Од вкупно 57.941 дете на предучилишна возраст од актуелната генерација во австралиската сојузна држава Квинсленд, 46 родители побарале за нивните деца да се користат заменките „тие/нив“. Од 41.392 пријавени за 2026 година, воспитувачите ќе мора да користат „тие/нив“ за 11 деца.
Таквата можност е оставена во формуларот за пријавување на специфичните карактеристики на децата на возраст од 4 или 5 години, што треба да им послужи на воспитувачите во градинката да ги подготват за училиште следната година. Формуларот содржи вообичаени прашања – за афинитетите на децата, интересите, навиките, хроничните болести, предностите или слабостите. Многу родители реагирале поради тоа што морале да ги дефинираат и заменките за обраќање кон детето.

Нериса Пејс, мајка на четиригодишна ќерка запишана во градинка, го опишува потегот како „крајно скандалозен и бесмислен“.
Зошто владата на Квинсленд ја турка радикалната родова идеологија за небинарно дете - ниту машко ниту женско - врз деца од најрана возраст? Ова се деца од четири и пет години кои немаат поим што значи „тие/нив“ како заменка. Зачудувачка е идејата дека детето не може да биде ниту момче ниту девојче и дека другите деца и наставниците мора да ја почитуваат таа радикална заблуда. Ги принудува наставниците и целосно им го одзема правото да ја признаат реалноста. Тоа би ги збунило до бесвест овие деца. Тоа е ужасно, вели Пејс.
Психијатри ја осудуваат оваа политика на властите и предупредуваат дека е штетна и за детето и за неговите другарчиња во училницата и остава последици врз нивниот развој и односите во семејството и во градинката.
Децата на таа возраст не се способни да ги разберат основните концепти. Тоа е штетно за децата, но и за семејната структура. Границите што им ги поставувате на децата навистина играат голема улога во тоа дали ќе бидат среќни, здрави и функционални. Ова е индоктринација во одредена политичка идеологија што му штети на детето во училиште, но и дома, вели психијатарот Ендру Амос од Универзитетот Џејмс Кук.

Пејс му испратила протестно писмо на министерот за образование Џон-Пол Лангбрук, изразувајќи го своето згрозување од политиката. Министерот одговорил дека не може да интервенира, зашто QCAA е „независно тело“. Го пренесува ставот на QCAA дека целта на политиката е „поттикнување на инклузијата и препознавање на различноста во нашата заедница“.
Веруваме дека родителите најдобро знаат како да го пополнат формуларот, ѝ одговорил министерот на Пејс.