Многумина кинески градоначалници, особено во руралните области, строго ги почитуваат правилата од фенг шуи - древната кинеска геомантија, која вели дека распоредот на пејзажите, зградите, собите, па дури и предметите во собата може да донесе среќа или несреќа.
Иако Комунистичката партија се противи на религијата и суеверието, се смета дека околу половина од Кинезите денес веруваат во фенг шуи. Распоредот на собите и мебелот во домовите нема никакво влијание врз економијата и политиката, но кога тоа го прават градоначалниците со урбаното планирање, оставаат последици врз заедницата, па и врз државната каса.
Во 2014 година, партискиот секретар на градот Хуаинан во провинцијата Анхуи наредил да се разнесе хотел со пет ѕвездички што бил во изградба, бидејќи сметал дека е штетен за неговиот фенг шуи. Во 2015 година, функционер во Гуангдунг им го одзел земјиштето на селаните за да уреди поволно место за семеен гроб.
Централната комисија за дисциплинска инспекција – внатрешното тело на партијата за контрола и надзор – регистрирала случаи кога функционери трошат јавни средства за преориентирање на деловните згради, ангажирање мајстори за фенг шуи и купување амајлии.

Џастин Џихао Хонг од Универзитетот во Бостон и Јухенг Џао од кинескиот Универзитетот „Женмин“ ангажирале професионални астролози за да ги одредат неповолните насоки за сите градоначалници во Кина кои биле на функција во периодот од 2000 до 2018 година. Врз основа на тие податоци, тие утврдиле кои од окрузите под надлежност на градоначалникот би се сметале за неповолни и добиле впечатливи резултати.
Ако сè друго е исто, окрузите што се наоѓаат во неповолни насоки за градоначалниците во просек имале 2,3% помал БДП. Во овие окрузи имало околу 6% помалку нови фирми, продуктивноста на постоечките бизниси била намалена за 4%, а забележан е дури и мал пад на населението.
Во случаи на заминување или смена на суеверните градоначалници, локалните економии го надоместиле растот за околу три години.
Проценуваме дека во периодот од 2000 до 2018 година, годишната загуба на БДП изнесувала најмалку 0,1%, односно над 40 милијарди јуани (6 милијарди долари) годишно – што е еквивалентно на производството на 2,8 просечни кинески окрузи или на економијата на земја како Руанда или Монголија, заклучуваат авторите.