Отецот Франц Пранер е втемелувач на католички самостан во село во близина на Бања Лука, кој за десетина години од настанувањето во 1869 година ги создава темелите на модерниот индустриски и земјоделски развој на бањалучката регија, со изградба на пивара, фабрики за текстил и тестенини, металско и дрвопреработувачки погони, доведување во тоа време најмодерна машинерија а најпознат производ на тој самостан е светски прочуениот кашкавал трапист кој се служел по аристократските дворци ширум Европа.
Но, приказната има и друга страна. Еве што пишува фратарот за тековните и течни аспекти на неговата божја мисија во Босна.
Драг Иване, брате по Христа,
Оддалечени сме на саат пешачење на север кон Сава, но тоа има и добра страна. Имено, Турците се мрзливи, па кога ќе се одлучат да ни оспорат некои права или да ни напакостат, навремено дознаваме, па ги испреваруваме. Градот, во кој одам само по нужна потреба, е турски, но има и некои европски карактеристики. И покрај султановата дозвола христијаните тука да можат слободно да купуваат земја, и покрај развиената трговија, во што предничи православниот ортодокс Томо Радуловиќ, откупивме едвај некои 50 хектари од споменатиот Радуловиќ. Отпрвин за земјиште на десниот брег на реката Врбас (со 400 дабови и 400 стебла сливи) бараше дури три илјади дукати. Брате Иване, ти знаеш колку сум јас упорен; се натегавме, со помош на конзулот, до среде ноќ, а тогаш господин Томо, нека му се смилува Семоќниот, конечно ја спушти цената на 1.400 дукати.
Морам да напоменам дека на купеното земјиште сите дрвја со свој знак ги обележав во присуство на конзулот и овдешните кметови-католици (Не заборавај да се вратиш на оние потцртани 400 стебла сливи!). Само Господ знае низ што сè поминавме зачнувајќи на пуста ливада манастир! Сепак, по резигнацијата на локалното население (муслимани, православни, ама Бог нека им прости - и католици) доследното практикување на девизата на нашиот Ред „Ora et labora“ („Моли се и работи“), воздржаноста во јадењето и целодневниот молк, ни донесоа и, фала му на Бога, општа почит не само кај обичните луѓе-кметови (без разлики во верата), туку и кај власта официјална. Сега нè гледаат како „дервиши“, а тоа се припадници на мухамеданските редови, кои уживаат висок углед.
Подигнавме значи манастир, ама не ни беше дозволено да ѕвониме. Лани пролетта, во годината господова 1872-ра, тука фати голема суша. Капка од небо нема со месеци. Турската власт издаде наредба со која сите религии (мухамеданци, христијани и Мојсееви) се обврзуваат секоја според својот ритуал да упатува молби за дожд кон Севишниот. Тогаш видов прилика на пашата бањалучки да му соопштам дека и ние, трапистите, сме спремни да се придружиме и да му се молиме на Бога за дожд - но притоа мораме и да ѕвониме.
Турците сметаа дека сме побожни „дервиши“ што уживаат особена милост божја. Со указ ни дозволија да ги користиме ѕвоната „додека не падне дожд“. И милостивиот Бог (дали баш на нашето ѕвоно?) дожд на земјата прати. За волја на вистината - трапистите во молитвите последни се приклучија, па така и кај народот, но и кај власта, завладеа уверување дека баш нашите ѕвона дождот го привлекле.
И мухамеданците потоа во манастирот доаѓаа, ни се клањаа и извикуваа „Машала!“ А тоа е знак на восхит и на турски значи: „Кога Бог сака (така и бива)“ Ѕвоневме уште долго време потоа, а ним тоа не им пречеше.
А сега, брате Иване, да ти го објаснам она со сливите.
Кога пролетта во годината господова 1869-та стигнав во овој крај, забележав нешто што никаде и никогаш го немав видено. Тука, имено, сите пијат, што всушност е најблагиот израз за уживањето во ракија, што се гледа во целодневното напојување со тој ѓаволски еликсир. Пијат Турците, пијат кметовите, пијат и католиците и православните подеднакво ревносно, а видов и свештеници (од сите три вери - Бог нека им прости!) на кои не им беше одвратно тоа ѓубре. На сите од ракијата лицата им имаат земјена боја, очите едвај се наѕираат низ набабрените капаци, и речиси не можеш да сретнеш човек што оди право, а да не се тетерави. Турците - беговите ајде и некако (тие не ни одат, туку јаваат коњи), ама надничарите можат да работат најмногу саат-два, а потоа се струполуваат во ровот (ако го копаат).
Или, пак, по судирањата со стеблата што планирале да ги исечат, едноставно замираат од ракијата.
Мака е тоа голема зашто тука сливите ги одгледуваат исклучиво за од нив да дестилираат ракија. Па барем тоа да го прават на начин како што се прави во светот. Тука, имено, се во состојба од десет килограми ферментирано овошје да извлечат дваесет литри отров што никој жив и никаде во светот не би го пробал. А овие го пијат наместо вода, зашто велат - од водата ќе оболат и бубрези, и заби ќе испопаѓаат, и болка во коски ќе фатат.
