Занимливости

Шпански град ќе ги запленува пешкирите за резервирање на плажа

Сите посетители на плажите на градот Калпе се потсетени дека им е забрането поставување на каква било опрема за резервирање место на плажа, од пешкир до лежалка, пред 9 часот наутро.

Монт Еверест не може да се дочисти од ѓубре

Екипи на Непал, составени од војници и шерпи/шерпаси имаа задача оваа пролет да го исчистат највисокиот алпинистички камп на Монт Еверест. Работеле тие цела сезона со една третина кислород колку што му треба на човек и на крај порачаа дека, за да ја завршат работата, ќе им бидат потребни уште години.

Небинарниот на Бајден избегна затвор

Сем Бринтон, своевремено првата нон-бајнери личност со лидерска позиција во администрацијата на Бајден (во Департментот за енергетика, одделот за нуклеарен отпад) нема да лежи затвор поради неговата навика од аеродром да заминува со туѓи куфери. Не му е првпат, третпат му е. Договорот е да ја врати облеката, да се извини и да замине на третман за ментално здравје. 

На млади Кинези им се заарни во старечки домови

Пензионерските домови во Кина почнаа да нудат сместување за млади, истрошени, професионалци кои бараат место за екстремно рано „пензионирање“, обично некаде во 30-те години.

Белгија се сврте кон внатрешна убавина, буквално

Во Белгија заврши изборот на Топ жена фокусиран на внатрешната убавина и телесната позитивност на учесничките.

Градоначалникот и гатачката

Локална гатачка во еден француски град го убедила градоначалникот дека може да разговара со мртви, меѓу кои и неговиот татко. Градоначалникот се навлекол на тие сеанси па имал стотици муабети со мртви, понекогаш и со ангели. По некое време, сосема очекувано, ангелите почнале да го убедуваат градоначалникот да ѝ помогне на гатачката да ја реновира куќата.

Њујорк има 350 илјади милионери

Њујорк е град во кој живеат најмногу милионери на светот. САД имаат 11 свои во глобалните топ 50-те, но, Кинезите брзо стигнуваат. Постојат градови во Кина чија милионерска популација има пораснато за преку 140% во изминатите десет години. Лондон и натаму паѓа а Москва е издишана и таму бројот на милионери е намален за една четвртина. 

Имате ли некој од најчесто користените пинови?

Во извештајот “Information is Beautiful” темелен на 3,4 милијарда ПИН-ови, се наведуваат најчесто користените комбинации на бројки. Некои од нив толку често се користат што глупо е прво нив да не ги пробате ако сакате да отворите нечиј мобилен или да пробиете картичка. На пример, „1234“ го користат дури 11% од луѓето.

Добитникот на 1,3 милијарди долари на лото, заврши на суд со домашните

Мажот од Мејн кој освои еден од најголемите џекпоти во историјата на САД, заврши на суд со најблиското семејство кое го обвинува дека се шконтарел и не им ги дал парите кои ветил дека ќе им ги даде.

Бетовен: Убило ме вино евтино

200 години откако Лудвиг Ван Бетовен падна на смртна постела и на неа пиеше вино со лажица, истражувачите веруваат дека го имаат последниот збор за да ја објаснат неговата абдоминална болка, надуеност, дијареа и губење на слухот: труење со олово. Велат дека такви концентрации на  олово немаат видено. Џабе пиел тон лекови кога се труел со евтино вино, убеден дека му годи. А пиел и до 75 лека.

Полска укина домашни

Во прв таков експеримент во ЕУ, Полска одлучи да престане со давање домашни задачи на своите ученици, бидејќи дел од истражувањата покажале дека за децата имало многу малку корист од пишување домашни задачи.

На Норвешка малку ѝ се 24 часа на ден, бара 26

Најсеверниот регион на Норвешка побарал од Европската комисија да му даде дозвола да воведе временска зона со 26 часа, бидејќи овие 24 не вршат работа таму горе.

