Јутјуб капитулираше пред санкциите на Трамп

Најголемата и највлијателна видео платформа тивко избришала 700 снимки на кои е документирано како Израел спроведува геноцид врз Палестинците и ги прекршува човековите права во Газа. Јутјуб реагирал согласно санкциите што администрацијата на Трамп ги воведе против сите што соработуваат со Меѓународниот суд во Хаг, кој го обвини Нетанјаху за злосторства.

Јутјуб во октомври без предупредување отстранил документарен филм за мајки кои го преживеале израелскиот геноцид во Газа, видео-истрага за улогата на Израел во убиството на палестинско-американски новинар и извештај за тоа како Израел уништува палестински домови на окупираниот Западен Брег. На авторите - палестинските групи за човекови права Ал-Хак, Центарот за човекови права Ал Мезан и Палестинскиот центар за човекови права - целосно им ги избришал каналите со архива од стотици видеа.

Портпаролот Бут Булвинкл потврдува дека Јутјуб брише сметки на групи што од септември се под санкции од Стејт департментот. Цензурата е спроведена согласно санкциите што администрацијата на Доналд Трамп ги воведе за Меѓународниот кривичен суд и за организациите што соработуваат со судот, како одговор на обвинувањата за воени злосторства за премиерот Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.

Пред една година МКС објави меѓународни потерници за Нетанјаху и Галант, обвинувајќи ги лидерите за намерно изгладнување на палестински цивили со блокирање на хуманитарната помош во Газа. Израел и САД ги отфрлија обвинувањата. Трамп во својот втор мандат ги заостри мерките против МКС со санкции за судии, обвинители и за соработници. Во септември беа воведени санкции за трите палестински групи за човекови права. Ал-Хак уште во 2021 година беше прогласена од Израел за „терористичка организација“.

Палестинскиот центар за човекови права, кој Обединетите нации го опишуваат како најстарата организација за човекови права во Газа, го обвини Јутјуб дека „штити злосторници од одговорност“.

Јутјуб објасни дека „не ја следиме нивната политика и упатствата“, а нашата работа во основа беше фактичко известување засновано на докази за злосторства извршени против палестинскиот народ. Со ова Јутјуб е соучесник во замолчувањето на гласовите на палестинските жртви, изјави Базел ал-Сурани, правен советник на групата.

Од платформата се избришани повеќе од 700 видеа на трите групи - од анализа на убиството на американската новинарка Ширин Абу Аклех, до сведоштва на Палестинци мачени од израелските сили. Не е достапен ни документарецот „Плажата“ во кој е опишано како при израелски напад загинале деца што си играле на брегот. Некои видеа сè уште се достапни преку копии или на алтернативни платформи како Фејсбук и Вимео.

Сара Леа Витсон, директорка на групата Демократија за арапскиот свет (DAWN), предупредува дека капитулацијата на Јутјуб може да постави преседан и да ги принуди другите технолошки компании да се потчинат на цензурата.

Скандалозно е што Јутјуб ја продлабочува агендата на Трамп за отстранување на докази за кршење на човекови права и воени злосторства. Конгресот немаше намера да му дозволи на претседателот да го прекине протокот на информации до американската јавност и светот. Информациите, вклучително и документите и снимките, се посебно ослободени од санкциите поврзани со МКС, додава Кетрин Галагер од Центарот за уставни права.

6 ноември 2025 - 15:13