Американските старци се изборија за право на журка

Домовите за стари лица најмалку од се треба да бидат она на што прво асоцираат – соби во кои се самува и заедничка дневна со вести на телевизор пуштени на најјако и болничари што проверуваат дали секој си ја испил терапијата. Баба од Минесота водеше битка до Сенатот за да ги направи домовите повесели места. Пред една недела наздрави со гувернерот.

Анита Лебрун, 82-годишна баба на пет внуци, застанала на челото на правна битка кога разбрала дека на домот во Минеаполис во кој се вселила пред две години било забрането да им се служи алкохол на штитениците. Домот „Амира Чојс“ во предградието Чамплин лани добил опомена од локалните власти откако на церемонија по реновирање било послужено шампањско без да побара специјална дозвола. 

Правилата за пиење во домовите се разликуваат од држава до држава. Некои установи организираат специјални настани на кои се служи алкохол за да охрабрат социјализација, но други се воздржуваат поради скапата лиценца.

Директорката Сара Лиман вели дека на старите лица во „Амира Чојс“ им се дозволува да пијат алкохол во своите соби, но на заедничките дружби им биле дозволени до две пијачки, поради ризикот да не паднат и да се повредат.

Тоа што сме постари и живееме во установи за згрижување не значи дека треба да имаме помалку слободи од кој било друг. Јас и моите пријатели сакаме хепи аур, како и многумина од вас. Додека пиеме заедно, се навраќаме на спомените од нашите животи – на воената служба, подигнувањето семејство, загубата на пријател и славењето на златниот период од нашите животи, изјавила ведрата жена пред Сенатот на Минесота.

Минатата недела, таа во својот дом наздрави со гувернерот Тим Волц по повод почетокот на примената на Законот за среќен час за баби и дедовци. Законот им овозможува на домовите за стари лица и на другите установи за згрижување во оваа сојузна држава без посебна дозвола да служат алкохол и на штитениците и нивните гости за време на посебни настани.

Стареењето не треба да значи откажување од традициите и слободите во кои сте уживале целиот свој живот. Овој закон ја елиминира непотребната бирократија. Установите ќе имаат поголема слобода да организираат заеднички прослави на родендени, годишнини, часови за дружење и секојдневни моменти“, изјави Волц.

Охрабрени од вестите од Минесота, и други домови низ САД покренаа слични иницијативи. Домот „Амира Чојс“ планира голема журка за идниот месец. „Среќниот час“ ќе трае цел ден.

22 јули 2026 - 13:11