' како основа за неговата вредност во предложената зделка“.

Овие документи исто така покажаа, пишува Тајмс „дека државите кои Хантер Бајден, Џејмс Бајден и нивните соработници ги таргетирале за овие зделки се преклопуваат со државите во кои Џо Бајден претходно беше вмешан како заменик-претседател.“ Страсел забележува дека „документот со 'очекувања' од мај 2017 покажува дека Хантер добил 20% удел во зделката и држел уште 10% за 'големиот' - за кого Бобулински тврди дека е Џо Бајден.“ А независниот новинар Мат Таиби објави текст во неделата со обемна документација која наведува дека обидите на Бајден да го смени украинскиот обвинител во 2015 биле во корист на Бурисма.

Сите овие материјали, чија автентичност никогаш не беше оспорена од Хантер Бајден или од кампањата на Бајден, покреваат важни прашања за тоа дали поранешниот потпретседател и сегашен водечки претседателски кандидат бил свесен за напорите на неговиот син да го продава за профит влијанието на потпретседателот, а исто така и дали потпретседателот ја искористил својата позиција намерно, или барем делумно, во корист на бизнис соработниците на неговиот син. Меѓутоа во двете недели откако Пост ја објавува првичната сторија, сојуз на најмоќните ентитети на земјава, вклучително и медиумите, преземаа исклучителни мерки за заматување и закопување на овие прашања наместо да се обидат да им обезбедат одговор на истите.

Првичните документи, тврди Њујорк Пост, се од лаптопи оставени во сервис во Делавер, откако на нив е истурена вода, и никогаш не се подигнати, што му дозволило на сопственикот на сервисот да пристапи до содржините а потоа да им ги предаде и на ФБИ и на адвокат кој работи за советникот на Трамп, Руди Џулијани. Сопственикот на сервисот ја потврди оваа сторија во интервјуа со медиумите а потоа (под закана од казна) и пред комитет на американскиот Сенат; тој исто така приложи и документ наводно потпишан од Хантер. Ниту Хантер ниту кампањата на Бајден ниту еднаш не ги негираат овие тврдења.

Објавувањето на првичната сторија на Њујорк Пост испровоцира крајно невообичаена кампања за цензурирање од Фејсбук и Твитер. Фејсбук, преку долгогодишен поранешен оперативец на Демократската партија, вети дека нема да го дозволи објавувањето на сторијата додека не заврши „проверката на факти“ од која се уште нема јавен заклучок. И додека ЦЕО-то на Твитер Џек Дорси се извини за начинот на кој Твитер реагираше со цензурирањето и ги измени правилата кои доведоа до блокирање на сите линкови до сторијата, Њујорк пост, четвртиот по читаност весник на САД, и понатаму не може да и пристапи на својата Твитер сметка, и да објавува пред самите избори, и тоа веќе речиси две недели.

По иницијалната цензура од Силициумската долина, чија работна сила и олигарси донираа речиси целосно на кампањата на Бајден, токму националните медиуми и поранешните ЦИА и други разузнавачи ја преземаа топката и тргнаа во конструирање на причините зошто оваа сторија треба да биде отфрлена или барем третирана со понижување. Како што е вообичаено за ерата на Трамп, темата која стана главна за постигнување на оваа цел беше неиздржаното тврдење дека Кремљ е одговорен за оваа сторија.

Бројни медиуми, вклучително и Интерсепт, побрзаа да цитираат писмо потпишано од поранешни ЦИА оперативци и други агенти на безбедносниот апарат кои тврдат дека документите ги имаат „класичните обележја“ на „руска дезинформациска“ завера. Меѓутоа, како што медиумите па дури и разузнавачките агенции сега полека признаваат, не е претставен ниту еден доказ кој може да го поткрепи ова тврдење. Во петокот Њујорк тајмс објави дека „не се појави никаков конкретен доказ дека лаптопот содржи руски дезинформации“ и весникот тврди дека дури и ФБИ „признаа дека немаат најдено никакви руски дезинформации на лаптопот“.

