Американските медиуми денес личат на југословенските пред распадот

Кога еден човек долго и континуирано се храни од еден ист проток на информации, без разлика дали е тоа Сиенен или Фокс, тој веќе не може рационално да согледа ситуација, освен да ја толкува во наративот во кој „информативно живее“. Тоа се оние моменти кога на слава ќе се шокираш колку тоа се просељачил некој вујко, ама и тој ќе се шокира како е можно да си толку слеп.

На некогашната американска телевизиска сцена, постоечките ТВ гиганти (ABC, CBS, NBC) се обраќаа на најширока можна публика и правеа програма која може заедно да ја гледа целото семејство. Затоа создаваа умерени, неофанзивни вести кои може да ги гледа и стариот конзервативец и младиот прогресивец кој го има по дома. По доаѓањето на интернетот и кабелџиите, некои медиуми како Фокс њуз сфатија дека тоа веќе не е оптималниот бизнис модел па наместо на цело семејство и на сите, внимателно таргетираа публика на која ѝ се обраќаат и која ќе ја доминириаат.

И некогаш и сега, во суштина не не се работи за политиката како таква туку за рационална бизнис стратегија и максимизирање на профитот. Тоа денес е модел по кој функционираат сите: не се занимаваш со информирање туку на публиката која си ја одбрал ѝ ги даваш вестите за кои знаеш дека сакаат да ги слушнат.

Големите политички партии и меинстрим медиумите толку многу пати имаат излажано за толку важни теми, што луѓето се спремни да му дадат доверба и на најлудиот на сцената, каков што беше Трамп.

Ќе дојде време кога некој богат инвеститор или претприемач ќе сфати дека наоколу има огромна публика која не сака да ја слуша верзијата ни на Сиенен ни на Фокс, и дека на таа армија луѓе им е преку глава од поларизирачкото, бомбастично и хардкор политичко гледање на светот и тоа може ќе биде почеток на создавање на еден нов, поинаков медиумски еко-систем. Само што, уште не сме таму.

*********

Од истиот автор:

Како Њујорк Тајмс стана Фокс њуз

На истата тема:

„Другата страна“ не е глупа

10 јануари 2021 - 21:37