Глобална студија укажува дека овие бактерии развиле ензим наречен PETase, кој ја разградува цврстата пластика (ПЕТ) што се користи за шишиња и во ткаенини.
Во длабочините на океанот, каде што јаглеродот е оскуден, се чини дека микроорганизмите ги прилагодиле ензимите да користат нов извор вештачки создаден од јаглерод – пластиката, објаснува Карлос Дуарте, морски еколог и коавтор на студијата спроведена од Универзитетот за наука и технологија (КАУСТ) основан од саудискиот крал Абдулах.
Со години научниците веруваа дека цврстата пластика не може да се разгради по природен пат. Тој став почна да се менува во 2016 година, кога во јапонски капацитет за рециклирање бше откриена бактерија што се развива хранејќи се со пластичен отпад. Овој организам развил ензим што ја разградува ПЕТ на основите состојки.
Со комбинација од структурно моделирање управувано од вештачка интелигенција, обемна генетска анализа и лабораториско тестирање, тимот на Дуарте открил дека разградувањето е поттикнато од специфична карактеристика наречена „мотив M5“. Морските бактерии што поседуваат „М5“ целосно разградиле цврста пластика во лабораториски услови. Понатамошни генетски студии покажале дека гените M5-PETase се многу активни низ океанските региони што се најмногу загадени со пластика.
За да се трасира глобалното ширење на овие ензими, биле анализирани повеќе од 400 примероци од океани и мориња. Функционални верзии на М5 биле откриени во речиси 80% од тестираните води - од површинските вртлози богати со ѓубре до длабочини од 2 километри, каде што речиси нема хранливи материи.
Во длабочините можноста за разградување синтетички јаглерод може да биде клучна предност за преживување, вели Интикаб Алам, виш истражувач по биоинформатика.
Оваа природна реакција на ѓубрето создадено од човештвото може да има голема еколошка полза. Но, истражувачите предупредуваат дека бактериите работат бавно и не можат самите да ги спасат морињата од пластично ѓубре.
Додека пластиката стигне до длабоко море, веќе се нанесени ризиците за морскиот живот и следствено за луѓето како потрошувачи, вели Дуерте.
Способноста на бактериите повеќе може да придонесе за рециклирање на пластика на копно, како модел што би се оптимизирал во лаборатории заради поефикасно разградување на пластика во постројки за чистење и рециклирање.