Минатата година беше многу чудна за технолошките компании. Тие станаа плачковци, нови сексистички институции, виновници за заматување на претседателските избори, виновници за расцепување на социјалната структура, уништувачи на генерации и киднапирачи на умовите на луѓето".
И направија многу пари! Приходите се зголемија, исто така добивката, како и вредноста на акциите. Цените на акциите на секоја компанија од големите пет - Епл, Гугл, Мајкрософт, Фејсбук и Амазон, се зголеми над 33 отсто. Но и речиси сите други ИТ компании исто така имаа одлична година. Акциите на Оракл (Oracle), Сеалсфорс (Salesforce), Адоб (Adobe), Аутодеск (Autodesk), Ха-Пе (HP), Дел (Dell) и Интел (Intel) добија повеќе од 25 отсто.
Но, што ќе донесе 2018 година за овој сектор? Еве неколку предвидувања кои не се толку блескави.
Предвидување бр. 1: Ќе продолжи банкификацијата на ИТ индустријата
Големите банки прават огромни суми пари - луѓето не им веруваат, но сепак повеќето од нив ги користат. Истото ова во новата година може да го очекуваат и технолошките компании. Тие ќе продолжат да бидат исклучително профитабилни, дури и ако нивната репутација се намали. Невозможно е да се прават многу пари со високи профитни маржи без притоа луѓето да се запрашаат што „матите“. Исто така, негативното влијание кое го имаат овие компании врз пазарот на трудот ќе биде уште повидливо, а тоа ќе се поврзе со лидерите на индустријата кои ќе станат најбогати луѓе уште од тн. „барони на грабежот“ во 19 век.
За жал, не е битно дали корисниците ја сакаат или не развојната природа на услугите. Технолошката индустрија прави неверојатно корисни, речиси неизбежни производи. За банкарите е вообичаено да се каже дека е во ред да бидат омразени. Дали и директорите од ИТ секторот ќе се чувствуваат така? Технолошките компании не можат да имаат се, но она што можат и ќе го имаат, се парите.
Предвидување бр. 2: Реалноста ќе продолжи да се топи на нови и застрашувачки начини
Ако нешто стана јасно за време и по изборите во 2016 година, е дека информативниот терен на интернетот стана многу, многу чуден. Македонските тинејџери со нивните измамнички сајтови, случајни медиумски компании кои кликаат племенски, руски агенти, измами, хиперпартизирани медиуми и алгоритамска непроѕирност, сето заедно создадоа свет во кој што беше тешко да сфати дали вестите на Фејсбук се реални или не. Новите техники на вештачка интелигенција ја прикажуваат реалноста уште поубедливо, а медиумите стануваат уште поневеродостојни. Можно е да се произведе нов звук од архивски звук, што овозможува да се стават зборови во устите на јавните личности. Исто така може да се генерираат и видео сцени. Ова е нашата иднина. Луѓето кои сакаат навистина да знаат што се случува ќе мора да се потпрат на проверени извори, без разлика дали станува збор за меинстрим медиуми, аналитичари во истражувачки фирми или други информативни сервиси.
Предвидување бр. 3: Возила на батерии кои ќе возат по велосипедските патеки
Комбинација на фактори ќе овозможат пробив на електрични возила што не се ниту автомобили ниту скутери. Тоа е како Камбриумска експлозија на чудни возила - доаѓаат во сите големини и облици: електрични велосипеди, единечни тркала, скутери слични на Segway, скејтборди на батерии. Сите овие имаат неколку заеднички карактеристики. Прво, како напојување се користи батерија, така што се тивки и чисти, ползувајќи ги придобивките од индустријата на паметни телефони. Второ, лесни се и релативно евтини - од 300 до неколку илјади долари, што им овозможува на луѓето да имаат многу помали трошоци од возењето со автомобил или мотоцикл. Трето, ги сместува во велосипедската лента што влијае да се чувствуваат побезбедно. Четврто, овие возила во основа се паметни телефони на тркала, па наскоро во нив ќе има повеќе интелигенција, од можност да се изнајмат како велосипед, до полесно ракување. Со време на улиците во градовите ќе има се помалку простор за повеќе-патнички брзи автомобили и камиони, а се повеќе за вакви „соло“ возила со средна брзина. Тоа веќе годинава ќе станува сè по прифатено.