Вашингтон пост во неделата објави колумна -- од Томас Рид, еден од оние центристички естаблишмент професори кои медиумите рутински ги користат за да обезбедат фасада на експертско одобрување на пореметени теории на заговор -- што ја содржеше оваа неверојатна прокламација: „ние мора да ги третираме документите на Хантер Бајден како да се странска разузнавачка операција - иако веројатно не се.“

Дури и во писмото од поранешните разузнавачки оперативци цитирано од Интерсепт и од другите медиуми со цел да се инсинуира дека сето ова беше дел од некаква „руска дезинформациска“ шема, експлицитно се признава дека „ние немаме никакви докази за руска вмешаност“ иако голем број медиуми го имаат изоставено ова клучно признание кога го цитираат писмото со цел да ја претстават сторијата како заговор на Кремљ.

И покрај ваквиот недостаток на докази, кампањата на Бајден ја прифати оваа фраза користена од разузнавачите и медиумите, како мантра за тоа зошто материјалите не треба да бидат дискутирани и зошто тие нема да ги одговараат ни најосновните прашања околу нив. „Мислам дека треба да бидеме многу јасни дека тој само сака да ги засили руските дезинформации“, изјави заменичката менаџер на кампањата на Бајден, Кејт Бедингфилд, околу можноста Трамп да ги спомне мејловите на Бајден за време на последната дебата. Високиот советник на Бајден, Сајмон Сандерс, слично предупреди на Ем-ес-ен-би-си: „ако претседателот реши да ги засили најновите напади против потпретседателот и неговиот единствен жив син, тоа е руска дезинформација.“

Неколкуте меинстрим новинари кои се обидоа да ги дискутираат овие материјали веднаш беа клеветени. За злосторството што ова го спомнала на Твитер уште првиот ден, новинарката на Њујорк Тајмс Меги Хаберман беше трендинг тема цело утро со погрдниот прекар „МАГА Хаберман“. Бо Ериксон од Си-би-ес њуз беше масовно напаѓан дури и од некои од неговите во медиуми за тоа што го прашал Бајден кој е неговиот одговор на сторијата. А самиот Бајден одби да одговори, обвинувајќи го Ериксон за ширење дезинформации.

Стана сеприсутен став во меинстрим новинарството дека е неодговорно, па дури и неетички да се споменуваат овие документ. Уредникот за јавност на Ен-пи-ар (задолжен за проверка на вестите) ја објави оваа неверојатна изјава која е пример за преовладувачкиот менталитет во медиумите, експлицитно оправдувајќи го одбивањето на Ен-пи-ар да ја следи сторијата по основа дека „не сакаме да си го трошиме нашето време на вести кои не се вистински вести... или да го трошиме времето на нашите читатели и слушатели на вести кои се чиста дистракција.“

За се оправда тоа што нејзиното шоу не ја покриваше сторијата, Лесли Стал од 60 минути прибегна кон сосема поинакво оправдание. „Не може да биде потврдена“ изјави новинарката на Си-би-ес кога во интервју беше запрашана од претседателот Трамп околу тоа што нејзината програма не ги обработила документите на Хантер Бајден. Кога Трамп инсистираше дека има повеќе начини за да се потврдат материјалите на лаптопот, Стал едноставно ја повторуваше фразата „не може да бидат потврдено“.

По последната претседателска дебата во четвртокот вечерта, панелот на Си-ен-ен ја исмеа сторијата како премногу комплексна и нејасна за некој да ја следи - што беше пророштво кое само себе се исполнува имајќи предвид дека, како што нивниот новинар Брајан Стелер со гордост забележа, сторијата едвај беше спомената на Си-ен-ен или на Ем-ес-ен-би-си. Како што Њујорк тајмс забележа во петокот: „најголемиот дел од гледачите на Си-ен-ен или на Ем-ес-ен-би-си не би ни имале чуено нешто многу за непотврдените мејлови на Хантер Бајден... пикот на споменување на Хантер на Си-ен-ен беше 20 секунди, а на Ем-ес-ен-би-си беше 24 секунди во еден ден минатата недела.“

Во неделата Кристијана Аманпур од Си-ен-ен едвај се преправаше дека е заинтересирана за какво било новинарство околу сторијата, подбивајќи се за време на интервју со барањето од републиканката Елизабет Харингтон да ја обработат сторијата и да ги потврдат документите, кажувајќи и: „Нема ние да ви ја вршиме вашата работа.“ Гледајте како најмеинстрим новинарката на САД отворено го објавува своето одбивање дури и да размисли што овие документи би можеле да кажуваат за кандидатот на демократите:

Овие новинари се толку очајни да не дознаат. Како што Таиби напиша во неделата околу овој вулгарен прес спектакл: „Моментално изгледа како најмалку заинтересирани луѓе да се етаблираните новински медиуми, ситуација која вообичаено е карактеристична за скапани авторитарни општества“.

