Не се сите 12 милиони страни за Југославија или за Тито, ама има повеќе од доволно за да спакуваш бараж од реплики за која било следна расправа на темата.
Српското издание на Њузвик го анализира документот на ЦИА заведен под бројот RDP80 - 00810A008600430009 - 4, а во него една од темите за кои Белград, Загреб и Љубљана си префрлаат последниве 60 години.
Според документот, на крајот од 1955-та во Југославија се развива сериозен судир меѓу српското и црногорското раководство од една, и хрватското и словенечкото раководство од друга страна. Судирот е околу планот да се пресели голем дел од индустријата и фабриките од Србија во Словенија и Хрватска.
Судирот го решава Тито, кој според извештајот "ги одлага подготовките за трансфер на српските фабрики, во интерес на единството на партијата". Она што оперативците за ЦИА го забележуваат во извештајот е дека е очигледно дека тој "ги поддржал Словенците и Хрватите". Освен фабриките, причина за раздорот е и предлогот за промена на дотогашната јадранска пруга, која наместо од Белград до Бар, треба да води од Белград до Сушак (денес дел од Риека).
Иако тука завршува целата содржината на документот RDP80 - 00810A008600430009 - 4, Бранка Митровиќ во Њузвик има дополнување на приказната, која според нејзе вака се развива:
Документите сепак покажуваат дека со тек на време, по план на Тито и Кардељ, е организирано преселување на повеќе од 70 фабрики од Србија.
Меѓу преселните капацитети се фабриката за сапуни која заминува во Осјек, фабрика за батерии се сели во Загреб, во Сплит пристигнува капацитетот за производство на цемент, а исто така во Сплит, за потребите на бродоградилиштето, од Крагуевац е префрлена тогаш најголемата метална преса на Балканот.
Во Крањ завршува цела електро-централа од Србобран, а Фабриката за автомобили Марибор (производителот на тамчиња), е основана по одлука на министерството за тешка индустрија кое наредува демонтирање на Индустријата на мотори од Раковица (ИМР) и нејзино комплетно селење во Словенија.
Сите овие тврдења редовно беа рецитирани од српските економисти во 90-те, според кои да не биле овие одлуки на Тито "Србија денес би била балканската Јапонија, а Хрватска и Словенија, нејзините Виетнам и Лаос". Истите овие економисти им забележуваа на српското и црногорското раководство од тоа време (Петар Стамболиќ и Блажо Јовановиќ), кои според нив не се осудиле ни "а" да му кажат на Тито, послушност која подоцна била наградена од него со бројни функции.
Она што ЦИА го констатира во извештајот е дека "со поддршка на Тито, најмногу профитирале секретарот на ЦК на словенечкиот сојуз на комунисти, Миха Маринков, и неговиот колега од Хрватска, Владимир Бакариќ, кои владеат речиси 40 години."