Навидум сосема обичен натпревар во дебатирање и ораторство, но со сосема необични учесници. Тројцата затвореници требало да ја застапуваат тезата дека јавните училишта не би требало да ги примат оние ученици чии родители влегле илегално во САД. Иако по натпреварот изјавиле дека никогаш не би му оневозможиле на некое дете да учи, тие сепак ги импресионирале судиите сугерирајќи дека ако јавните училишта не ги примат овие ученици тоа би требало да го направат побогатите школи и невладините организации, кои би им обезбедиле уште подобро образование.
Затворениците, за разлика од нивните конкуренти, во подготовките за дебатата не смееле да користат интернет, а и нивната затворска библиотека сигурно многу не им помогнала. Сепак, она што сите ги фатило неспремни е сериозноста и посветеноста со која тие се фатиле за задачата.
Дебатниот тим е иницијатива на колеџот Бард, кој пред две години започнал да работи на овој начин со затворениците. Тие до сега го имаат победено тимот на воената академија на САД Вест Поинт и студентите од Универзитетот во Вермонт, но овој настан е опишан како „нешто од филм напишан од Мет Дејмон и Бен Афлек, најголемата победа од сите".
„Оние кои ќе се пријават за оваа програма во затворот се тренираат по истите стандарди и според истите очекувања како и студентите од Бард", вели Макс Кенер, извршен директор на иницијативата, која се одвива во шест њујоршки затвори. „Тие се сериозни и не се чувствуваат како да се помалку вредни заради тоа од каде доаѓаат".
Поланко, кој лежи во друг затвор во Квинс заради убиство изјавил: „Ова е благослов. Овие луѓе направија да веруваме во себеси". Харвардци пак на нивната ФБ страница напишаа: „Има малку тимови од кои сме горди што сме загубиле, а овој е еден од нив - феноменално интелигентен и артикулиран".