Фудбалерите ги преминаа сите граници

Колку повеќе репрезентации настапуваат на Светските фудбалски првенства, толку помалку има фудбалери што се родени во земјата чиј дрес го носат. Помалите нации не можат без фудбалери од дијаспората. Само еден фудбалер на Курасао е роден во земјата. Интересен факт за оние што мислат дека Франција игра со „странци“: дури 54 фудбалери на Мундијалот се родени во Париз.

Кога Хаити првпат настапи на Светското првенство во 1974 година, сите 22 фудбалери беа родени на островската земја и играа во домашното првенство. Во актуелниот состав, половина век подоцна, само 16 од вкупно 26 репрезентативци се родени на Хаити и само еден од нив живее во земјата. Селекторот на националниот тим, Французинот Себастијан Миње, никогаш не стапнал на Хаити.

Некои ќе забележат дека овој пресврт е логична последица на сите природни катастрофи, режимски и криминални несреќи што го погодија Хаити и предизвикаа масовна миграција, но ова е далеку од изолиран случај. На Светското првенство има репрезентации со уште повеќе „странци“.

На првото во 1930 година во Уругвај само 5% од фудбалерите играле за земја во која не биле родени. До светското во Катар во 2022 година имаше 16,5%, а сега дури 23,2%. Една од причините е проширувањето на турнирот. Во Уругвај настапија 13 репрезентации, а сега ги има 48.

 

Откако Катар отворено им понуди државјанства и големи пари на фудбалери од целиот свет за да го облечат националниот дрес на емиратот, ФИФА во 2004 година ги промени правилата и ги обврза фудбалерите да докажат дека имаат „јасна врска“ со земјата што ја претставуваат.

Според актуелните правила, фудбалер може да игра за национална репрезентација ако има трајно државјанство стекнато преку местото на раѓање или со натурализација - врз основа на потеклото до второ колено или по пет години континуиран престој во земјата.

Ангажирањето репрезентативци родени во странство е критично за малите земји. Курасао, со 156.000 жители, е најмалата нација што се квалификувала на било кој од Мундијалите. Само еден од фудбалерите во тимот НЕ е роден во – Холандија. Дресот на Демократска Република Конго го носат 20 фудбалери родени во други земји. Во тимовите на Алжир и на Хаити има по 16 „странци“, а во репрезентацијата на Босна и Херцеговина 15.

Само осум репрезентации – Австрија, Бразил, Јужна Африка, Колумбија, Панама, Саудиска Арабија, Чешка и Шведска настапуваат целосно со фудбалери родени во земјите.

Општо прифатена е констатацијата дека Франција настапува со фудбалери регрутирани од нејзините поранешни колонии. Тоа е само делумно точно. Повеќето репрезентативци потекнуваат од семејства на мигранти но само тројца не се родени во земјата.

Франција всушност „извезува“ фудбалери – дури 96 или просечно по двајца во сите други репрезентации. Ова беше впечатливо кога „петлите“ во првото коло одигра (3-1) со Сенегал, за чиј тим настапија десетмина фудбалери родени во Франција.

Од сите фудбалери на турнирот, дури 54 се родени во поширокиот регион на Париз. За споредба, само 14 се родени во Лондон и главно го носат дресот на Англија.

25 јуни 2026 - 13:12