Гледајќи ја таа мака и пропаст, одлучив да ги подучам бедниците дека сливите може да се сушат, па во зима закрепнувачки и хранлив компот од нив да се прави. Трапистите отсекогаш сушат овошје, па им понудија на селаните да пробаат. И беа восхитени. За некако да им ги скратам сливите, лани со другите браќа изградив сушилница. Тогаш понудив добра цена и го откупував тоа овошје, ја полнев сушилницата, а предминатиот Божиќ, бесплатно, на рајата и на кметовите, без оглед на верата, тоа суво овошје им го делев. Верував дека очите ќе им се отворат: зедоа пари (а останаа без сливи) и ги добија тие суви сливи. Се очекуваше оваа година и самите да почнат да сушат сливи зашто разгласив дека целиот вишок ќе го откупам.
Немаше посреќен од мене кога минатиот октомври и ноември заклучив дека сливата се дестилира само на две-три места во целиот крај. Зашто овие клетници речиси целиот плод го продадоа за нашата сушилница. Мина Нова година, стигна јануари, снегот речиси го затрупа целиот крај, само патот до манастирот успеавме малку да го пробиеме. А тогаш мојата идеја пропадна, а подобро ќе беше, нека ми прости Семоќниот, небото да се отвореше и уште еден општ потоп да настанеше! Хулев во себе, а сега продолжувам со перото.
Да скратам: еден ден доаѓа во манастирот многубројна делегација. И носат дарови. Некој млеко, некој храна, тераат и неколку овчички, свежо печени огромни лебови, и сите пеат (подобро кажано - завиваат како волци) и, драг мој брате по Христа Иване - сите пијани да не може да бидат попијани!
Со скрстени раце заустив да му се обратам на Севишниот, но најстариот меѓу заблудените пристапи со намера да ми ја бакне раката, ама така пијан со носот се струполи во снегот. Се наведнав да го кренам, но тој се истргна и со блажен израз почна да зборува:
„Бог нека ги благослови отец Врањо и сите отци, и овој манастир, и сите траписти колку и да ги има и каде и да ги има! Додека вие, свети отци, не дојдовте, ние, бедниците, наесен ракија печевме, ќе ја испиевме до после Божиќ, а потоа цела зима со суви грла тагувавме. Кога нè просветливте дека сливата може да се суши, нам ни се отворија небесата. Бог да ви даде здравје и среќа, зашто сега, и среде зима, ние можеме да печеме ракија од суви сливи! И подобра е, пресвети оче, од онаа суровата, есенската. Илија, де подај му ја на нашиот милостив и учен отец Фрањо плоската, па и тој да се причести со оваа благословена маченица од неговите суви сливи!“Стиснав заби, брате Иване, за да не изустам клетва! Побегнав од безбожниците, кои, бог нека им прости, се во состојба ракија и од суви дрва да направат! Цел ден и цела ноќ поминав во молитва и покајание, без трошка леб и капка вода, а сето тоа со камшикување до крв! Браќата се молеа до мене, а некои не можеа да ги задржат солзите додека го камшикував своето грешно тело. Севишниот ми е сведок дека ни на сон не помислив дека од мојата беневолентна намера ќе се изроди богохулство!
На крај, сè што можев да направам беше да соопштам дека пристап во манастирот нема да му дозволам на никој што пие. Пијаници нема ни да исповедаме ни да причестуваме, ниту во црква ќе ги пуштаме. Дури тогаш да ја видеше нашата мака! Мисите со недели ги држевме во речиси празна црква. За причестите нема ни да пишувам. Ќе затворевме едно око на крштевките, а последна исповед дававме во домовите на тие што умираа - но тука не можеме да влијаеме на домашните, кои смртта, баш како и раѓањето и крштевањето, без ракија не можат да ја замислат. За утеха, и на крај: состојбата кон крајот на февруари почна да се поправа.
Црквата речиси е полна на неделната миса. Смирено молат полни со покајание, се исповедаат, се причестуваат, а потоа со нетрпение трчаат пред манастирот, на ливадите, и тука почнуваат да локаат. И машки и женски, без разлика, и така до зајдисонце (ако го има).
Најрадо би побегнал во Африка, во мисии, но сè уште го немам исполнето заветот, а тоа е овој манастир да стане симбол на индустриската преродба и на општиот, економски и културен развој на овој дел од Турција. Севишниот, со наша молитва, ќе се погрижи вака да не остане засекогаш. Најмил брате по Христа, Иване, ова писмо нека те затекне во добро здравје.
Моли се за нас што сме тука, во помрачното катче на Балканот. Моли се Севишниот да нè воздржи во Верата, Надежта и Љубовта да истраеме на својот трнлив пат!
Моли се и за овие несреќници, кои, освен во Бога, веруваат уште само во ракијата...
Твојот брат по Христа Фрањо
Епилог: Оној крик од писмото „Најрадо би побегнал во Африка!“ не испаднал празна закана. Отец Фрањо после Бања Лука навистина заминува за Трансвал, Јужна Африка, каде што основа самостан, воден по истите принципи како оној во Босна. Таму е и погребaн.