Ова не е на арно

Роботи ќе ни раѓаат бебиња

Во какво лудо време живееме... Луѓе запросуваат ботови, а роботи наскоро ќе раѓаат бебиња. Во „зрела“ фаза е развојот на хуманоиден робот во чија механичка утроба, во средина слична на онаа во матката, ќе се развива човечки плод, од оплодена клетка до раѓањето, тврди кинеска компанија. Планирано е прототип да се појави на пазарот веќе идната година за цена од околу 12.000 евра.

Кога не можат по природен пат да го решат проблемот со наталитетот, Кинезите развиваат технологија буквално да штанцаат бебиња од машини.

Компанијата Каива технолоџи на докторот Џанг Чифенг тврди дека во завршна фаза на развој е робот чија единствена задача ќе биде да им го преземе мајчинскиот товар на жените и да ги носи нивните деца во сопствената механичка утроба, од оплодувањето на јајце-клетката па до раѓањето на здраво бебе.

Технологијата е во зрела фаза. По девет месеци ќе биде родено живо бебе од утробата на робот. Потребно е само да се имплантира фетусот во абдоменот на роботот за да се развива, изјави Џанг. Тој тврди дека веќе в година планира да претстави прототип на роботот за 100.000 јуани. 

Повеќето кинески медиуми што ја објавија веста не објаснуваат како ќе се изврши оплодувањето и во која фаза фетусот ќе се префрли во вештачката утроба. Плодот ќе се развива во средина со течност слична на онаа во матката и ќе се храни преку цевче до папокот.

Џанг вели дека концептот не е нов, бидејќи научници во 2017 година успеале во биокеса со хранливи материи 23 недели да одржуваат во живот предвремено ојагнето јагне.

Докторот Џанг е во контакт со властите во покраината Гуангдонг за да бидат почитувани законите и етичките норми. Ако биде одобрена, технологијата би можела да ѝ го реши на Кина проблемот со намалениот број новороденчиња и да им отвори можност на многу двојки што страдаат од неплодност да имаат свое дете. Ангажирањето сурогат-мајка во САД чини помеѓу 100.000 и 200.000 долари, а роботите би биле 8 до 16 пати поевтини.

Медицински експерти изјавија за кинескиот весник „Стандард“ дека се скептични дали технологијата може да реплицира природна бременост, бидејќи науката не може да копира биолошки процеси како лачењето хормони кај мајката и нивно пренесување во плодот.

Дури и ако тоа е технолошки можно, критичари тврдат дека би било сурово и неетички какво било лишување на мајчинската врска на фетусот. Радикалната феминистичка писателка Андреа Дворкин ја критикуваше технологијата за вештачка матка како „можен крај за жените“.

18 август 2025 - 17:03