Во новата Стратегија за државна национална политика до 2036 година особено внимание е посветено на консолидирањето на рускиот јазик и идентитетот во русофонските региони во Украина, кои Русија ги контролира веќе три години и официјално ги прими во Федерацијата, иако нивниот дефинитивен статус ќе биде утврден со мировниот договор.
Во документот, кој треба да стапи на сила во јануари, се вели дека обезбедувањето контрола врз источните региони создало услови за „враќање на единството на историските територии на руската држава“.
Од витално значење е да се усвојат дополнителни мерки за зајакнување на целокупниот руски граѓански идентитет, да се зацврсти употребата на рускиот јазик и да се дејствува против напорите на непријателските странски држави да ги дестабилизираат меѓуетничките и верските односи за да создадат поделби во општеството, пишува во документот.
Стратегијата опфаќа напори за спротивставување на манифестациите на неонацизам, русофобија, расизам и ксенофобија, а ќе промовира одбрана на единството, територијалниот интегритет и внатрешната стабилност. Една од идентификуваните закани е користењето на невладините организации во националната и културната сфера за унапредување на интересите на други земји на штета на интересите на Русија.
Во документот се заклучува дека меѓуетничките односи во Русија се стабилни, но се забележува дека се загрозени од „напорите на непријателските земји да го поделат општеството и да шират русофобија низ светот. Целта е до 2036 година нивото на „панруски идентитет“ да достигне најмалку 95%, а пријавите на дискриминација врз основа на националност или јазик да се намалат под 10%.
Ерозијата на духовните, моралните, културните и историските вредности поради глобализацијата е закана за националната безбедност, се наведува во документот.
Дефинирани се и планови против прекумерна употреба на странски изрази, особено од младите, како и за промовирање на рускиот литературен јазик за професионална и лична комуникација.