од паралелниот универзум

Нема место за паника, инвестициите се сигурни!

"Во моментов имаме распишано меѓународен тендер за набавка на 150 високо квалитетни шишиња од типот "Кока кола" секое со капацитет од 750.000 до 800.000 ЕУР. По завршувањето на набавката на овие шишиња ќе бидеме сигурни дека парите брзо, ефикасно и без никакви проблеми ќе бидат пренесени од Индија во Македонија".

Веста за замрзнувањето на сметките на компанијата Сахара Груп, чии што сопственик е индискиот милијардер Субрата Рој, ја разбранува светската но и јавноста во Македонија. Според соопштението на судот за сметките да бидат одмрзнати компанијата треба да плати 3 милијарди долари во следните три месеци. Субрата Рој стана особено актуелен по неговата скорешна посета на Република Македонија во која што најави големи инвестиции и реализација на повеќе милионски инвестициски проекти во нашата држава.

Со цел добивање директни и непосредни информации, нашата редакција контактираше со луѓе во компанијата на Рој, Сахара Груп. Гласноговорникот на Сахара Груп задолжен за Европа, Дармараџ Махијаванши, смирува велејќи:

"Нема место за паника, Сахара Груп во Република Македонија ќе инвестира во кеш, а не преку сметка. Ваквата решеност беше презентирана на дело при посетата на Г-дин Рој на Охрид, кога тој на келнерот во еден од рестораните му остави бакшиш од 2000 ЕУР во кеш.„

Според зборовите на г-дин Махијаванши, процедурата за пренесување на парите од Индија во Република Македонија е веќе започната и се чека обезбедување на технички услови за извршувањето на оваа процедура.

"Во моментов имаме распишано меѓународен тендер за набавка на 150 високо квалитетни шишиња од типот "Кока кола" секое со капацитет од 750.000 до 800.000 ЕУР. По завршувањето на набавката на овие шишиња ќе бидеме сигурни дека парите брзо, ефикасно и без никакви проблеми ќе бидат пренесени од Индија во Македонија. Ја користам оваа прилика да ги охрабрам компаниите од Република Македонија да земат учество на овој тендер." – рече Махијаванши.

Запрашан за тоа кои се причините заради кои судот во Индија одлучи да ги замрзне сметките и имотот на Сахара Груп, тој одговори:

"Се работи луѓе кои што се остатоци од стариот, Гандиевски систем, инсталирани во индиското судство. Денес овие "судии" со нејасно и во најмала рака сомнително минато ги тероризираат жителите на Индија, спречувајќи ги чесните луѓе како г-дин Рој во нивните обиди да обезбедат квалитетен живот за жителите на оваа голема и силна земја!"

Како следни чекори за надминување на ваквите проблеми, г-дин Махијаванши информираше дека во Сахара Груп веќе во овој момент се планирааат серија на различни активности:

"Правниците во нашата служба активно работат на изготвување на закон кој што ќе помогне во обелоденувањето на темното минато како на членовите на судот во Индија, така и на сите душмани кои што му мислат лошо на големиот народ на Индија. Ми претставува големо задоволство да констатирам дека помошта на г-дин Томе Аџиев е клучна во подготовката на овој закон."

За крај ексклузивно за нашата редакција, г-дин Махијаванши објави дека додека не се среди состојбата во Индија, Сахара Груп целиот свој капитал го сели во Македонија каде што во моментов заедно со Владата на РМ, и граѓаните работаат на изготвување на идејно решение за новиот заеднички проект насловен "Македонија 2017".

@toVornottoV

15 февруари 2013 - 09:09