Џон Стујарт стана една од клучните политички фигури на нашето време - некој толку паметен, смешен и храбар што речиси можеше да ја разјасни политички непријатната декада и половина. Признанијата во текот на неговата последна недела на „Дејли Шоу" почнуваат да се трупаат, и тој само што не добил место на планината Рашмор.
„Ќе издадам наредба", изјави претседателот Обама при неговото гостување пред две недели. „Џон Стујарт не смее да го напушти шоуто". Денис Лири изјави дека тој и Крис Рок би пишувале вицови само Стујарт да остане во емисијата.
Стујарт е толку сакан - особено од младите, медиумски писмени либерали - што го прави водач во неговата област. Оттаму, настрана изјавите дека е „нервозен" и дека сака да биде со своите деца, тој чувствува потреба да се повлече (нели може Комеди Сентрал, на пример, да му даде еден фин рехабилитирачки одмор?)
Гледајќи ги неговите последни емисии паралелно со некои од поранешните изданија на Дејли шоу - првите од 1999, преку покривањето на изборите Буш вс. Гор во 2000, неговата реакција на 9/11, на ирачката инвазија, судирите со Такер Кларсон и Џим Крејмер - не е тешко барем да се претпостави што се случува.
Еве што пишува Џејмс Пониевозик од „Тајм" во една од поперцептивните анализи:
„Од сите начини на коишто ќе ми недостасува Џон Стујарт - како комичар, вистинокажувач, критичар на срања - пред сè ќе ми недостасува како медиумски филтер. Не мислам на тоа во вообичаената смисла на некој којшто зема голем број вести, ги скенира и ги акцентира најинтересните. Мислам на филтер како оној во базените или во погон за прочистување вода, или филтер во вашиот крвоток, што апсорбира порој полн отрови - во овој случај политика, „експертски анализи" и сензационализам - и ги претвора во нешто кое може безбедно да го користите."
Никој не е подобар во ова од Стујарт. Но постојаната „исхрана" која му ја нудеа Фокс њус и другите телевизиски вести го земаа својот данок. Праведниот гнев е значајна алатка за секој комичар или општествен коментатор, или што и да е Стујарт од сето ова. Но спротивно од традиционалните водители на вести, кои се држат телевизиски монотоно без оглед што се случува во вестите, Стујарт се вознемирува, станува лут, повреден, разочаран и сè помеѓу. Тоа му се случува реално и го засилува нашето чувство за него како за обичен човек кој минува низ сè што чувствуваме и ние, но ете само случајно е поелоквентен и поинтелигентен од сите нас.
Но во последно време лутината му се претвори во огорченост. Неговиот гнев - порано употребуван само од време на време, кога беше неопходно - сега стана постојан. Гледајте го на почетокот на некои од последниве епизоди и тој веќе превртува со очите дури и пред да каже што и да е. Деновиве се случуваат многу вознемирувачки работи, но Стујарт почнува да се крши од вестите кои ги покрива.
Спротивното му се случи на Дејвид Летерман во текот на неговите последни сезони: на врвот тој беше дефиниран од неговата забавна, аполитичка иронија која им се нафрлаше и на политичарите и на корпоративната алчност. При крајот тој почна да станува полежерен, подистанциран. Но од друга страна ова му овозможи да го заврши шоуто со достоинство и малку очигледно его. Неговите последни емисии беа најдобрите збогувања кои можат да се замислат.
Стујарт на повеќе начини е посуштинска појава, како и јавна интелектуална фигура каква што ни е сега потребна. Во текот на лицемерието коешто владееше во текот на Бушовата ера, лигавењето на Фокс њуз, расистичките напади против Обама и сите други тешки периоди, Стујарт настапи онака како што малкумина би го направиле тоа. Но процесот изгледа го нагриза.
Проблемот со постојаниот сарказам и гневнот - дури и кога е оправдан - е што не делува убедливо за луѓе кои не се од твоја страна. Стујарт никогаш не сакаше да им проповеда на оние кои веќе му веруваа, тој беше остар и кон демократите и кон други институции лево од центарот. Но како што се одјавува неговиот досег се намалува, и покрај зголемувањето на неговиот интензитет. Споредете го неговиот начин на однесување во последно време со колегите-прогресивци Елизабет Ворен или Џон Оливер, за да видите колку станал ригиден и нервозен.
Среќни сме што уживавме во талентите на Стујарт, речиси секој работен ден во последните 16 години. Но последната година тој изгледа не беше добар ни за самиот себе, а ја нема и некогашната моќ на јавна фигура.
„Гледањето на сите тие канали секој ден е неверојатно депресивно", изјави тој за Гардијан. „Живеам во постојана состојба на депресија. Мислам за нас како за рудари на срања. Си го ставам шлемот, влегувам во рудник со гомна, и се надевам дека нема да добијам гомнарска болест на белите дробови".
Ќе ми недостасува остриот ум и брзата мисла на Стујарт. Но премногу години занимавање со оваа работа би уништиле секого. Да го поздравиме повторното појавување на неверојатно талентираниот Џон Стујарт во нова и различна форма.
Скот Тимберг за Салон