Креаторите на серијата, Мет Стоун и Треј Паркер, иронично соопштија дека биле „инспирирани од храброста и патриотизмот на Епл и Гугл“, кои преку ноќ потклекнаа на самоволието на Трамп и го сменија езерото Онтарио во езеро Америка, иако името Онтарио не доаѓа од канадската провинција (обратно е), туку постои преку 400 години и доаѓа од збор на домодородните ирокески племиња кој значи „убаво езеро, сјајна вода.“
„Особено сакаме да ѝ се заблагодариме на нашата матична компанија Paramount - a Skydance CAPITULATION“, порачаа авторите.
Матичната компанија на серијата, Paramount Skydance, во сопственост на сојузникот на Трамп, Дејвид Елисон, е на пат да стане еден од најголемите медиумски конгломерати во САД откако администрацијата на Трамп го одобри нејзиното спојување од 111 милијарди долари со Warner Bros Discovery (WBD), што предизвика загриженост во креативните индустрии.
Последен „државнички потег“ на Трамп беше што објави мапа на Ново Мексико, на која таа федерална држава носи име „Нова Америка“, а во меѓувреме ја присвои и Месечината (види: Трамп ја прогласи Месечината за американска).
Политичките конкуренти на Трамп сето ова го толкуваат како обиди да се одвлече вниманието од неговата преглупа војна во Иран и зголемувањето на цените и животните трошоци.
Лик како Трамп природно станува мета на серија како Саутпарк, што предизвикуваше пиштење-вриштење кај МАГА фановите. Досега го имаа Трамп гол во кревет со Сатаната и Трамп со мали гениталии а поранешната секретарка за внатрешна безбедност Кристи Ноем ја отсликаа како убиец на кученца чие лице со ботокс повремено се топи.

Еден од сценаристите на серијата своевремено ги купи правата за trumpkennedycenter.org, предвидувајќи дека Трамп ќе го промени името на Центарот Кенеди откако ќе го исчисти раководството на уметничката институција, ќе се постави себеси за претседател и ќе го наполни одборот со лојални луѓе. И навистина тоа го пробаа, само што, поради правни причини, не успеаја до крај.
29-тата сезона на „Јужна Америка“ ќе има премиера на 16 септември .