Британија вежба удар на нова пандемија

Поучена од грешките што ги направи во одговорот на пандемијата на ковид-19, британската влада ја спроведе вежбата Пегаз како реакција на можно сценарио за ширење нов, уште посмртоносен вирус. Слична голема вежба за сценарио за пандемија на коронавирус била спроведена во Њујорк во октомври 2019 година - три месеци пред да избувне реалната пандемија во Вухан.

Вежбата Пегаз, една од најголемите симулации на пандемија воопшто, била спроведена од септември до ноември и во неа биле вклучени сите главни одделенија на британската влада.

Било поставено сценарио во кое нов ентеровирус се појавил на фестивал за храна на остров во југоисточна Азија и се проширил низ целиот свет. За закана бил избран реалниот вирус EV-D68, кој е посмртоносен од ковид-19 и непропорционално ги погодува помладите генерации. 

Вистинскиот EV-D68 првпат бил изолиран во Калифорнија во 1962 година. Освен респираторни заболувања и менингитис, кај доенчиња може да предизвика парализа слична на полио.

Ентеровирус е добар избор бидејќи е реална можност со реални ризици, но е различен од она што го видовме претходно, објаснува Питер Хорби, професор по инфекции и глобално здравје на Оксфорд и директор на Институтот за пандемиски науки.

Во првата фаза од вежбата биле наметнати ограничувања за патувања. Во втората, откако веќе била прогласена пандемија, биле затворени училишта и се сметало дека болниците се под притисок. Во оваа фаза избувнале и првите протести против ограничувањата и биле ангажирани служби за безбедност за да ги разбијат. Во третата фаза од Пегаз бил прогласен национален карантин и биле затворени сите „небитни“ бизниси.

Пегаз била означена како „национална вежба за вонредни состојби од највисоко ниво“. Тоа подразбира вклучување на сите министерства и активирање на кабинетот КОБРА за итна реакција на вонредни состојби. 

Вежбата се поклопи со објавувањето на заклучоците од истрагата за реакцијата на властите во периодот на пандемијата на коронавирусот. Истрагата истакна многу грешки и заклучи дека владата реагирала предоцна за да го ограничи бројот на жртви и да спречи серија карантини со катастрофални последици. 

Големо прашање е дали нешто навистина се променило по ковидот? Дали се промениле системите и дали имало поефикасни одговори?, укажува Хорби.

Слична голема вежба во октомври 2019 година била и Event 201, спроведена во Њујорк од Универзитетот Џонс Хопкинс, Светскиот економски форум и Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс. Сценариото било ширење на коронавирус што се појавил на фарма за свињи во Бразил. Само три месеци подоцна во Вухан избувна реалната пандемија на коронавирус.

26 ноември 2025 - 10:24