Пет членки на ЕУ најавија план за итна депортација на азиланти

Данска, Австрија, Грција, Германија и Холандија во првата половина од идната година ќе воспостават пилот-проект за итна депортација на баратели на азил чии барања се одбиени во ЕУ. Се очекува да бидат склучени договори со Руанда, Уганда и Узбекистан за да ги примат азилантите. Бројот на депортирани лица нема да биде голем, но би имал ефект на одвраќање.

Грчкиот министер за миграција, Танос Плеврис изјави дека проектот ќе треба да биде функционален до втората половина од идната година, кога Атина ќе го преземе ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ.

Не зборуваме за центри, во смисла дека некој на кого му е одбиен азилот се испраќа во затворен објект во трета земја. Ако азилот биде одбиен, лицето ќе биде вратено во неговата земја на потекло или во трета земја, надвор од ЕУ, изјави Плеврис. 

Тој додава дека „третите земји“ што се разгледуваат како дестинации за депортирање веќе имаат голема популација на мигранти и кампови за нивно сместување. Според дипломати во Брисел запознаени со иницијативата, првиот договор за прифаќање азиланти ќе биде склучен со Руанда, а се разгледуваат и Уганда и Узбекистан.

Руанда е во центарот на разни планови за миграција надвор од границите на ЕУ. Во 2022 година, Обединетото Кралство објави контроверзен договор од стотици милиони фунти со Кигали за депортирање на барателите на азил во таа земја. Овој план беше напуштен по неколкугодишни правни спорови.

Петте земји од „Основната група“ во ЕУ веќе преговараат со меѓународни организации за воспоставување процеси на мониторинг, кои би гарантирале почитување на човековите права во земјите каде што ќе бидат депортирани мигрантите. Финансирањето на планот исто така би требало да дојде од „Основната група“, со надеж дека и Европската комисија ќе преземе активна улога во процесот.

Министерот признава дека планот нема да доведе до префрлање на огромен број мигранти во трети земји.

Во реалноста, тоа е уште еден начин за вршење притисок што би можел да ги зголеми доброволните враќања. Ова е потфат без преседан. Иако други земји се обиделе со нешто слично во минатото, ова е првпат да се прави обид откако е донесена регулативата на ЕУ, вели грчкиот министер.

Грција задутре на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ, ќе го претстави и својот план за справување со итни миграциски притисоци – привремено суспендирање на барањата за азил за новопристигнатите лица. Премиерот Киријакос Мицотакис првпат ја изнесе оваа идеја откако десетици илјади мигранти ја преминаа границата кон шпанската територија Сеута во Северна Африка.

*****
Види и: ЕУ полеснo ќе депортира мигранти

29 септември 2026 - 08:03