Сите овие оправданија и изговори - кои доаѓаат главно од националните медиуми кои само што не станале експлицитни во нивната желба Бајден да победи - послужени во првата седмица по објавувањето на сторијата на Пост за да се создаде конус на молк околу сторијата, и до ден денешен, заштитен штит за Бајден. Како резултат, водечкиот претседателски кандидат знае дека не мора да одговара дури и на најосновните прашања околу овие документи бидејќи најголемиот дел од националните медиуми веќе му дадода сигнал дека нема да го бараат тоа од него; туку напротив, тие ќе создадат одбрана во негово име за тој да избегне дискутирање.

Релевантните прашања за Бајден кои произлегуваат од овие нови вести се очигледни колку и што се важни. Сепак Бајден мораше да одговори на многу малку од нив затоа што тој не беше прашан а и, кога беше, медиумите го оправдуваа неговото одбивање да одговори наместо да го побараат одговорот. Ние испративме девет прашања до неговата кампања околу овие документи, кои јавноста апсолутно мора да ги знае, вклучувајќи:

- дали тој тврди дека кој било од мејловите или текст пораките се измислени (и, ако да, тогаш кои точно);

- дали знае дали Хантер навистина ги оставил лаптопите во сервисот во Делавер;

- дали Хантер некогаш побарал од него да се сретне со директорите на Бурисма и дали го направил тоа;

- дали Бајден некогаш знаел за бизнис зделките во Украина и Кина што ги бркаат неговите син и брат во кои Бајден е претставен како учесник и,

- како Бајден може да го оправда трошењето на толкава енергија како потпретседател на инсистирање да се отпушти јавниот обвинител на Украина, и зошто неговата замена - Јуриј Лутсенко, некој што нема никакво искуство со законот; беше соработник на украинскиот претседател Петро Порошенко; а и самиот има минато на обвиненија за корупција - била прифатлива ако вистинската цел на Бајден била борба против корупцијата во Украина а не во корист на Бурисма или контролирање на украинските внатрешни работи за некоја друга цел.

Иако кампањата на Бајден наведе дека ќе одговори на прашањата на Интерсепт, таа не го направи тоа. Изјавата што ја пуштија до другите медиуми не нуди одговор на ниту едно од овие прашања освен што тврди дека Бајден „никогаш не помислил да влезе во бизнис со своето семејство, ниту во каков било бизнис вон САД.“ До ден денешен, додека кампањата на Бајден ги одекнува неоснованите тврдења на медиумите дека секој што дискутира околу сторијата ги „засилува руските дезинформации“, ниту Хантер, ниту кампањата на Бајден немаат кажано дека мејловите и другите документи -- кои тие и медиумите продолжуваат да ги етикетираат како “руска дезинформација“ - се фалсификат или се автентични.

Кампањата на Бајден очигледно верува дека нема потреба да одговори на кои било од овие прашања благодарејќи на парадата од медиумски оправдувања дадени во негово име, кои крахираат дури при најминимална проверка:

Прво, тврдењето дека материјалот е со сомнителна автентичност или дека не може да се потврди - оправданието што во името на Бајден го дадоа Лесли Стал и Аманпур, меѓу другите - е бесрамно лажно заради повеќе причини. Како некој што известувал за слични обемни архиви во партнерство со бројни медиумски организации низ светот (вклучувајќи ја архивата на Сноуден и Бразил архивата на Интерсепт во изминатата година која покажува корупција меѓу највисоките функционери на Болсонаро) а исто така го покривал известувањето за слични архиви од други медиуми (Панама документите, Викиликс воените дневници од 2010 и Демократските/Подеста мејловите од 2016), мене ми е јасно дека оваа збирка од документи од мејловите на Хантер Бајден е верификуана на начини прилично слични на оние претходно.

