Мат Таиби

Америка, врзи ги појасите, дојде ерата на Зохран

Меинстрим републиканците починаа пред девет години. Погребот на Демократската партија започна со победата на Зохран Мамдами. Таа левица е единственото политичко движење од таа страна што има енергија и изгледа спремно да преземе контрола. „Што значи тоа? Ништо добро“, пишува Мат Таиби. Новите верници кои нејќат да читаат книги а растеле со ТикТок, појма немаат што слават.

На победничката забава за Зохран Мамдани, неговиот некогашен другар, подкастерот Хасан Пикер - кој на истата забава се гушкаше со Александра Окасио-Кортез - во интервју го кажа следново:

„Ние сме во срцето на империјалното јадро. Ова е земјата што го победи СССР, за жал.“

Пикер има кажано толку многу луди помпезни работи што дури и Мамдани мораше да го осуди и да го тргне настрана. Сепак, погледнете го насмеаното лице на младата жена што го интервјуира. Таа нема поим што тој штотуку кажа. Затоа таа ноќ беше врвна историска хорор приказна.

Како и првите избори на Доналд Трамп, победата на Мамдани зборува за длабоките неуспеси на американската политика од 21 век. До 2016 година, републиканските гласачи се заморија од фрлање гласови на Мекејнови, Ромниевци и Бушовци кои ветуваа дека ќе ги намалат федералните трошоци и ќе ги заштитат „семејните вредности“, но беа соголени како манекени за донатори кои најчесто носеа војна и извезуваа работни места. На сличен начин, победата на Мамдани го сигнализира почетокот на крајот за старата Клинтонова Демократска партија, чија оригинална формула се додворуваше на Вол Стрит и неуморно бараше „бизнис-френдли“ неолиберална средина, додека задржуваше патина на прогресивизам преку социјални прашања како што е „правото на избор“.

Двете партии ги земаа своите гласачи здраво за готово до непристојни нивоа. Доколку тие и нивните донатори беа малку помалку алчни, покажеа малку поголема предвидливост за луѓето од работничката класа, тие сè уште ќе беа во игра. Како што сега стојат работите, републиканците од типот „никогаш Трамп“ се неповратно патосирани, а партијата што Хаким Џефрис уште верува дека ја води, официјално се насука на својот историски леден брег.

„Демократскиот социјализам“, актуелната левица, е единственото политичко движење од таа страна што има енергија и изгледа спремно да преземе контрола. Што значи тоа? Ништо добро.

Ако ова се случеше пред осум или дури четири години, кога кампањата на Берни Сандерс зборуваше на јазикот на Рузвелт и Новиот договор, ова можеби ќе беше пооптимистички момент. За жал, исто како што бирократијата на Демократската и Републиканската партија со текот на годините атрофираа и ослабеа од прекумерна самодоверба, новата популација, која не сакаше книги и растеше на ТикТок, го изгуби контактот со историјата. Срцата на следбениците на верзијата на левицата што е во подем во американската политика треперат од реториката на Че Гевара, Ленин и Маркс (Мамдани по победата му оддаде почит на Нехру), оживеани од визијата за сопствената земја како супер-негативец на империјалистичкото угнетување.

Главната разлика помеѓу социјализмот во стилот на Мамдани и левичарството што го зафати поголемиот дел од светот во минатиот век е што оваа верзија е уште поглупава. Се формираше според идеологија што помалку e базирана на класи а повеќе на нова интерсекционална теорија на угнетување, која е смешна, нестварна, грубо расистичка и ѝ дозволува на старата буржоазија да ги игра водечките улоги. Тешко е да не се восхитуваш на иновацијата која го решава проблемот за кој марксистите отсекогаш се жалеле кога станува збор за САД: потрошувачка економија го прави животот доволно поднослив за да ги обесхрабри масите да се бунтуваат. Сега кога богатите луѓе можат да бидат револуционери (претендирајќи на родова конфузија или мавтајќи со некое друго интерсекционално знаме), секој може да биде угнетуван и сите се добредојдени да ѝ се приклучат на каузата. Брилијантно!

Особено иронично во врска со победата на Мамдани е што старата, Клинтонова верзија на Демократската партија веројатно уште ќе седеше во Белата куќа ако не се покореше на длабоко непопуларните начела на оваа нова идеологија. Најсмешниот пример е поврзан со губитникот, Ендру Куомо, кој на Доналд Трамп му даде муниција за многу години кога во обид да го исмее слоганот МАГА, рече дека Америка „никогаш не била толку голема“. Трамп веројатно немаше да победи лани во многу од клучните држави ако не беше рекламата „Камала е thеy/them, претседателот Трамп е за тебе“. Слично на тоа, неуморните напади на Трамп врз ДЕИ (диверзитет, еднаквост, инклузија) - радикално преиспитување на идеите за граѓански права што органскиот квалитет на еднаквост го заменија со бирократскиот концепт на „еднаквост“ - беа многу успешни, и тоа со добра причина. 

Без одлуката на Барак Обама да ги засили политиките на Џорџ Дуплове Буш за спасување на Волстрит во 2008-ма, додека им се шиткаше на осигурителната и фармацевтската индустрија во неговиот извикан а гротескен обид да го поправи здравствениот систем, демократите никогаш немаше да ја изгубат контролата. Тие ја издржаа првата кампања на Сандерс во 2016 година, а потоа за влакно се извлекоа вториот пат во 2020 година. Но, мртвороденото претседателство на Бајден беше последната капка што ја прелеа чашата, што неизбежно доведе до Мамдани.

Долго размислував што да кажам кога Мамдани победи и заклучив дека историјата сега е толку далеку во ретровизор што нема што да се каже, не на оваа група нови верници. Луѓето немаат поим како се одвивале минатите социјалистички револуции. На протестите против Трамп наидов на луѓе што мавтаа со знамиња со срп и чекан и во муабет со нив, открив дека врска немаат што слават. Западните туристи масовно посетуваат места како Аушвиц, но никој не оди во затворот Соловки или во Воркута. Како и Пикер, тие мислат дека Советскиот Сојуз е само погрешно разбран.

За луѓето кои пораснале зад Железната завеса, Мамдани е инстантно препознатлив тип, ученик на ленинистичката школа за агитација за која и неискреноста е неопходно средство за доаѓање на власт. Тие би знаеле како, одново и одново, селаните и работниците поддржувале некои општи цели проповедани од градските револуционери кои им доаѓале во посета, но биле крајно нерешителни. Таа нерешителност доведе до визијата на интелектуалци слични на Мамдани, каков што беше Григориј Зиновјев, кој објасни дека е потребна образована авангарда, бидејќи „работничката класа не разбира денес, ама ќе разбере утре“. 

Победничкиот говор на Мамдани беше речиси Трамповски во поглед на тролањето. Неговиот очигледно целосен презир кон американската историја се чини дека е продажна поента за неговите обожаватели, што повторно зборува за неуспехот на неодамнешната генерација американски политичари. Исто така, укажува на корумпираноста на универзитетите, кои очигледно не научиле неколку генерации студенти дека повеќето општества се премногу гладни и под стрес дури и да помсислуваат на прашања за  промена на полот“, не па да трошат милиони за тоас.

Барем, иднината стана многу поинтересна. Дали веќе е контактиран Френсис Фукујама за коментар? Дали официјално сме на Крајот на Крајот на историјата?

Мат Таиби

6 ноември 2025 - 10:47