Додека посетувал бизнис предавања на УКЛА во 2007-ма, Роберто Сегуера фантазирал за започнување некаков бизнис. По можност идеален, без многу вложувања а со големи профити. Претресол многу идеи, од бизнис со часовници, храна, облека... кога му текнала брилијантна идеја. Да продава мраз! Но, не каков било мраз туку ексклузивен мраз, по цена од 8 долари за едно парче.
И еве го денес, неговите комплети од 50 коцкички во фенси пакувања се продаваат одлично за неверојатни 350 долари, а ги има и по забави на Плејбој или на дружењата околу Фешн Вик.
Компанијата му се вика Gläce Luxury Ice, при што оние две точки над буквата "а" не значат ништо ама фино изгледаат и се дел од стратегијата да се нуди "луксуз". А луѓето ја потценуваат потребата за производи кои на на англиски се викаат High end, а на нашки - за курчење.
Коцка мраз обично е замрзната извесна количина вода. Значи, потребна е а) вода и б) нешто струја, за фрижидерот.
Каков е мразот кој за 8 долари комад го продава Gläce Luxury Ice?
Ист.
Само што е далеку подобро опишан од оној кој го имате во пластичните вреќички. Во еден каталог на продавница за луксузна храна, за коцките на Gläce пишува:
Gläce Luxury Ice е педантно дизајниран и диференциран бренд на мраз, специјално создаден за премиум пијачки. The Gläce Mariko Sphere е перфектно дизајнирано сферично парче со рата на топење меѓу 20 и 30 минути. The Gläce G-Cubed е симетрична коцка со рата на топење меѓу 20 и 40 минути. Мразот на Gläce Ice е индивидуално изваден од 150 кила коцка кристачно чист мраз, за да гарантира бескомпромисен квалитет и нулта вкус кој никогаш нема ја контаминира есенцијата на премиум пијачките".
Веднаш ви паѓаат во очи оние силни зборови со кои се опишуваат овие коцки а кои на англиски звучат уште погламурозно: "melt rate," "zero taste profile," "individually carved".....
И тоа е тоа. Како што гледате, Сегуера успeал дури и да го "диверизифицира портфолиото" на компанијата па наместо саде коцки, продава и сферичен мраз, опишувајќи ја сферата како "идеален облик за максимизирање на површината" која ја лади пијачката.
Притоа, во описот на производите се дава упатство на секоe парченце мраз да му се даде шанса да "зрее" (да, баш како кај виното) 3 до 4 минути па дури потоа да се конзумира пијалокот.
Успехот на ваквиот бизнис модел полакоми и други па сега имате неколку компании кои за големи пари нудат премиум мразој, при што секоја си бара нешто уникатно, од типот дека нивниот мраз нема никакви агли бидејќи "аглите се најнеквалитетниот дел од мразот".
Уредник на Мајами Хералд нарачал комплетче за да го тестира ексклузивните коцки на Gläce и нивните мелтинг рати и нормално - бил разочаран.
"Додека се наместиме за фотографирање, мразот веќе беше стопен. Гледав како пред очи ни ги снемува непотребно фрлените пари", напиша во весникот.
Муабетот со ексклузивниот мраз од 8 долари парче со кој се ладат пијачки на забавите на Плејбој стигна и до Колберт кој со задоволство замислуваше како идиотски се чувствуваат тие купувачи кога ќе им дојде време за мочање.