Ова можеби е заради нејзиното верување дека радозналоста е неопходна за добро владеење. Меѓутоа, тука има и втора уште поважна причина за желбата на Меркел да патува на исток: Речиси сè што ќе ја одлучи иднината на Германија е врзано со Кина.
Кина сака да стане економска светска сила и ја користи својата рапидна дигитализација за да го направи тоа. Пекинг е пример за авторитарност кој е толку агресивен и конзистентен што стана столб на надеж за сите кои се сомневаат во ефикасноста на западните демократии. Кина стана главен економски и политички предизвик за Германија и Европа. Со децении, стариот континент можеше да се пофали себе си дека е рајот на демократијата, отвореноста кон светот и економскиот успех. Кина е на пат да воспостави многу моќен контра-модел.
Затоа периодов односите со Пекинг повеќе не се сведуваат само на неколку добри или помалку добри разговори, какви што се случуваа во јуни на консултациите меѓу германската и кинеската влада. Ниту пак тие се однесуваат на добивање на оваа или онаа нарачка од милијарда долари. Она што сега е во игра е дали Европа останува на исто ниво со Кина, или таа станува просјакот.
Последната реченица звучи малку нервозно и таква треба и да биде. Промените во изминатата деценија тешко би можеле поинаку да се опишат. Кина изгледа како да не може да биде зауздана. Европа, наспроти ова, е се повеќе и повеќе парализирана. Најголемата грижа на Кина е дека повеќе не би можела на својата рапидно растечка средна класа да и понуди доволно новитети. Европа, во меѓувреме, се мачи со фактот дека низ голем број држави на ЕУ почнува да се појавува една класа, лишена од сите плодови на развојот. За секој што има осет за модерност и динамизам, Кина е иднината. Чувството е како да гледаш Формула 1 болид како претркува убав но стар Фиат 500.
Несигурноста е уште поголема кога вистински си го искусил темпото во Кина на неколку дена и потоа ќе се вратиш на германските дебати околу социјалната држава, пензиите и минималната плата. Ова не значи дека овие дебати не се важни. И не значи дека треба да ја замениме макотрпната работа за решенија со авторитарност а ла Кина.
Меѓутоа споредбата ги покажува различните брзини со кои се движат Европа и Кина. И открива колку се неодговорни сите оние кои, заради национално насочени причини, провоцираат поделби и ги отежнуваат компромисите во Европа. Како се уште да немаат сфатено што се случува низ светот.
За Берлин и Брисел, релацијата со Пекинг е напорен акт на наоѓање рамнотежа. Колку што е можно повеќе соработка, колку што е потребно повеќе дистанца. Ова може да звучи банално, но е клучно како компас во справувањето со Кина. Одбраната на човековите права не е ситница. Тие ја сочинуваат Европа. Откажување од нив значи и откажување од самите себе си, од тоа кои сме ние.