Кога имаш архива со толкав обем, еден човек никогаш не може независно да го потврди секој збор и во секој еден документ освен ако субјектот за кој се известува не го потврди тоа однапред и доброволно, што ретко се случува. Во случаи со слични архиви новинарите гледаат да дојдат до доволна верификација за да се создаде високо ниво на новинарска доверба во материјалите. Некои материјали обезбедени од изворот можат независно да бидат потврдени, обезбедувајќи автентичен пристап до изворот на хард-дискот, телефонот или дата-базата. Други страни во мејловите исто така можат да ја потврдат автентичноста на мејловите или текст пораките во кои учествувале. Се истражуваат не-јавните факти што ги содржат документите за да се утврди дали тие одговараат на тоа што документите го одразуваат. Технолошки експерти можат да ги истражат материјалите за да се осигура дека не станува збор за фалсификати.

Ова е процесот што им овозможи на најголемите и најетаблирани медиуми низ светот да известуваат за слични големи архиви до кои е стигнато без авторизација. Во тие случаи, ниту еден медиуми не можеше да го верификува секој збор во секој документ пред тоа да биде објавено. Немаше начин да се докаже спротивното дека извор или некој друг променил или фалсификувал нешто од материјалите. Ова ниво на верификација е недостижно и непотребно. Тоа што е потребно е суштински доказ кој ќе создаде доволно висока доверба во процесот на автентикација.

Документите на Хантер Бајден имаат барем толку верификација како оние во другите архиви за кои масовно беше известувано. Има извори во меил преписката кои потврдија дека објавените мејлови се точни. Архивите содржат приватни фотографии и видеа од Хантер во чија автентичност никој не се сомнева. Поранешен бизнис партнер на Хантер изјави, неотповикливо и пред записник, дека не само што мејловите се автентични туку тие прецизно ги опишуваат настаните, вклучувајќи го и предложеното учество поранешниот потпретседател во најмалку една зделка што Хантер и Џим Бајден се трудат да ја направат со Кина. И, најважно, ниту Хантер Бајден ниту кампањата на Бајден немаат ни сугерирано, а не па да тврдат, дека еден единствен меил или текст порака се лажни.

Зошто е толку важно тоа што Бајденови не тврдат дека мејловите се фалсификат? Затоа што кога новинарите известуваат за масовни архиви, тие знаат дека најважниот дел во процесот на автентикација за веста доаѓа кога субјектите на веста имаат шанса да негираат дека материјалите се автентични. Секако тоа е нешто што некој би го направил ако голем медиум се подготвува да објави, или објавил, измислени или фалсификувани материјали во нивно име; тие ќе речат така со цел да предизвикаат сомнеж околу материјалите, ако не па и за да ја уништат кредибилноста на известувањето.

Молкот на Бајденови можеби не се однесува на прашањето околу автентичноста на материјалите, но кога ќе се надодаде на планината од други докази за автентичноста, тогаш е прилично уверлив: барем еднаков на доказите за автентичност во известувањето за други слично големи архиви.

Второ, често пати повторуваното тврдење од медиумите и ЦИА оперативците дека објавените мејлови и пораки се „руска дезинформација“ беше, уште од почеток, очигледно без основа и непромислено. Ниту еден доказ - буквално нула - не беше претставен што ќе наведе на каква била вмешаност од Русите во ширењето на овие материјали, а не пак дека е дел од некој официјален план на Москва. Како и секогаш, сè е возможно - кога човек не го знае со сигурност изворот на материјалите, ништо не може да се исклучи - меѓутоа во новинарството, потребни се докази пред медиумите да можат валидно да почнат да обвинуваат странски влади за објавувањето на информациите. И никаков доказ не беше преставен. Сепак тврдењето дека ова е „руска дезинформација“ беше објавено од неброени медиуми, телевизии и профили на новинари на социјални мрежи, кои стандардно посочуваат на тврдењата без докази од поранешни ЦИА функционери.

Уште полошо е што „дезинформацијата“ стана дел од равенката на медиумите. Како овие материјали можат да претставуваат „дезинформација“ ако се автентични мејлови и пораки кои се испратени од и до Бајден? Леснотијата со која новинските медиумите, кои треба да бидат скептични кон објавите без докази од разузнавачката заедница која ги обзнани своите тврдења за „руска дезинформација“ е екстремно алармантна. Но тие тоа го направија затоа што инстинктивно сакаа да најдат причина за да го оправдаат игнорирањето на содржината на овие мејлови , па тврдејќи дека Русија е зад нив, и дека материјалите се „дезинформација“ стана нивен плејсходлер се додека не најдат што друго можат да кажат за да го оправдаат игнорирањето на овие документи.

