Геоинженеринг:

Сакаат да го скротат Ел Нињо со побели облаци над Пацификот

Предупредувањето од ОН дека годинешниот Ел Нињо во Пацификот ќе има екстремен интензитет дојде како порачано за научниците кои развиваат теории за геоинженеринг. Предлагаат да ги осветлат облаците над океанот за да фрлаат подебела сенка и да ја спуштат температурата. Тврдат дека краткорочната мерка би била поефикасна од глобалните напори против загревањето.

Краткорочен геоинженерски проект за осветлување на облаците над источниот регион на Пацификот би можел да го запре феноменот Ел Нињо и да спречи штета од билиони долари за глобалната економија, се заклучува во нова студија на експерти од Универзитетот Сан Диего.

Климатскиот феномен Ел Нињо природно се јавува на секои 2 до 7 години кога источните ветрови ослабуваат и ѝ дозволуваат топлата вода од западниот Пацифик да се врати во централните и источните делови на океанот. Тоа ја загрева атмосферата и ги крева глобалните температури, што носи огромни загуби за економскиот раст.

Светската метеоролошка организација предупреди дека во источниот дел на Тихиот Океан моментално се развива појава што би можела да прерасне во „супер“ Ел Нињо. Како одговор се предлага техниката на „осветлување на морските облаци“, која опфаќа прскање ситни капки морска вода во воздухот под ниските стратокумулусни облаци за да се кондензира влагата. Облаците стануваат побели поради зголемениот број капки, со што одбиваат повеќе сончева светлина кон небото.

Засенчувањето на дел од источниот Пацифик, познат како регион „Нињо 3.4“, би можело да ги прекине процесите што водат до развој на феноменот. Пониските температури на површината на морето би ги засилиле пасатните ветрови, кои повторно би ја вратиле топлата вода кон запад, а ладната би избивала од длабочините на источниот Пацифик.

Со техниката за осветлување на морските облаци, можете да го спречите домино-ефектот уште во рана фаза и да го насочите циклусот во спротивна насока, објаснува Џесика Ван од Универзитетот Сан Диего.

Во студијата се моделирало какво влијание би имало осветлувањето на облаците врз екстремните удари на Ел Нињо од 1997 и 2015 година. Резултатите покажале дека деветмесечно прскање со морска вода би го намалило затоплувањето во регионот „Нињо 3.4“ од 2 Целзиусови степени на 1 степен. 

Операцијата би вклучувала околу 2.400 бродови, кои би требало да прскаат огромна количина морска вода, што е речиси невозможно да се постигне со сегашната технологија на млазници.

Ван признава дека се можни непосакувани последици, како јакнење на контрафеноменот Ла Ниња - кога се спуштаат температурите на Пацификот, а се креваат во други региони. Ла Ниња која следела по годините опфатени во студијата предизвикала суша и глад на Рогот на Африка.

Мет Колинс од Универзитетот во Ексетер, предупредува дека резултатите од компјутерските анализи можеби воопшто нема да се пресликаат во реалниот свет, бидејќи затоплувањето на морињата обично ги распрснува ниските облаци, што пак предизвикува дополнително затоплување и понатамошно губење на облаците.

24 јули 2026 - 16:19