Трезори за супербогати сто метри под Алпите

Швајцарска компанија копа мрежа од бункери длабоко под Алпите во која супербогати клиенти ќе можат да ги чуваат своите пари, накит, уметнички колекции, па дури и лимузини. За сума до 1 милион франци, клиентите добиваат апсолутна анонимност и право да складираат што сакаат во период од 99 години. Единствено е забрането внесување експлозиви и дрога.

Швајцарската компанијата „Бриниг“ пред неколку месеци почна со изградбата на проектот „Мега сеф“ во регионот Лунгрен и планира да ги отвори првите бункери веќе во текот на 2027 година.

Во подземната мрежа, според првичниот план, ќе има 20 до 25 простории со различни димензии, но главно со големина на просечна гаража. Клиентите добиваат огромни приватни трезори над кои има најмалку сто метри карпи, максимална безбедност и константна температура од 13 Целзиусови степени, во кои ќе можат да депонираат вредности по сопствен избор.

Тајноста на содржината ќе биде загарантирана како во типична швајцарска банка. Пристапот до трезорите води преку контролна точка и специјални проверки, за кои компанијата одбива да соопшти детали. Дури ни „Бриниг“ нема да има пристап до бункерите. Единственото ограничување е да не се внесуваат дрога и експлозиви, поради што пакетите ќе бидат проверувани на влезот. Сè друго е дозволено.

Првите нарачки се за 20 автомобили и повеќе од 100.000 шишиња вино, вели Томас Гасер, директорот на компанијата.

Цената за правото на 99-годишно изнајмување варира од просторијата и намената. Според швајцарските медиуми, најевтините бункери се изнајмуваат за половина милион франци, а некои достигнуваат и милион. Предноста е што купувачите добиваат тапија за сопственост, која може да ја продадат, па дури и да ја заложат како гаранција за кредит.

„Бриниг“ го чува заштитен идентитетот на клиентите. Единствено наведува дека има интерес од Швајцарија, Германија, Шведска и Обединетите Арапски Емирати. Се проверува и потеклото на парите. Најмалку двајца заинтересирани клиенти биле одбиени поради оваа мерка.

Дубаи долго време важеше за безбедно засолниште на богатите. Денес општата безбедност на емиратот е доведена во прашање, вели Гасер.

Тој укажува дека има потенцијал за проширување на проектот. Хомогеноста на карпите овозможува изградба на поголеми бункери со волумен од 100.000 кубни метри. Планинскиот масив веќе е испресечен со тунели. Таму има подземен полигон за стрелање и за обука на противпожарни екипи, како и најголемото депо за експлозиви во земјата.

Швајцарија, исто така, има огромно искуство со изградба на бункери, не само трезори за банките, туку и засолништа со регистриран капацитет да примат 370.000 луѓе. Според некои извештаи, Швајцарија е единствената земја во светот со доволно подземни простории за да ги засолни сите жители.

14 август 2026 - 14:06