Во април 2016, извесна Венус Локет требало да одржи говор на некој настан на кој волонтирала близу нејзиниот дом во Атланта. Веќе била под стрес бидејќи претходната ноќ, по грешка го избришала говорот од компјутер. Но, сепак излегла на бината само што - зборовите не излегувале, а она што излегувало немало некоја смисла.
Луѓето околу неа сфатиле дека не е само трема во прашање туку нешто посериозно, ѝ помогнале да се симне од бината и повикале Брза помош. Самата Локет не била во состојба да каже дали ѝ треба медицинска помош или која болница да се одбере.
Лекарите стигнале, ја земале и ја однеле во болница, направиле серија прегледи и утврдиле дека 57 годината жена преживеала краткотраен исхемичен напад, народски кажано мини-удар. Брзо била пуштена дома каде комплетно се опоравила.
Веќе во мајѝ стигнала сметката: 26.203 долари за „комплетна опсервација“.
„Да му се невиди! Знаев дека не требаше да викаме амбуланта!“, инстинктивно помислила Локет.
Ова е типичен случај на армија Американци кои се финансиски инвалидизирани од лекарски сметки кои не можат да ги платат.
На едно истражување објавено во Американскиот журнал за јавно здравје, речиси 60 проценти од испитаниците кои поднеле барање за банкрот навеле дека медицинските трошоци „многу“ или во „одредена мерка“ придонеле кон ваквиот епилог. Тоа е поголем процент од наведувањата на хипотекарните задолжувања или студентските кредити (можело да се заокружат повеќе одговори).
Ова е само едно од серијата сознанија за огромниот број Американци кои успеале да прегрмат некој здравствен проблем но подоцна да се соочат со нерешливи финансиските последици од него. Во 2016-та година студија обелодени дека една третина од пациентите кои преживеале рак влегле во долгови поврзани со лечењето. А според бирото за заштита на потрошувачи, неплатените медицински сметки се најбројните во купот сметки кои им се даваат на агенции за наплата.
Здружението на американски болници вели дека прават сè за да им се помогне на оние кои не се опфатени со здравствено осигурување. Тврдат дека во 2017-та година дале услуги во вредност од 38 милијарди долари на такви случаи.
Дел од проблемите се прилично бизарни и се кријат во деталите на здравствените полиси: на пример, породување најчесто е покриено ама не е и ако е мртвороденче, кое кошта околу 740 долари повеќе од раѓање живо и здраво бебе.
Назад кон Венус Локет. Оние 26.203 долари не испаднале конечна цифра. Бидејќи, нели, тие биле за „опсервација“. За истиот случај дополнително ѝ стигнуваат уште неколку сметки:
- за консултирање двајца доктори (додека била во болница) 1.301 долар
- за рентен и други дијагностички тестирања, 2.617 долари
- за услугата на амбулантното возило и поминатата километража, 1.807 долари.