Десетици Јужнокорејци демонстрираа пред Амбасадата на САД во Сеул против најавата на властите дека ќе „придонесат“ за американските воени напори за деблокирање на Ормускиот Проток. Владата вчера делегираше мисија која треба да ја процени актуелната ситуација во протокот и да ги дефинира начините на кои Јужна Кореја може да придонесе во војната, но истакна дека сè уште не е донесена конечна одлука за какво било распоредување воени сили.
Не можеме да ги испратиме нашите млади луѓе во море на смртта!, извикувале демонстрантите.
Извори во Сеул забележуваат дека одлуката на јужнокорејската влада е изнудена од закани од американскиот претседател Трамп. Проблемите почнале пред еден месец, кога Трамп објави дека разговарал со јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг и му побарал „мала помош“ за војната против Иран.
Не, благодарам!, одговорил Ли.
Но, одбивањето на Трамп повлекува последици. На 16 август Трамп објави дека САД ќе ги скратат заедничките воени вежби Ulchi Freedom Shield, чија цел е да ја подобрат подготвеноста на Сеул во случај на напад од Северна Кореја, и тоа вечерта пред да почнат. Трамп објасни дека вежбите се „скапи“ и дека испраќаат „непријателски сигнал“ до севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Јужнокорејскиот министер за надворешни работи, Чо Хјун изјави пред пратениците дека претходно немало никакво предупредување од САД. Либералниот претседател Ли се согласил на преговори, и попуштил кога Трамп ги засилил економските и политичките закани.

Јужна Кореја е еден од најблиските американски сојузници откако САД застанаа на нејзина страна во Корејската војна од 1950 година. По разграничувањето на полуостровот, Вашингтон го поддржа економскиот и воениот развој на Сеул. Како гаранција за безбедност трајно задржа 29.000 војници во Јужна Кореја и ја покрива со својот „нуклеарен чадор“.
За возврат, Јужна Кореја поддржа неколку војни на САД, вклучително и војната во Ирак, и има статус на важен сојузник надвор од НАТО.
Сепак, кога Трамп се врати во Белата куќа воведе царина од 25% за увоз на јужнокорејски производи. Наместо да возврати со контрамерки, Сеул прифати преговори и издејствува царините да бидат намалени на 15%.
Војната на Трамп против Иран уште повеќе го засили економскиот притисок врз Јужна Кореја. Земјата добиваше 60% до 70% од увозот на сурова нафта од земјите од Персискиот Залив. Блокадата на Ормускиот Теснец нагло ја зголеми инфлацијата и ја спушти вредноста на корејскиот вон на најниско ниво во последните 17 години.

Според корејските закони, на владата ќе ѝ биде потребно одобрение од парламентот пред да испрати војска. Опозицијата е категорично против, а локални извори истакнуваат дека и некои пратеници од владејачката партија би можеле да гласаат против.
Распоредувањето на нашите трупи во регионот би значело директно учество во нелегална војна. Имаше бројни прекршувања на меѓународното право кои произлегуваат од нападите на САД врз Иран, вклучително и бомбардирањето на основно училиште и енергетската инфраструктура, истакна Џунг Кјунг-џик од јужнокорејска граѓанска организација.
Иран предупреди дека евентуалното распоредување јужнокорејски сили би се сметало за директна поддршка за САД. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багеи, потсети дека Иран и Јужна Кореја 64 години имаат дипломатски односи засновани на меѓусебна почит и дека Техеран го цени тоа пријателство. Но, предупреди дека Сеул ќе се соочи со сериозни последици ако се придружи на „американска агресија и воените злосторства врз жени и деца“.
Ниту една суверена и одговорна земја не треба да подлегне на американскиот притисок и заплашување и да стане соучесник во акти на агресија и ужасни злосторства врз големиот ирански народ, додаде Багеи.