Нашата планета станува сè потемна

Насловот не е некој метафоричен, поетски опис за очајната состојба на човештвото, моралот или нивото на македонските реклами на Инстаграм. Зборуваме за вистинска мерлива темнина што се шири низ површината на Земјата. Напредокот во животната средина буквално има неочекувана темна страна.

Според 24-годишни сателитски податоци од инструментите CERES на НАСА, нашата планета рефлектира значително помалку сончева светлина во вселената. Со други зборови, буквално станува потемна.

Најдраматичното затемнување се случува на северната хемисфера.

Земјата може да се замисли како џиновско огледало што лебди во вселената. Со милиони години, нашата планета ја одбива сончевата светлина назад во космосот со извонредна конзистентност.

Клучниот фактор зад глобалното затемнување лежи во промените во тн. албедо на Земјата. Тоа е мерка за тоа колку сончева светлина рефлектира една површина. Светлите региони како мразот, снегот и облаците одбиваат голема количина назад во вселената, додека потемните површини како шумите, океаните и асфалтот ја апсорбираат.

Според научниците, од 2001 до сега, Земјата потемнела за цела една нијанса.

Северната хемисфера затемнува побрзо од јужната и тоа е нерамнотежа што додава дополнителна топлина онаму каде што мразот и снегот веќе се повлекуваат. Ова создава опасна повратна јамка што го забрзува затоплувањето во регионите кои се веќе ранливи. Северната хемисфера порано беше толку снежна што целата таа бела боја одбиваше многу светлина назад во вселената. Она што некогаш беше бело и рефлектирачко, сега е темно и апсорбира светлина.

„Тоа е како да гледате како природниот систем за климатизација на Земјата полека се исклучува“, пишува Ендрју Алпин.

Но, во приказната има и нешто неочекувано: Земјата потемнува делумно и поради нешто нешто што го мислиме за добро: чистиот воздух. Но, почистиот воздух на северната хемисфера негативно влијае на нејзиното албедо. Со децении, индустриското загадување ја расејуваше сончевата светлина и помагаше во формирањето светли, рефлективни облаци. Ситните воздушни честички, познати како аеросоли, дејствуваат како природни огледала, одбивајќи енергија назад во вселената.

Како што државите се индустријализираа, ја исполнуваа атмосферата со густи облаци. Подоцна, земјите во Северна Америка, Европа и Кина направија големи чекори во намалувањето на загадувањето на воздухот. Тоа го направи небото појасно и ни го олесни дишењето, но  со ненамерна последица од помалку рефлективни честички.

Напредокот во животната средина буквално има неочекувана темна страна.

 

20 август 2026 - 12:44