„Немаат право на тоа, побогу!“ неодамна луто извика поранешниот американски потпретседател Џо Бајден за руското замешателство во нивните претседателски избори. „Наше суверено право е да ги изведеме нашите избори без интерференција. Точка!“
Бајден го изразува револтот на многумина Американци кои се ужаснуваат од растечката евиденција за повеќеслојните напори на Кремљ да влијае врз изборите во корист на Доналд Трамп.
„Но, не баш мала иронија има во сето тоа. Соединетите Американски Држави тајно се мешаат во други национални политики - вклучително изборите - најмалку три четвртини од последниве 100 години и сè уште го прават тоа“. Тоа го наведува професор за владини политики на водечкиот вашингтонски универзитет, доктор Вилијам ЛеоГранде чии истражувања се фокусирани на американските влијанија во Латинска Америка.
„Наместо да користи Фејсбук и Твитер, ЦИА прави фронт групи. Наместо ботови и тролови за ширење лажни вести, таа корумпираа странски новинари и финансира и создава медиуми во странство. Целите на информативната војна не се променети со децении, се промени само технологијата“, пишува тој за Кварц.
Почетоците на американската пропагандна војна во други држави ЛеоГранде ја лоцира во пост-воена Италија. Една од првите тајни операции на ЦИА на оваа тема, оркестрирана од тогашниот директор Френк Визнер била фокусирана на спречување на италијанските комунисти да дојдат на власт во 1948 година. За таа цел Вашингтон истоварил куп пари за тамошните конзервативни, про-амрикански Демохристијани.
„Имавме вреќи пари кои ги дававме на одбрани политичари за нивните трошоци за кампањите“, сведочи поранешниот функционер на ЦИА, Марк Вајат.
Изборниот успех на италијанските Демохристијани Вашингтон го интерпретира како своја голема победа па моделот го применува во Италија уште многу наредни изборни циклуси а истиот го франшизира и за други делови од светот.
Визнер успева да изгради цела мрежа од странски новинари, весници и магазини познати како Пропаганден инвентар. Тој систем го нарекува „Моќниот Вурлицер“, по органите Вурлицер (главниот инструмен во немите холивудски филмови) со кои можело да се изведе секоја посакувана композиција.
Италијанскиот успех ЦИА сака да го реплицира во Чиле. Во 60-тите години, слично како Италија, Чиле има силни комунистички и социјалистички партии. Затоа ЦИА во 1962 почнува да ги финансира спротивставените Демохристијани со што им помага да издвојуваат тесна победа во 1964 година. Но, во 1970-тата, социјалистот Аљенде сепак бива изгласан за претседател и тука започнува сериозна офанзива. САД ја засилуваат поддршката за опозицијата и поттикнуваат политичка поларизација меѓу чилеанскиот народ што води кон насилства и во такви услови, во 1973 година се организира пуч во кој Аљенде губи живот. Како главна пропагандна алатка се користи најголемиот дневен весник во Чиле, озлогласениот Ел Меркурио, во кој бескрупулозно се растргнува владата на Аљенде и се шират секакви дезинформации.
Ако сето ова ви звучи некако познато, чекајте, има уште.
Една деценија подоцна, ЦИА го таргетира главниот весник во Никарагва, Ла Пренса, да изврши слична улога во рушење на левичарската Сандинистичка влада. Исто како во Чиле, истураат куп пари за опозициони политичари, приватни секторски групи и волонтерски организации а во случајов формираат и контра-револуционерна паравоена формација во соседен Хондурас. Регановата администрација тајно ги помага Контрашите наспроти конгресната забрана за тоа, однесување кое подоцна ќе доведе и до Ирангејт.
Во 1990-та година, ЦИА успева да ги усогласи различните противници на Сандинистите и да ги натера да прифатат заеднички кандидат за претседател. Со финансирање од Вашингтон, Виолета Каморо успева да победи на изборите.
Слична и уште поголема каша се случува и во Ел Салвадор во кој американскиот политички миленик, Хозе Наполеон Дуарте, бил лично на платниот список на ЦИА. По краткотрајниот излет на војската да инсталира свој човек за претседател, Дуарте повторно се кандидира во 1984 година и со поддршка од ЦИА, победува на изборите.
По завршувањето на Студената војна, својот пристап Американците го прилагодуваат на дигиталното време. За нивниот случај во Куба пишувавме во статијата „Како УСАИД не направи кубански Твитер?“ а за пропагандните цели на формирањето на Радио Слободна Европа види тука
Случаите во кои парите и луѓето на ЦИА, она што луѓето денес го нарекуваат „лажни вести“ успешно ги штелуваа изборните резултати имаат една заедничка карактеристика: ЦИА успеваше да најде ентузијастички партнери меѓу локалните елити. Таквите беа спремни да се соработуваат и да се усогласат со странската сила за да добијат поддршка за пресметка со домашните опоненти.
Поларизацијата во таргетираните држави е толку интензивна што луѓето почнуваат да оправдуваат политички потези кои во други случаи би ги оцениле како предавнички. Тоа го гледаат како помало зло отколку да победат нивните локални политички неистомисленици“, пишува професорот на Американскиот универзитет од Вашингтон.
Според ЛеоГранде, сега САД се таргетираната земја а тамошната поларизација создаде атмосфера во кои луѓето почнуваат да веруваат и во најдемонизирачки лаги за нивни сограѓани. Тоа САД ги прави ранливи од истите техники за странска манипулација кои тие со децении ги вежбаа по светот.