Трето, медиумското брзање да се ослободи Бајден од прашањето дали тој е вклучен во корупција визави Украина и Бурисма се базираше на она што, во најдобар случај, е вистински сомнителна одбрана на поранешниот потпретседател. Добар дел од оваа контроверза се фокусира на агресивните напори на Бајден во времето кога беше потпретседател во 2015 да ја присили украинската влада да го отпушти својот главен обвинител, Виктор Шокин, и да го замени со некој што ќе биде прифатлив за САД, кој излезе дека е Јуриј Лутсенко. Овие настани се неспорни благодарејќи на видео од Бајден како зборува пред толпа како летал до Киев и ги присилил Украинците да го отпуштат Шокин, под закана дека ќе изгубат 1 милијарда долари помош од САД.

Меѓутоа двете поголеми прашања кои одамна произлегоа од овие настани, а неодамна објавените мејлови ги направија уште поитни од кога и да е, се: 1. дали отпуштањето на украинскиот јавен обвинител беше толку висок приоритет за Бајден како потпретседател на САД заради сериозно профитабилната улога на неговиот син на бордот на Бурисма, и 2. ако тоа не беше мотивот, зошто стана толку важно за Бајден да диктира кој ќе биде главен обвинител на Украина?

Стандардниот одговор на прашањето за мотивот на Бајден - даден и од Бајден и од неговите медиумски бранители - е дека тој, заедно со ММФ и ЕУ, сакале Шокин да биде отпуштен затоа што САД и нивните сојузници биле волни да ја исчистат Украина, и тие верувале дека Шокин е недоволно ревносен во борбата против корупцијата.

„Бајден требаше со добро и од позиција на сила да го натера Порошенко да спроведе реформи што западните помагатели на Украина сакаа да ги видат,“ напиша Глен Кеслер во Вашингтон пост во она што Пост го нарекува „проверка на факти“. Кеслер исто така застана зад клучната одбрана на Бајден: дека отпуштањето на Шокин било лошо за Бурисма, а не добро. „САД го сметаа Шокин за неефикасен и задолжен кон Порошенко и корумпираните олигарси на Украина. Посебно Шокин не успеа да спроведе истрага за основачот на Бурисма, Микола Злочевскиј,“ тврди Кеслер.

Меѓутоа овие тврдења не се ни за смеење. САД и европските сојузници не се противници на корупцијата на нивните марионети. Тие се сојузници со најкорумпираните режими на планетава, од Ријад до Каиро, и отсекогаш биле. Од кога САД толку се заложуваат за да осигурат добро владеење во држава што сакаат да ја контролираат? Ако ништо друго, овозможувањето на корупција е клучната алатка што САД ја користат за наметнување сила врз други држави и за отворање на нивните пазари за американски компании.

На страна тоа, ако растечката обвинителска независност и засилувањето на анти-корупциските капацитети навистина се цел за Бајден во неговата намера за отпуштање на главниот обвинител во Украина, како тогаш наследникот на Шокин, Јуриј Лутсенко воопшто може да биде прифатлив? Сепак Лутсенко нема „какво било правно искуство како обвинител,“ кој главно е познат како потрчко на украинскиот претседател Петро Порошенко, и во 2009 беше присилен „да си даде оставка како министер за внатрешни работи откако беше уапсен од полицијата на аеродромот во Франкфурт затоа што бил пијан и го нарушувал јавниот ред и мир“ и „потоа беше во затвор за проневера на пари и злоупотреба на службена положба, иако неговите бранители изјавија дека казната е политички мотивирана.“

Дали ви е и најмалку убедливо дека Бајден би прифатил некој како Лутсенко ако неговиот вистински мотив е да се засилат анти-корупциските обвиненија во Украина? Сепак Бајден го направи токму тоа: тој лично му кажал на Порошенко дека Лутсенко е прифатлива алтернатива и веднаш ја пуштил милијардата долари помош откако неговото назначување било објавено. Кој и да бил мотивот на Бајден кога ја користел неговата моќ како американски потпретседател за да го смени обвинителот во Украина, неговото прифаќање на некој како Лутсенко силно наведува дека тоа не била борбата против корупција во Украина.

