Луѓе завршуваат „под скалпел“ и кога не мора

Повеќето од стотиците милиони хируршки зафати годишно спасуваат животи. Но, откако зачестија лажните операции заради споредба на ефектите, се покажа дека многу зафати кои не се прашање на живот или смрт всушност не се ништо подобри од природното заздравување. Некои дури и ја влошуваат состојбата на пациентот, а не го продолжуваат неговиот животен век.

Според Светската здравствена организација, секоја година ширум светот се изведуваат над 300 милиони операции. Пациентите во богатите земји имаат поголема веројатност да бидат подложени на хируршки зафат. Речиси две третини од луѓето во Англија одат „под нож“ барем еднаш во текот на животот.

Итните процедури несомнено спасуваат животи, но без рандомизирани контролирани испитувања (РКИ), кои се „златен стандард“, тешко може да се процени по кои хируршки зафати пациентите би можеле да закрепнат подобро отколку без операција. Ова почнува да се менува. Бројот на „плацебо-операции“ финансирани од британскиот Национален институт за здравје се зголеми од 34 во 2011 година на 188 во 2023 година. Програми за хируршки испитувања се активни и низ Европа, Австралија и Канада.

Резултатите даваат појасна слика. Се покажало дека отстранувањето на воспалено слепо црево – операција на која биле подложени околу 5-10% од луѓето – за повеќето пациенти не е подобро решение од третман со антибиотици. Споредба на различни хируршки техники исто така открија дека поевтините и помалку сложени операции може да бидат поефективни. Ефектите од некои широко распространети хируршки процедури, како што се спојувањето на пршлени (спинална фузија) и поправката на ротаторната манжетна на рамото, не се разликуваат од плацебо или од нехируршки третмани, како физиотерапијата.

Некои видови операции може да направат повеќе штета отколку корист. Испитување во Британија покажа дека операцијата за рак на простата немала никакво влијание врз смртноста на пациентите по 15 години, но ги влошила сексуалните и уролошките проблеми. Финско испитување за вообичаена процедура на колено заклучи дека пациентите кои имале вистинска операција имале повеќе проблеми со третираното колено по десет години, во споредба со оние кои имале лажна операција (анестезија проследена со површински рез).

Студија објавена во 2022 година во списанието „JAMA“ ги сумира податоците од 100 хируршки испитувања кои опфаќале 32 интервенции. Било откриено дека две третини од подобрувањето што го чувствувале пациентите по операцијата биле резултат на природното заздравување на телото или на плацебо-ефектот од чувството дека се згрижени. Само една третина од подобрувањето навистина било од процедурата.

Хирурзите, сепак, продолжуваат да изведуваат одредени операции за кои е докажано дека не се подобри од плацебо-операција.

Тешко им е да поверуваат дека нешто што го прават со години и што навидум им помага на нивните пациенти, всушност е бескорисно, вели Ијан Харис, хирург од Универзитетот „Нов Јужен Велс“ во Сиднеј. 

Помладите хирурзи се поотворени за промени. Студии во Америка и Австралија покажале дека со текот на времето се зголемува веројатноста хирургот да престане да изведува процедура за која испитувањата покажале дека е неефикасна.

Улога игра и природата на здравствениот систем. Операциите што се покажале како неповолни побрзо се напуштаат во земјите каде што хирурзите земаат плата (како во Британија и Скандинавија), отколку во земји како Америка, каде што се платени по извршена операција и функционираат како мали бизниси. Бројот на операции за отстранување на коскени израстоци на рамо во Британија опаднал од 28.000 во периодот 2016-2017 година на 5.720 во 2019-2020 година, откако испитувањата покажале дека процедурата не е поефикасна од плацебо-интервенција за ублажување на болката. Во Америка, пак, процедурата останала популарна.

Сè потешко е да му се каже „не“ на пациентот. Во Америка, некои хирурзи стравуваат дека пациентите ќе им остават негативна рецензија на интернет. Осигурителните компании, пак, сè уште ги покриваат трошоците за неефикасни процедури од страв дека ќе ги изгубат клиентите, вели д-р Штефан Ломандер од Универзитетот во Лунд, Шведска.

29 септември 2026 - 09:15