Ова го изјавиле со нескриена гордост голем број Хрвати читајќи по весниците дека некој Саша (24) од островот Крк, прв во светот, значи од сите шест милијарди луѓе, и пола милион сопственици на новото американско електронско чудо, успеал да ја пробие заштитата на револуционерниот iPhone.
Саша, нормално веднаш стана новата хрватска медиумска ѕвезда, потемнувајќи му ја славата дури и на оној, како и да се викаше, наш гостилничар од Берлин, хакер кој ја проби заштитата на берлинскиот систем за обложување, и стана автентичен хрватски Робин Худ што краде од богатите за..па добро...да си купи црвено Ферари.
Не можеш ти наш човек така да заебеш! Колку пати сте ја чуле оваа реченица, изговорена на еден од јазиците од овој полуостров, без оглед дали се вели наш човик, човјек, човек, чо'ек, или кој и да е веќе подвид на тоа ендемско балканско животно, неверојатно прилагодливо на сите животни услови, од суровите азиски пустини до скандинавските либерални демократии?
Зад таа реченица постои една чудесна балканска митологија, помагична и поопсежна дури и од грчката, со одважни јунаци чии подвизи ние, смртниците од подножјето на Олимп, ги прераскажуваме од колено на колено, додавајќи секогаш нови детали и неверојатни пресврти, при што лукавите земјаци на нашите шанкови стануваат вистински богови и полубогови.
Сте ја чуле таа приказна безброј пати, и самите често сте ја прераскажувале. За оној хрватски гастарбајтер, или за Босанец, Србин, сеедно, што изградил куќа на брегот на Женевското езеро, на државна земја, на ужас на шокираните Швајцарци, кои поради тоа морале да ги менуваат своите недоквакани закони, затоа што во целата 700 години стара историја на швајцарската држава не е забележана бесправна градба, па не постојат ни со закон предвидени санкции. Или тоа беше во Норвешка? Зарем е важно - ја нема таа уредена демократија која ќе го заебе нашиот снаодлив земјак.
Па нели и веќе споменатиот хрватски Робин Худ, кој германските обложувалници ги оштетил за 2 милиони евра, во Берлин бил ослободен затоа што тамошното законодавство едноставно не предвидело можност за вакви иновативни методи на малверзација?
Прославениот кошаркар на Чикаго Булс, Тони Кукоч, ми раскажуваше, на пример, дека со еден таков бил на риболов на езерото Мичиген. Американците го чуваат рибниот фонд на ова езеро и поставиле јасни правила: дозволен е улов на две риби. Така, уловувајќи ја втората, Тони сакал да се врати дома, но земјакот само се насмеал, и продолжил - ја извлекол третата, па четвртата, па седмата, па десетата. Секако знаел дека нема да може да мине со десет риби на строгата контрола на излезот: кога ја уловил десетата ги одбрал двете најголеми, а останатите ги фрлил езерото. Со децении ете глупите жители на Чикаго заминувале со стапови на езерото МИчиген и се враќале дома што фатат две риби, па макар и со големина на сардина, и никому не му паднало на памет да улови 15, па да ги избере најголемите две. Сè додека на сцената не стапна нашиот митолошки јунак.
Не може државата Илиноис наш човек да заебе! - се слуша секогаш од другата страна на шанкот поуката на приказната, и се продолжува со нова која оди вака: некои воени бегалци од Хрватска, односно Босна, или од каде и да е, сфатиле дека секоја германска сојузна држава на бегалците им дава илјада марки месечно, па се пријавиле во секој од 13-те Бундеслендери, секој први во месецот седнувале во кола, и заминувале на турнеја по Германија, собирајќи ги нивните 13,000 марки помош. Ете, Швабото може да направи автомобил кој ќе го надживее кенозоикот, но не може да заебе наш човек.
Мене ми е лично најдрага приказната за тој митски „наш човек" кој во бегалскиот пекол на Германија - или Холандија, Шведска, Финска, изворите не се поклопуваат секогаш - посакал домашно јагнешко на ражен. Секако се знае дека јагне на ражен е незамисливо западно од Мура и дека го нема на менито на цивилизираните европски гастхауси, затоа што тоа на пристојниот Запад се смета за екстремно варварски начин на термичка обработка на месо, па тој наш човек се сетил младото јагне да го купи во продавница за - куќни љубимци. Продавачот, вели тој раширен урбан мит - се чудел на желбата на купецот, не сака човекот анаконда, тарантула или крокодил, како сиот нормален западен свет, туку баш младо од овца - но бидејќи во уредениот капитализам нема нешто што трговецот нема да ви го најде, неколку денови подоцна нашиот човек дошол пак во пет-шопот по своето мало, бело јагне.