А што се однесува на другото тврдење на кое Бајден и неговите медиумски сојузници силно се потпираат - дека отпуштањето на Шокин не било во корист на Бурисма затоа што Шокин не преземал никаква истрага против Бурисма - доказите не го потврдуваат ова.

Точно е дека ниту едни докази, вклучително и новите мејлови, не докажуваат дека мотивот на Бајден да бара смена на Шокин било во корист на Бурисма. Меѓутоа ништо не демонстрира дека Шокин попречува истрага во Бурисма. Всушност, Њујорк тајмс во 2019 објави една од најобемните истраги до ден денешен на тврдењата во одбрана на Бајден околу Украина и отпуштањето на обвинителот, и таму, иако забележува дека „до сега се немаат појавено докази дека поранешниот потпретседател намерно се обидел да го помогне својот син вршејќи притисок за отпуштање на јавниот обвинител,“ новинарите на Тајмс ова го заклучуваат за Шокин и Бурисма:

„Кампањата на Бајден за вршење притисок на крај успева. Обвинителот, долго време мета на критика од други западни нации и меѓународни кредитори, беше сменет од позицијата неколку месеци подоцна.

Меѓу оној што имаше корист од ова беше Хантер Бајден. Помладиот син на Бајден, кој во ова време беше на бордот на енергетската компанија во сопственост на украинскиот олигарх што беше на нишан на отпуштениот обвинител.“

Тајмс додава: „канцеларијата на Шокин ја надгледуваше истрагата на Злочевскиј и неговите бизниси, вклучително Бурисма.“ Наспроти ова, како што велат тие, Лутсенко, замената одобрена од потпретседателот Бајден „првично продолжил да го истражува Злочевскиј и Бурисма, меѓутоа го ослободил од сите обвиненија во рок од 10 месеци од стапување на позиција.“

Па дали или не намерата на Бајден била да сработи во корист на Бурисма преку инсистирањето да се отпушти Шокин, таа заврши во корист на Бурисма имајќи предвид дека крајно неискусниот Лутсенко „го ослободи основачот на Бурисма од сите обвиненија во рок од 10 месеци по доаѓање на позицијата.“

Новиот детален извештај од новинарот Таиби од неделата исто така силно го поддржува овој став дека постоел очигледен антагонизам меѓу Шокин и Бурисма, како тоа дека отпуштањето на украинскиот обвинител било во корист на Бурисма. Таиби кој долги години известуваше од Русија а и понатаму има добри извори во регионот, пишува:

„И покрај негативните вести објавувани за Шокин, нема сомнеж дека за време на неговиот краток мандат имало повеќе активни случаи кои го вклучуваат Злочевскиј/Бурисма. Ова еднаш беше признаено дури и од американски новинар, пред да стане табу тие случаи да се опишуваат без да се користат зборови како 'застарен'. Еве како Кен Вогел го објасни тоа во Њујорк тајмс во мај 2019:

'Кога Шокин стана главен јавен обвинител во февруари 2015, тој наследи неколку истраги во компанијата на Злочевскиј, вклучувајќи и сомнеж за избегнување данок и перење пари. Шокин исто така отвори истрага во обезбедувањето на лиценци за гас во сопственост на Злочевскиј во времето кога истиот беше министер за екологија и природни ресурси.'

Украинските функционери со кои разговарав неделава потврдија дека во тоа време се активни повеќе случаи.

'Имаше различни бројки, ама се движеа некаде меѓу 7 и 14,“ изјави Сергеи Хорбатиук, поранешен прв човек на одделот за специјални истраги во Јавното обвинителство.

'Можеби имаше две или три комбинирани епизоди, а некои веќе беа и затворени, затоа не го знам точниот број.“ Меѓутоа Хорбатиук инсистира дека имало повеќе случаи, најголем дел од нив започнати од Јарема, но барем биле активни во времето на Шокин.

Броевите што ги наведува Хорбатиук одговараат со бројките што ги дава последниот јавен обвинител Руслан Рјабошапка, кој минатата година изјави дека во еден или друг момент имало „13 или 14“ случаи кои ги опфаќаат Бурисма и Злочевскиј.

