Како супермаркетите се богатат од бесплатни залчиња

Нема бесплатен ручек? Секако, тоа е една од девизите на синџирот супермаркети Costco, кој на купувачите упорно им нуди бесплатни залчиња најразновидна храна, од тартуфи до карфиол. Луѓето не можат да одолеат на храна ако е бесплатна, а маркетите заработуваат богатство од зголемената доверба, рекламирањето по социјалните мрежи и членските картички.

Со трикот на делење бесплатни примероци храна, Costco си обезбеди и бесплатни реклами креирани од самите купувачи. По социјалните платформи вирално се шират снимки од купувачи кои вртат кругови меѓу гондолите и се хранат само со бесплатни примероци храна. За да добијат што е можно повеќе кликови, доаѓаат со денови и се снимаат како ги празнат послужавниците пред тоа да го сторат нивните конкуренти. Не е важно дали е послужена супа со кнедли, месни деликатеси или парче торта со јагоди, сè додека не мора да се плати.

Кејтлин Џонсон, директорка на рекламна компанија од Њујорк, вели дека бесплатните примероци ѝ отвораат апетит, без оглед дали би ги јадела во друга прилика. 

Двапати одминав печен карфиол. Но, видов како луѓето велат: „О, боже, ова е неверојатно“, па си реков дека сигурно има причина зошто, вели Џонсон.

Со текот на времето таа развила манија за бесплатна храна. На секои десет примероци што ги зема, два ги пробува во супермаркетот, а другите ги носи дома. Наполнила два фрижидери. „Не му кажувам на Костко што ми треба. Костко ми кажува што ми треба, вели Џонсон.

Каде е ќарот за супермаркетите?

Научни студии покажуваат дека подароците, колку и да се ситни, предизвикуваат возбуда кај купувачите и ги тераат да се вратат по уште. Тие испраќаат потсвесна порака: „Купи ме“ и луѓето многу често го прават тоа.

Вкусот на нова храна може да создаде траен прв впечаток - сеќавање на вкусот - што го разгорува апетитот за таа храна и други слични на неа. Бесплатните примероци, исто така, ги отстрануваат претпоставките при купувањето. Откако ќе ги пробате тартуфите или динстаните кратки ребра, знаете дали ви се допаѓаат или не. Costco преку компанијата Club Demonstration Services која управува со примероците во продавницата, многу внимава да создаде стручно вкусен залак. Тој ги поттикнува луѓето да го гледаат примерокот како уникатен и посебен десерт поради интензитетот на нашето внимание кон него во тој момент, објаснува Ден Ариели, професор по психологија и економија на однесувањето на Универзитетот Дјук.

Нил Сондерс, директор на агенцијата „ГлобалДата Ритејл“ додава дека покрај реалниот комерцијален импулс за да се купи храната што е пробана, и тоа во поголемо пакување, нудењето бесплатни примероци создава имиџ дека супермаркетот се грижи за своите купувачи. 

Тоа е особено важно во комбинација со картичките за членство. Бесплатните примероци ја поттикнуваат лојалноста што може да се измери со промената на годишните членарини од 145-те милиони членови на Costco кои имаат картички. Профитот од тие членарини му помага на супермаркетот да продава сè по пониски цени, од ѓевреци до говедско месо вагју.

14 јули 2026 - 09:00