Предвидување бр. 4: Ќе го слушнете и можеби ќе го употребите зборот монопсон
Знаеме што е монопол, или барем мислиме дека знаеме. Тоа е кога една компанија доминира на пазарот, односно кога постои само еден продавач на некој производ. Но, што е монопсон? Тоа е кога на пазарот има само еден купувач на стоки. На пример таква моќ има Амазон, кој може да им каже на добавувачите што ќе им плати, а тие во голема мера треба да се справат со тоа. Нашата актуелна или можеби стара антимонополска рамка се фокусираше на правата на потрошувачите, а не само на концентрацијата на пазарот - важно е цените за потрошувачите да бидат пониски. Постојната структура на пазарот - колку купувачи и продавачи постојат - не е дел од анти-монополскиот процес на донесување одлуки. Но, постои и нова парадигма која ја наметна Институтот за отворени пазари која што вели дека штетата за потрошувачите не е единствениот начин да се процени штетата направена од однесувањето на некоја компанија. Тоа може да биде особено важно за пазарите на труд каде што доминираат неколку компании во индустријата отежнувајќи им на работниците да добијат фер удел во паричната пита. Тоа, од правен аспект, пак, може да биде сериозен стратешки проблем за актуелните големи технолошки играчи.
Предвидување бр. 5: Фејсбук ќе продолжи да се повлекува од бизнисот со вести
Пред неколку години Фејсбук влезе во бизнисот со вести. Донесе стратегиска одлука да им се додвори на медиумските компании испраќајки како поттик МНОГУ сообраќај. Сега постојат неколку знаци дека Фејсбук се повлекува од таквата стратегија, ставајќи акцент на постовите што ги споделуваат пријателите, а не на медиумски или друг вид страници. Во еден тест спроведен во шест земји ја оддели содржината на вестите од она што го разменуваат пријателите. Повлечена е и поддршката медиумските компании да создаваат видеа, па за повеќето издавачи опаѓа референтниот сообраќај од Фејсбук. Прашање е дали во вакви околности тие ќе можат да продолжат да прават пари од читателите и од гледачите.
Предвидување бр. 6: Камерите ќе бидат дел од уште повеќе уреди, дури и ако немаат екрани
Камерите станаа толку евтини што ги има насекаде. Во минатото камерите беа наменети да им ги прикажат работите на луѓето. Но, со развојот на техниките што овозможуваат компјутерите да ги анализираат сликите, најголеми корисници на камерите ќе бидат машините. Тоа значи дека производителите ќе вградат камери во уште повеќе уреди, овозможувајќи им на тој начин одредено ниво на интелигенција. Наспроти загриженоста околу приватноста, благодарејќи на новите чипови кои можат да го користат софтверот за вештачка интелигенција потребен за препознавање слики, ќе има се повеќе уреди кои локално ќе ги обработуваат фотографиите, без да испраќаат информации на друго место.
Предвидување бр. 7: Автономните возила тивко ќе станат реалност
Автономните возила на чуден начин се дел од возбудата. Луѓето цела деценија ги следат медиумските извештаи за нив, а сепак никој не купил такво возило. Од друга страна, направени се огромни чекори во технологијата, а Waymo во Чендлер, Аризона почнува да нуди споделување на возење во автомобили без човек - возач. Традиционалните производители на автомобили нема да се обидат да продадат автономни возила до 2020 година, но тие се повеќе ќе нудат возила со полу-автономни карактеристики. Може нема да слушнете многу за нив годинава, но ќе ги има се повеќе, барем во богатите градови каде што има смисла да се распоредат.
Предвидување бр. 8: Нов вид на мобилност на работната сила
Повеќето луѓе ја гледаат тн. гиг (неформална) економија како катастрофа за организирање на работниците. Луѓето кои работат на другиот крај од омилените апликации се исклучени едни од други и обично не се склони да се гледаат како класа на работници која што треба да покаже солидарност. Поранешниот шеф на Меѓународната унија за услужните вработени, Енди Стерн, дискутирајќи дали ангажираните во гиг-економијата би можеле да се организираат, акцентот го става на две работи. Едната, дека можат да се организираат преку некоја од апликациите - дури и само во еден град. Наместо стотина луѓе кои би се собрале во некој магацин, на ваков начин може да стане збор за десетици илјади нови членови на синдикатот. Второ, компаниите од гиг-економијата прават пари (или барем некои од нив), што може да биде поттик синдикатот да се избори за парче од колачот. Има некои интересни движења за организирање на возачите на Убер во Сиетл и во Њујорк кои би можеле да бидат сигнал од иднината.
Ова не се единствените теми - тука се и криптовалутите (како биткоинот), фрагментацијата на глобалниот интернет, смртта на номиналната нет неутралност, марихуана-текот.... Ќе ги следиме сите тие области.