Со пристап до базата на Гугл и баба знае да се клади

Инженер вработен во Гугл го злоупотребил привилегираниот пристап до доверливи податоци за да добие 1,2 милиони долари на пазарот за предвидувања Полимаркет. Се обложил на 2,7 милиони долари за прашање на кое го знаел одговорот: Дали најпребаруваната личност на Гугл во 2025 година ќе биде папата Лав, сопругата на Канје Вест или  D4vd?

Софтверскиот инженер Микеле Спануоло е уапсен и обвинет за измама со стоки, банкарски трансфер и перење пари поради злоупотреба на податоци од компанијата во која работи.

Обвинителите тврдат дека 39-годишниот инженер, тргувајќи под корисничкото име АлфаРакун, вложил 2,7 милиони долари на 25 одделни облози дека најпребаруваното име на Гугл во 2025 година ќе биде пејачот D4vd, кој бил аутсајдер во трката со фаворитите - папата Лав XIV и Бјанка Ценсори, сопругата на Канје Вест. Високиот коефициент му донел добивка од 1,2 милиони долари.

Тој пристапил до нашиот маркетиншки материјал користејќи алатка достапна за сите вработени. Користењето на такви доверливи информации заради обложување е сериозно кршење на нашите политики, изјави Жаклин Васкез, портпаролката на Гугл.

Ова не е прво федерално обвинение во САД поврзано со облозите на пазарот на предвидувања. Во април војник од специјалните сили беше обвинет дека заработил над 400.000 долари на Полимаркет користејќи пристап до класифицирани информации за апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро.

Во април платформата Калши суспендираше сметки на тројца потенцијални конгресмени -  Езекиел Енрикез, Мет Клајн и Марк Моран, кои се обложиле на сопствените кандидатури. Моран наводно вложил пари на себе за облогот: „Кој ќе се кандидира за јавна функција оваа година?“, пред да ја објави својата кандидатура. Тој тврдеше дека тоа го направил намерно за да види дали ќе биде откриен.

Боби ДеНолт од правната служба на Калши објави дека неговиот тим открил и спречил стотици случаи на инсајдерско тргување преку пребарување на социјалните медиуми, евиденцијата за вработување и други јавни податоци.

Неговата работа е се потешка поради експлозија на популарноста на платформите за предвидувања. Комбинираниот месечен глобален обем на тргување на Полимаркет и Калши се зголеми од помалку од 5 милијарди долари во септември 2025 година на приближно 24 милијарди долари во април 2026 година.

За споредба, тоа е речиси двојно повеќе од она што го обработуваат легалните спортски обложувачници во САД.

16 јуни 2026 - 11:38