Англиско школо ќе нуди „цигли“ од мобилни

Основно училиште од Бленфорд, Англија, планира од септември за учениците да нуди од оние базичните мобилни телефони, бидејќи со смартфони и сите опции кои со нив ги имаат, децава не можат да се спастрат и да се фокусираат на школото, часовите и лекциите. Родителите се за, за нивните деца не сме сигурни. 

Американски копиљ го победи Тетрис

13 годишен тинејџер од Оклахома е првиот човек кој успеа да победи во Тетрис, прочуената Нинтендо игрица, која постои цели 34 години. Интересно е што до пред неколку години се веруваше дека на Тетрис има најмногу 29 нивоа. Малиот стигна до 157 ниво по што играта се скрши.

Бакшиш ли е 70 долари?

Вечно недоразбирање има меѓу Американците и остатокот од светот околу бакшишиот во кафана. Во држави во кои келнерите се платени прописно, бакшишот е само доброволно частење заради задоволството од услугата. Од друга страна. американскиот кафанџија не го плаќа персоналот ко што треба, па без парите од башишите, едноставно не се преживува.

Шварценегер не смее да дига тешко

После три операции на срцето и замена на уморните и расходувани срцеви залистоци, на Арнолд Шварценегер му е забрането баш она по што стана познат, да дига тегови, бенчови - менчови. Јака животна иронија е тоа, на рамниште на она кога на просечен Македонец би му било забрането после третата ракија да зборува за политика.

Разбирањето е во печатен текст, не во дигитален

Читањето печатен текст може да ве унапреди за што и да читате шест до осум пати повеќе отколку читањето на истиот текст ама во дигитална верзија. Читањето печатен наспроти дигитален материјал излегло дека е посебно важно за деца.

Роботски е да се греши

Робот кој без проблеми се користел пет години за сортирање зеленчук, решиле да го подобрат и да го направат уште поефикасен. Му додале екстра сензори и дополнителен софтвер па техничар сакал да провери дали системот работи добро. Очигледно не, бидејќи роботот помислил дека не се работи за човек туку за кутија пиперки.    

Ако пулсот ви е слаб, пробајте паралелно паркирање

Од сите стресови кои со себе ги носи возењето кола (од идиоти кои сакаат да се пикнат во твоја лента, до идиоти кои не ти даваат да им се пикнеш во нивна лента), се чини организмот најмногу го вознемирува паралелното паркирање. Им мереле пулс на луѓе кои паркираат паралелно. Срцето забрзувало речиси 60 проценти.

Слабеење ни под разно!

Истата личност која до сега активно работеше на тоа дебелите да добијат гратис дополнително седиште во авион, сега е со нова и уште поважна мисија - да ги натера хотелите низ светот да почнат да ги шират ходниците за подобро да можат да угостат пошироки гости.

Лего дигна раце од пластика од рециклирани шишиња

Лего се откажува од напорите да ги произведува своите прочуени коцки од рециклирани пластични шишиња.  Данската компанија вели дека компликациите со материјалите, на крајот би довеле до повисоки вкупни емисии на јаглерод. Тестирале стотици и стотици материјали, ништо. Нафта си е нафта.

Мис Италија ќе прима само „фабрички жени“

Во време кога Холандија ја доби својата прва мисица трансродова жена, Мис Италија објави дека нема намера да дозволи трансродови жени да учествуваат во натпреварот и дека сите учеснички „мора да бидат жени од раѓање“.

Гратис викенд фантазирање

Бидејќи секако највозбудливиот дел од играњето лото е зенот во кој влегуваш од фантазирањето од моментот кога ќе уплатиш до моментот кога нема да ти се падне, треба да знаете дека џекпотот за следното извлекување на Пауербол е - 875 милиони долари.

Живееме во цртан филм

Канадски суд одлучи дека емоџи од палец нагоре (👍) испратено по порака е идентично валидно како и потпис, и претставува прифаќање на договореното.