И тоа би минало без последици ако на нашиот човек не му се заарнило, па во дуќанот не почнал да нарачува и второ, и трето и седмо јагне. Продавачката во дуќанот се разнежнила, работата се проширила, за необичниот случај на љубов на човекот и домашните животни се заинтересирале наскоро и новинарите, но и будните активисти на локалното друштво за заштита на животни, кои сакале да знаат како овој сиромашен несреќник се грижи за своето стадо. И на крај во плитката костурница во дворот зад куќата во предградие на Дизелдорф - или Малме? - откриена е мрачната тајна на тивкиот и повлечен Н. Н., бегалец од крвавиот Балкан.
Постои и втора верзија на овој мит, уште понадреална и полуда, речиси како матрица за карактер од некој психолошки трилер. Ми се колнеа дека ова се случило некаде во Америка, можеби дури и во Астралија, главно некаде каде е невозможно да се видат трупови од животни, како кај нас, да се продаваат цели. Како и да е, нашиот човек, посакувајќи ја онаа исконска радост кога јагнињата ќе стивнат, во месарница купил две јагнешки плешки, два бута, ребра, глава, целото јагне нашиот јунак го купил во делови, дома го составил со жица и - на радост на малата бегалска колонија - го свртел на ражен!
Ех да, не можеш ти наш човек да заебеш! - се слуша тогаш во кафаната едногласниот заклучок, во кој ќе препознаете длабоко воодушевување над ненадебливиот балкански гение, и повеќе искрена гордост отколку што можат да инспирираат сите национални химни и знамиња, славни битки, титули на светски прваци и сите Теслини патенти заедно. Урбаната митологија на белосветските Словени ја слави нивната невидена снаодливост, на што ги научила веројатно суровата историја: тоа се ајдуци и друмски разбојници на 21. век, кои одамна веќе не ги пљачкаат трговските каравани, ниту пак од заседа ги напаѓаат млетачките, турските и австриските вооружени патроли, туку ги пресретнуваат даночните, социјалните, банкарските, финансиските и останатите служби на развиената демократија.
Тоа е посилно и од нивниот опеан и помалку преценет слободарски и државотворен дух, затоа што ниту една држава ниту Хрватите, ниту Србите, ниту Бошњаците (+Македонците, заб.прев.) не ја сонувале до толку за да не ја измамат. И порадо Хрватот ќе го положи животот на олтарот на татковината, отколку што ќе положи 1000 куни данок на нејзиниот шалтер.
Обрнете, впрочем, внимание на таа реченица: не можеш наш човек да заебеш. Затоа што, и Законот за рекреативен риболов во Илиноис, и Урбанистичкиот план на женевскиот кантон, и правилниот на Сојузната држава Баден-Вуртенберг за стекнувањето право на социјална помош, и Законот за заштита на животни на Нов Јужен Велс, сите тие се всушност устави и закони на модерниот свет кои, како што е познато, се создадени само да го заебат нашиот човек, и за ништо друго.
Таквиот наш човек, лежерно потпрен на неговото црвено ферари пред некој берлински кафич, ќе се поплаче дека и Вториот закон на термодинамиката, злогласниот Закон на ентропија, е донесен само да се заебе неговата револуционерна идеја за одржлив развој на хаотичниот систем.
Системот, имено, е најголемиот душман на нашиот човек, митолошкиот бог на измамата, и целата историја на таканаречениот напредок, од првите колиби до високите цивилизации на делтите на реките, е генерирана со една идеја - како да се заебе нашиот човек.
Затоа веста од Крк е охрабрувачка. Боговите на урбаната митологија ете, симнувајќи се од козјите стази на народната епика, од просторите на бегалските логори и од гастарбајтерските контејнери, придружени со звукот на цвилењето на електромоторот и веселото вртење на некаков домашен цицач набиен на колец - веќе се во чекор со времето, и широко навлегле и во дигиталната ера. Утре ќе зборувате на некој шанк за некој наш невидено паметен и снаодлив човек кој лукаво го заебал целиот норвешки пензиски систем така што вооружен со зоља опљачкал блиндирано комбе со пензии, а тој до вас ќе додаде: не е тоа ништо, еден наш студент од Крк - утре ќе биде од Живиница, Нови Пазар, веќе по потреба - ја пробил заштитата на ајфонот на Епл.
Илјадници врвни инженери вработил Епл на тој проект, вложил милиони долари и ангажирал тимови нобеловци на осмислување на сложен систем на заштита, што сè не презеле тие американски копилиња, а сè само со една намера - да го заебат нашиот човек. Ама заборавиле една работа.
„Не може бе ти наш човек да заебеш“ - ќе ја довршите вие реченицата, додека долж 'рбетот, со војнички чекор, ќе ви маршираат трпки на гордоста.