Тоа со 10.000 чекори на ден не го бива

Логиката е што сакаш прави во текот на денот, само гледај некако да минеш 10.000 чекори, без разлика дали тоа било цупкање во место, шетање по продавници или пешачење на планина. Ним им е сеедно, се додека се 10К.

Самата бројка од 10.000 чекори е крајно произволна и потекнува од јапонска маркетинг кампања од 1960-те, кога тамошна компанија го произведува првиот рачен мерач на чекори. Уредот се вика манпо-кеи што отприлика се преведува во „мерач на 10.000 чекори“.

„Во тоа време нема никакви вистински докази да ја поткрепат бројката. Тие само имаа чувство дека бројката наведува на активен животен стил и дека е здрава,“ објаснува првиот човек на студиите по кинезиологија, рекреација и спорт на Универзитетот на Тенеси, професор Дејвид Басет.

Иако постепено низ годините бројката е прифатена и од СЗО, Американската фондација за срце и американското министерство за здравство, последниов период се повеќе експерти почнуваат да ја оспоруваат по основа дека зад неа не стои никаква здравствена логика.

Проблеми со бројката има повеќе, пример таа станува толку сеприсутна што студии не ни пробуваат да видат дали ќе се добијат слични или подобри резултати ако се мери по 8.000 чекори на ден или 12.000. Таа исто така може да е и опасна за луѓе со посериозни болести и пониски нивоа на физичка подготвеност за кои 10.000 чекори на ден би можеле да доведат до последици. За други таа може да им се види преголем подвиг и комплетно да ги откаже од физичка активност. Токму затоа некои студии кои ја истражуваат „заштитната природа на физичката активност“ во однос на хронични болести од срцеви заболувања до мозочен удар и разни видови рак препорачуваат меѓу 6 и 8 илјади чекори.

Други научници кои се обиделе да го пребројат точниот број на чекори што е еднаков на препораките за јавно здравје од 30 минути умерена активност на ден доаѓаат до бројка од 7.500 чекори минимум.

Слабоста на толкувањето на физичката активност во број на чекори е и што за сега нема утврдено кој е максималниот број што е добар за луѓето. Моментално се вршат одделни студии на горна граница од 15 и 18 илјади чекори.

Главна мана на броењето е што целта од 10.000 чекори не го зема предвид интензитетот на вежбањето, дали тие се направени со качување на планина или со ашкање низ куќа, и дали од двете активности има ист ќар.

„Во последно време научниците почнаа да следат каденс, што ја опфаќа стапката или фреквенцијата на чекори. Кога интензитетот е соодветен твоето срце отчукува малку побрзо, повеќе крв патува низ твоето тело, и работите се случуваат побрзо,“ објаснува професорката од Центарот за персонализирано следење на здравјето на Универзитетот Масачусетс, Кетрин Тудор-Лок.

Во последната студија што Тудор-Лок ја објави во јуни годинава, таа доаѓа до заклучок дека минимум 100 чекори во минута се неопходни за да има корист од една вежба.

4 септември 2018 - 17:53