Собрале позади Трамп во Анкара како позади куче после шетање

Додека Доналд Трамп престојува во Анкара на самитот на НАТО, неговите телохранители ќе се грижат да не остави ништо свое зад себе, дури ни по голема нужда. Протоколи предвидуваат дека никаков телесен отпадок од претседателот на САД не смее да допре почва на странска земја, за да не остави биолошки траги што може да бидат вреден плен за странски агенти.

Како и при секоја посета на странска земја, задолжителната опрема за претседателот на САД содржи и личен нужник. Агентите од Тајната служба што го придружуваат мора да внимаваат Трамп да не се олесни на место каде што би оставил биолошки траги, дури ни во локалниот канализациски систем.

Целиот телесен отпад произведен од американскиот претседател ќе се собира, уредно ќе се чува и со „Ерфорс 1“ ќе биде транспортиран назад на американска почва.

Ова е предвидено за да се спречат странски разузнавачки служби да допрат до изметот од Трамп, не само за да анализираат што сè јадел претходниот ден и какви лекови примил, туку и да ja изолираат неговата ДНК.

Безбедносните подготовки во хотелот во кој е сместен Трамп почнаа повеќе од една недела пред самитот на НАТО. Тајната служба, според протоколите, не само што проверува дали е озвучен апартманот на претседателот, туку спроведува детална инспекција на целиот хотел, вклучувајќи ги водоводната и канализациската инфраструктура, електричните системи, вентилацијата и системите за гаснење пожар и евакуација. Тајната служба, исто така, побара дозвола за распоредување на безбедносни дронови со близок дострел во Анкара.

Хотелот на Трамп е целосно резервиран за американската делегација, без други гости. Претседателот е придружуван од делегација од приближно 1.400 луѓе, вклучувајќи функционери, политичари, дипломати, офицери и агенти од Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Ова е најголемата делегација на Самитот на НАТО.

Домаќинот Турција презеде посебни мерки за безбедност за американската и на уште стотина други делегации со шефови на држави, министри за одбрана и за надворешни работи и началници на генералштаби.

За време на самитот низ Анкара беа распоредени повеќе од 44.000 полицајци во униформа и во цивилка, вклучувајќи единици со специјално оружје, возила и муниција за разбивање толпи. Жандармеријата дополнително ги обезбедува точките за влез и излез од градот.

Официјалниот дел од Самитот почна вчера и завршува денеска, но вонредните мерки се на сила цела недела.

8 јули 2026 - 12:25