Истражување на тоа како кучињата процесираат говор покажува дека човековиот најдобар пријател и тоа како го разбира (и се секира) и за она што му го кажуваме, и за начинот на којшто го правиме тоа.
Наодите на унгарски истражувачки тим сугерираат дека невролошките механизми за процесирање на зборовите еволуирале многу порано отколку што се мислеше до сега, и дека тие не се специфични само за човечкиот мозок. Ако околината е богата со говор, во мозокот можат да се појават претстави за значењето на зборовите дури и кај не-примати цицачи, кои немаат способност да зборуваат.
„Унифицираното значење во човечкиот мозок се постигнува со интегрирање на два типа информации - значењето на зборот и значењето на тонот со кој тој е искажан. Нашата студија покажува дека и кучињата можат да го прават ова, и дека тие притоа користат многу слични мозочни механизми“, изјавила Атила Андикс, главен истражувач од Одделението за етологија на Универзитетот Лоранд во Будимпешта.
За студијата се истренирани тринаесет кучиња, за тие сосема неподвижно да лежат додека со помош на магнетна резонанца им се скенира мозокот, а истовремено да го слушаат говорот на нивниот тренер. Тој изговарал пофални зборови со иста таква интонација, пофални зборови со неутрална интонација и неутрални зборови со обете интонации. Она што го барале истражувачите биле делови од мозокот кои разликуваат зборови кои имаат и кои немаат смисла, односно кои прават разлика помеѓу пофални и непофални интонации.
Се покажало дека кучињата, исто како и луѓето, ја користат левата хемисфера за да процесираат зборови, а десната за да ја обработат интонацијата на кажаното, но се чувствуваат пофалени и им се активира „центарот за награда“ (дел од мозокот кој реагира на секакви поттици на задоволство) само доколку и зборот и тонот се поклопуваат.
Студијата е само прв чекор во разбирањето на тоа како кучињата го толкуваат човечкиот говор, а овие резултати можат да помогнат во понатамошната комуникација и соработка помеѓу кучињата и луѓето. Истовремено, се покажува дека она што ги прави зборовите специфично човечки не е посебниот невролошки капацитет, туку тоа што воопшто сме ги откриле и сме почнале да ги користиме.
Сетете се на ова кога следен пат во присуство на куче ќе сакате да навредите некого со „куче едно“. Ако не сфати човекот, може ќе сфати кучето.
А тоа не е нивната единствена предност во однос на луѓето. Видете го овој срам.