Таиби во реално време ги следи новинските извештаи и во Украина и во САД за да документира неколку истраги против Бурисма и Злочевскиј кои беа надгледувани од обвинителот чие отпуштање беше побарано од Бајден. Тој забележува дека самиот Шокин постојано повторувал дека тера неколку истраги против Злочевскиј во времето кога Бајден барал тој да биде отпуштен. Таиби заклучува „не може да се каже дека нема докази за активни случаи против Бурисма дури и во последните денови на Шокин, кој тврди дека наредбата за запленување на имот на Злочевскиј од февруари 2016 е причината зошто тој е отпуштен.“

Таиби забележува и дека „сторијата изгледа уште почудно кога човек ќе се запраша зошто САД би покажале толку сила во надворешната политика за Шокин да биде отпуштен, само за да дозволат неговата замена - Јуриј Лутсенко - кој според сите сведоштва е спектакуларно поголем неуспех општо во борбата против корупцијата, и конкретно против Злочевскиј.“ Тој сумира „несомнено е дека сите случаи против Бурисма биле затворени од наследникот на Шокин, избран во консултација со Џо Бајден, чиј син останува на бордот на наведената компанија уште три години, заработувајќи над 50.000 долари месечно.“

Јавно познатите факти, надополнети со неодамнешните мејлови, пораки и сведоштва, покажуваат сериозен неморал од синот на Џо Бајден, Хантер, кој се обидува за пари да го продаде своето влијание кај потпретседателот на САД. Меѓутоа тие исто така поставуваат вистински прашања околу тоа дали Џо Бајден знаел, па дури и дали тој бил вклучен во облик на легална корупција. Конкретно, овие нови објавени информации покажуваат дека Бајден ја впрегнува својата моќ во корист на украинските бизнис соработници на неговиот син, и дозволува да се тргува со неговото име додека е потпретседател, за син му и брат му да бркаат бизнис интереси во Кина. Ова се прашања кои минимално здрави медиуми би сакале да бидат одговорени, а не закопани - без разлика колку слични или полоши скандали има семејството на Трамп.

Меѓутоа вистинскиот скандал кој беше докажан не е лошото работење на поранешниот потпретседател, туку она на неговите симпатизери и сојузници во американските медиуми. Како што насловот на Таиби го кажува тоа: „Кај експозето за Хантер Бајден, потиснувањето е поголемиот скандал отколку самата сторија.“

Реалноста е дека американските новински медиуми четири години планираат за овој момент - како да создадат оправдание што одбиваат да објават новински материјал кој би можел да му помогне на Трамп да биде ре-избран. Една непобитна вистина е дека новинари на национални медиуми од Њујорк, Вашингтон и градовите од Западниот брег доминантно не се наклонети кон Бајден но се очајни да го видат Доналд Трамп поразен.

Неопходни се огромни количества наивност за да се верува дека кој било човек е способен да оддели така интензивна наклонетост од неговата новинарска процена. Голем број не се ни трудат да се преправаат: критичарите на Џо Бајден најчесто прво се нападнати не од луѓе од кампањата на Бајден, туку од политички новинари од националните медиуми кои не ја ни кријат нивната ревносност да му помогнат на Бајден да победи.

Меѓутоа добар дел од ова има врска со исходот од изборите 2016. За време на кампањата, медиумите, вклучувајќи го и Интерсепт, ја завршија својата работа како новинари известувајќи за содржината на новински интересните, автентични документи: имено, мејловите објавени од Викиликс од инбоксите а Џон Подеста и ДНЦ, кои меѓу другите работи, откриваат толку сериозна корупција што доведе до оставка на петте највисоки функционери на Демократската партија. Овие материјали беа хакнати, а разузнавачките агенции тврдеа дека Русија е одговорна за тоа, притоа не ја негираа новинската вредност на документите, што е причината зошто медиумите низ земјата постојано известуваа за нивната содржина.

