Одлучувањето дали да се вложи напор за извршување некоја задача или целосно да се игнорира е способност што човекот ја развивал низ еволуцијата, се заклучува во нов научен труд.
Генерално, луѓето, како и животните, се однесуваат според принципот на најмал напор. Тоа значи дека при еднакви услови тие тежнеат кон најлесниот начин да добијат награда или да избегнат казна, објаснува психологот Натали Андре од Универзитетот во Поатје, главен автор на студијата.
Притоа се укажува дека напорот самиот по себе не предизвикува одбивност. Мозокот ги мери трошоците и придобивките од вложувањето напор за да може ефикасно да ги распредели ресурсите и да ја одржи алостазата - оптималното функционирање на телесните системи.
Тоа ги објаснува луѓето што се решаваат за екстремни спортови, бидејќи тие, за разлика од „лежерните“, сметаат дека имаат придобивки од вложената енергија и изложеноста на разни ризици. Вежбањето носи низа позитивни емоционални состојби, под услов интензитетот да е соодветен на можностите и да не предизвикува болка.
Напорот е разложен на осум главни трошоци: метаболички - потрошена телесна енергија, когнитивна контрола - колкав ментален ангажман е потребен, време, притисок, замор, болка, фрустрација, ризици и закани. Секој од овие трошоци може да има објективни карактеристики, кои може да се измерат, но и субјективни, кои зависат исклучиво од перцепцијата.
Мозокот постојано ги обработува и нуди информации. Ако пресмета дека нема полза, било од објективна или субјективна гледна точка, сосема е оправдано да ја зачува енергијата додека не се појави нешто вредно за ангажман, се наведува во студијата.
Анализата ги поткрепува претходните наоди дека луѓето уште во најраната возраст не го доживуваат напорот како нешто непријатно или одбивно. Едно истражување утврдило дека шестгодишните деца повеќе се смееле откако завршиле тешка задача отколку лесна. Задоволството било поголемо кога задачата била нова, за разлика од случаите кога се повторувала и барала помалку напор.
Овие наоди елегантно покажуваат дека задоволството е поврзано со стекнувањето нови информации. Играта што вклучува напор е основен елемент на здравите меѓучовечки односи. Ако никогаш не се напрегате, тоа би можело да доведе до тешкотии во прилагодувањето, заклучуваат авторите.