ЕУ полеснo ќе депортира мигранти

Европските пратеници и членките на ЕУ усогласија нови мерки за побрза и поефикасна депортација на мигрантите на кои им е одбиено правото за азил или останале подолго отколку што им дозволува визата. Властите добиваат пошироки овластувања да вршат претреси, да притвораат азиланти и да ги депортираат во центри надвор од границите на ЕУ.

Членките на ЕУ се жалат дека не можат да ги протераат имигрантите на кои им е одбиено барањето за азил. На ниво на ЕУ се депортираат само 27% од лицата што добиле наредба да ги напуштат европските земји, според нови податоци од Евростат.

Со години Европа ја испраќаше најлошата можна порака: дури и да немате право да останете, големи беа шансите ништо да не се случи. Таа ера завршува. Ако немате право да останете во Европа, ќе мора да заминете, изјави францускиот европратеник Франсоа-Ксавиер Белами, кој ја претставуваше Европската народна партија во преговорите.

Според новите правила, членките на ЕУ ќе може да формираат центри надвор од блокот во кои би ги депортирале азилантите наместо во матичните земји. Се продолжува времето за притворање и се воведуваат забрани за влез, парични казни и други санкции за оние што одбиваат да соработуваат. Властите ќе може да запленуваат лични предмети, да притвораат малолетници, да собираат биометриски податоци и да претресуваат домови.

Со новите правила ќе имаме поголема контрола кој може да дојде во ЕУ, кој може да остане и кој мора да замине, изјави еврокомесарот Магнус Брунер.

Активисти за човекови права и невладини организации тврдат дека вакви активности веќе има низ ЕУ и дека зачестиле во изминатите месеци. Во Германија и во Грција има случаи на ноќни претреси во домови, притворање имигранти и префрлање во центри за притвор или на аеродроми за депортација, понекогаш без да им дозволат да ги соберат личните работи, тврдат активисти.

Мерката создава машина за депортација, изјави Силвија Карта од организацијата за човекови права ПИКУМ.

Разговорите во Брисел минатиот месец пропаднаа поради несогласувања кога треба да се спроведат новите мерки. Според договорот, некои одредби ќе се спроведуваат дури по една година, но владите ќе можат да воспоставуваат центри во трети земји веднаш по усвојувањето на законот – што беше клучното барање на Холандија и Германија. Преостанува Европскиот совет и Парламентот да го одобрат договорот.

Холандскиот премиер Роб Јетен оцени дека ситуацијата со азилантите во неговата земја достигнала критично ниво и побара конкретни чекори до крајот на годината.

Прифатните центри се преполни, вклучувајќи го и главниот центар за регистрација Тер Апел, кој почна да прима само најранливи. Во исто време во реоните на овие засолништа почнаа протести против миграцијата, поради преполнување на капацитетите и бавниот одлив на барателите на азил, тврди премиерот.

Холандија веќе соработува со Данска, Германија, Грција и Австрија за воспоставување заеднички центри за враќање и транзит, а отвори и билатерални разговори со Уганда за сличен аранжман.

2 јуни 2026 - 07:48