Кој бара расизам, го наоѓа и во времето

Некои академски теоретичари како да се натпреваруваат да пронајдат нови форми на наметната доминација на белците и белото во сè што гледаат околу себе. Како расистички веќе ги осудија науката, математиката, астрофизиката, статистиката, изборите и меритократијата. Беше прашање на време кога некој за расистичко ќе го прогласи и самото време.

Закија Есанхаџи, професорка по организациска етнографија на Слободниот универзитет во Амстердам, објави ново истражување во кое изнесува аргументи против „белото време“. Во нејзиниот труд „Крадење време, производство на расистичка инклузија во холандската академија“ таа ја цитира професорката по родови и африкански студии Бритни Купер од Универзитетот Рутгерс, која уште во 2019 година оцени дека „времето е линеарно само за белците, а за Црнците тече поинаку поради расните трауми од минатото“.

Есанхаџи теоретизира дека универзитетите преку институционални процеси го одземаат, го фрагментираат и го одложуваат времето на академиците од различни раси.

Колонијализмот е јасна илустрација на хронополитичка доминација. Европските империи ги наметнаа своите временски рамки врз колонизираните народи, прикажувајќи се себеси како временски напредни, додека неевропските општества ги потиснуваат во статус на примитивни, статични или заостанати. Затоа мора да зборуваме за расно време, особено за бело време, забележува професорката.

Професорката идентификува три механизми на кражба на академско време: преку потиснување на напредокот на академиците од различни раси, додека универзитетите ја користат нивната продуктивност; преку секојдневниот расизам кој им го фрагментира вниманието; и преку континуирано ресетирање на критериумите за унапредување.

Заедно, овие механизми одржуваат временски режим во кои академиците од различни раси постојано се позиционирани дека се „скоро до целта“, додека институционално време за белците останува непрекинато, вели професорката.

Ако има „бело време“, секако има и „црно“ врз основа на расите, а не метафорично.

Времето има историја, како и црнците. Но, ние (црнците) се однесуваме кон времето како да е безвременско, како отсекогаш да било вака, како да нема политичка историја поврзана со грабежот на домородните земји, геноцидот врз домородните луѓе и кражбата на Африканците од нивната татковина, пишува во студијата.

Теориите на професорите како Есанхаџи и Купер предизвикуваат внимание во академските кругови. Некои конзервативци предупредуваат дека ваквите трудови може да водат кон префрлање на одговорноста за доцнења или мрза кон „белото време“, дури и да послужат како аргумент за барање репарации за угнетувања.

1 јули 2026 - 12:51