Британците што дипломирале во 2024 година може да очекуваат да заработат 816.000 фунти во текот на својот работен век, покажува ново истражување на владина агенција. За споредба, генерацијата што дипломирала во 2020 година е на пат да заработи 882.000 фунти, што е речиси 10% повеќе.
Во истиот период, намалена е и очекуваната вкупно заработена плата за магистрите и докторите, која за дипломците од генерацијата ‘24 изнесува 831.000 фунти.
Истражувањето сугерира дека вредноста на универзитетската диплома се урнала поради зголемениот број на студенти, повисокото задолжување за студиите и порастот на „безвредни“ дипломи.
Друг извештај од Канцеларијата за национална статистика покажува пад на „премијата за дипломирани студенти“, што значи дека растот на платите на вработените со диплома за високо образование не го следи темпото со кое им се зголемуваат платите на ниско платените работници во изминатите две децении.
Доживотната очекувана заработка на неквалификуваните работници во текот на 20-годишниот период се зголемила од 378.000 фунти на 485.000 фунти. Тоа значи дека дипломираните студенти пред 20 години заработувале 2,5 пати повеќе од вработените со минимална плата. Денес заработуваат само 1,6 пати повеќе.
Сепак, постојано се зголемува бројот на студенти. До 2006 година 25% од 18-годишниците се запишале на универзитет, во 2015 година се запишале 30%, врвот од 38% бил достигнат во 2021 година, а во 2025 година благо опаднал на 36%.
Како последица, се зголемил бројот на млади луѓе оптоварени со кредити за студирање, како и процентот на невработеност. Извештајот на тинк-тенкот Policy Exchange покажува дека само 57% од студентите кои дипломирале во летото 2024 година се вработиле со полно работно време во рок од 15 месеци по завршувањето на студиите. Тоа е најниско ниво во изминатите пет години.
Интересот за запишување на факултет драматично се зголемил во времето на поранешниот премиер Тони Блер, кој постави цел „половина од младите луѓе да продолжат кон високо образование“. Лабуристите дури лани се откажаа од таа иницијатива, за која премиерот Кир Стармер рече дека „не е вистинското решение за нашето време“.
Ник Хилман од Институт за политика на високото образование оцени дека причината за падот на очекуваната заработка на дипломираните студенти не е намалување на вредноста на дипломите.
Бројките кажуваат повеќе за економијата на Британија отколку за високото образование. Нема стагнација на плати кај другите земји што го зголемија бројот на дипломирани студенти со слична брзина. Овие податоци се одраз на неконкурентноста на економијата на Британија, која се соочува со години на побавен раст, ниска продуктивност и дополнителни трошоци за работодавците, тврди Хилман.