Ривали на Стармер сакаат да ја вратат Британија во ЕУ

Падот на довербата во владата на Кир Стармер ја врати на политичката сцена дебатата за поништување на Брегзит. Поранешниот министер за здравство Вес Стритинг, кој му изрази недоверба на Стармер и сака да го наследи, најави дека Обединетото Кралство треба да се врати во ЕУ. Тоа го поддржуваат мнозинството Британци, покажува нова анкета.

Напуштањето на Европската Унија беше катастрофална грешка. Нè остави помалку богати и помалку моќни отколку во кој било момент пред индустриската револуција, истакна Стритинг, кој го покрена бунтот во владејачката партија против Стармер по слабите резултати на лабуристите на неодамнешните локални избори.

Стритинг притоа го осуди референдумот за Брегзит од 2016 година и се заложи за нов посебен однос со ЕУ „бидејќи иднината на Британија е во Европа“.

Поранешниот министер за здравство е досега единствениот лабуристички функционер кој е во позиција да ја предизвика лидерската улога на Стармер во партијата и во владата. Тој, сепак, се воздржа од официјално поднесување кандидатура, оставајќи му простор на Енди Бернам, градоначалникот на Манчестер, да му се спротивстави на партиските избори за лидер. Бернам не може да се кандидира затоа што не е пратеник. За да му се овозможи тоа, пратеникот од општината Мејкерфилд доброволно даде оставка, па ќе бидат распишани вонредни избори, со Бернам како кандидат на лабуристите.

И „Кралот на Северот“, како што го нарекуваат Бернам, изрази поддршка за враќање на Британија во ЕУ, но сега се дистанцира од реториката на Стритинг. 

Ја почитувам одлуката што беше донесена на референдумот (за Брегзит). Ако не ги почитуваме гласовите, тоа ќе поткопа сè што кажав за зајакнување на демократијата, изјави Бернам.

Тоа се поврзува со неговата кандидатура во Мејкерфилд - каде што во 2016 година речиси 65% гласаа за раздружување од ЕУ.

На референдумот на 23 јуни 2016 година, тесно мнозинство од 51,9% се изјаснија за напуштање на Европската Унија. Раздружувањето се покажа како хаотичен и тежок процес и поради него падна конзервативната влада на Тереза Меј.

Аналитичка група процени дека Брегзит ја чинел британската економија од 6% до 8% од растот на БДП, а Канцеларијата за буџетска одговорност лани процени дека и извозот и увозот ќе бидат околу 15% пониски на долг рок во споредба со сценариото ако Британија останела во ЕУ.

За да се врати во ЕУ, Британија би морала да почне сложен политички и правен процес обратен на Брегзит. Ќе треба да се спроведе нов референдум. Анкета на YouGov објавена пред еден месец покажа дека 55% од Британците поддржуваат повторно приклучување кон ЕУ.

Од спротивниот брег на Ламанш, Британија би се третирала како секој друг кандидат за членство. Таа ги исполнува речиси сите критериуми, но би можела да биде блокирана од која било членка на ЕУ. Франција, на пример, би можела да распише сопствен референдум за приклучување на Британија во Унијата.

19 мај 2026 - 13:53