Без разлика, новинарите во нивните демократски и либерални културни кругови четири години се мета на напади како тие да го овозможиле однесувањето на Трамп: градовите во кои тие живеат се доминантно демократски, а нивната демографија - професионалци со колеџ образование од големи градови - има се помала поддршка за Трамп. Анкета на Њујорк тајмс од понеделникот отсликува само дел од сликата за културна изолираност и хомогеност:

„Џо Бајден успеа да собере повеќе донации од Претседателот Трамп со помош на некои од најбогатите и најобразовани градови во САД, собирајќи толку големи фондови во градовите и предградијата што тој имаше поголеми донации од Трамп секој ден освен во два дена во изминатите два месеца... Не само дека најсилната поддршка за Бајден доаѓа доминантно од двата брега, а доаѓа... туку под Трамп Републиканците губат поддршка од белите гласачи со колеџ диплома. Во поштенските кодови каде медијаниот приход по домаќинство е најмалку 100.000 долари, Бајден го растури Трамп во собирање донации, 486 милиони спрема само 167 милиони долари - што е речиси половина од неговата целосна финансиска предност... Само од еден поштенски фах во Њујорк, Бајден добива 8 милиони долари, а вкупно од Њујорк (градот) донациите изнесуваат 85,6 милиони долари, што е повеќе отколку што има собрано во која било сојузна држава, освен Калифорнија.

Медијаниот приход по домаќинство во САД во 2019 е 68.703 долари. Во поштенските фахови над ова ниво, Бајден го води Трамп со 389,1 милион долари. Под ова ниво, Трамп е во предност пред Бајден со 53,4 милиони долари.

Не сакајќи да им се повтори осудата и избегнувањето во сопствените екстремно про-демократски, анти-Трамп кругови, националните медиуми ги изминаа последните четири години измислувајќи стандарди за известување во изборната година околу хакирани материјали кои никогаш претходно не постоеле и кои се чиста анатема за главната функција на новинарството. Извршниот уредник на Вашингтон пост, Марти Барон, на пример, објави меморандум полн со предупредувања за тоа како новинарите на Пост треба или не треба, да дискутираат за хакирани материјали дури и ако нема сомнеж во нивната автентичност.

Дека медиумите воопшто треба да размислат да се воздржат од известување за материјалите за кои тие знаат дека се автентични и се во јавен интерес заради прашањето на нивна провиниенција е спротивно од тоа како новинарството треба да биде практикувано. Во деновите пред изборите 2016, на пример, Њујорк Тајмс на меил доби една година од даночните пријави на Доналд Трамп и - и покрај тоа што немаше претстава кој им ги пратил или како тоа лице ги стекнало: дали биле украдени или хакирани од странска сила? - Тајмс ја објави оваа содржина.

Запрашан од НПР дали би известувале за документи на кои не им го знаат изворот а не па мотивите зошто некој им ги дал, двократниот добитник на Пулицерова награда, Дејвид Барстоу го објасни она што од секогаш беше клучен принцип на новинарството: имено, новинарот се интересира само за две прашања - 1. дали документите се автентични, и 2. дали тие се во интерес на јавноста - но не му е грижа што мотиви има изворот за да ги обезбеди документите и како е стигнато до нив кога се решавало да се известува за истите:

Американските медиуми често пати кукаат дека луѓето имаат изгубено верба во нивните објави, дека се повеќе ги сметаат дека не заслужуваат доверба и дека голем број луѓе ги сметаат фејк њуз сајтовите за подоверливи отколку етаблираните новински медиуми. Тие се извонредни кога се жалат околу ова, меѓутоа се многу лоши кога треба да се запрашаат дали кое било нивно однесување е одговорно за ова.

Медиум кој се одрекува од својата главна функција - наоѓање одговори на релевантни прашања за моќни луѓе - е медиум кој заслужува да ја изгуби довербата на јавноста. И токму тоа, со одредени исклучоци, американските медиуми се обидоа да го направат со оваа сторија: тие го презедоа водството не во истражување на овие документи туку во готвење оправданија зошто тие треба да бидат игнорирани.

Како што мојот колега Ли Фанг кажа во неделата: „пристрасните двојни стандарди во медиумите годинава се зашеметувачки, и добар дел од наводните левичарски независни медиуми се идентично кукавички и конформистички како и меинстрим корпоративните медиуми. Секој гледа што сака неговото опкружување и делува со страв.“ Дискутирајќи во неговата сторија од неделата, Таиби својата најважна поента ја сумира на следниот начин: „Целата поента е дека печатот го губи својот пат кога повеќе се грижи за тоа кој ќе има бенефит од информацијата отколку дали таа е вистинита.“

Глен Гринвaлд,
Сабстак

30 октомври 2020 - 13:22