„Бетмен од Лагос де Морено“, како што го нарекуваат локалните медиуми, уловил најмалку петмина крадци на различни локации во мексиканската држава Халиско. Како крунски доказ, пред нив ги паркирал украдените велосипеди.
Првиот случај беше пријавен во градот Лагос де Морено на 13 јуни, кога беше пронајден маж врзан за столб за улично осветлување, со картонски натпис во кој се обвинуваше дека е крадец. Во наредните денови, пронајдени се уште четворица мажи во речиси идентични околности, со видливи траги од физичка пресметка – расеченици, модринки или крвави лица.
На некои од своите жртви оставил потпис: им нацртал мустаќи или им ја залепил устата со селотејп.

Идентитетот на уличниот херој не е откриен, но локалните медиуми пишуваат дека тој решил да го преземе делењето правда во свои раце, затоа што полицијата, обвинителството и судовите не можат да го спроведат законот.
Обвинителот Салвадор Гонзалес де лос Сантос изјави дека се истражуваат сомневањата против врзаните мажи, но додаде дека и тие се жртви, бидејќи незаконски биле нападнати и лишени од слобода.
Полицијата соопшти дека се следат најмалку два камиони за кои се претпоставува дека ги превезуваат луѓето што всушност ги собираат и врзуваат осомничените крадци, што укажува на тоа дека „Бетмен“ можеби всушност е координирана група, а не поединец.

Мексико долго време се соочува со високи стапки на насилен криминал. Во 2023 година биле регистрирани повеќе од 36.000 случаи на насилно одземање возила. Уште помасовно се крадат мотоцикли и велосипеди, кои подоцна се користат за други кривични дела. Во сојузната држава Мексико во околу 70% од кривичните дела биле користени украдени мотори. Државата Халиско не е озлогласена само како центар на најбруталните нарко-картели, туку и поради високиот број на кражби.
Мексико веќе има видено вакви работи. Во 2018 година во Пуерто Ваљарта беа оставени голи мажи врзани за бандери, со буквата „R“ избричена на нивните глави. Тој случај никогаш не беше расветлен, а со оглед на тоа како се одвива ситуацијата онлајн – каде што мислењата се поделени меѓу оние што го поддржуваат самопрогласениот одмаздник и оние што предупредуваат каде може да доведе тоа – постои голема веројатност и овој случај да заврши на ист начин.